Економија
Германците ги прифатија руските барања – гасот ќе го плаќаат во рубли

Една од најголемите германски енергетски компании објави дека се подготвува да купува руски гас во рубли и покрај некои критики дека тоа ќе ги поткопа санкциите што Европската унија ги воведе кон Русија.
Унипер вели дека ќе плаќа во евра, кои ќе бидат претворени во рубли, исполнувајќи го барањето на Кремљ сите трансакции да се вршат во руска валута.
Други европски енергетски компании, наводно, се подготвуваат да го сторат истото поради намалувањето на снабдувањето.
„Веруваме дека конверзијата на плаќањата е можна во согласност со законот за санкции и рускиот декрет“, изјави портпаролот за Би-Би-Си.
„За нашата компанија и за Германија како целина, не е можно да остане без руски гас, тоа би имало драматични последици за нашата економија“.
Германија во моментов купува четвртина од потребната количина нафта и 40 отсто гас од Русија.
Неодамна шефот на дипломатијата најави дека Германија до крајот на годинава ќе престане да увезува нафта од Русија.
Ќе го преполовиме увозот на нафта до лето и ќе бидеме на нула до крајот на годината, а потоа истото ќе го направиме и со гасот“, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.
Германските енергетски експерти предупредија дека земјата може да се соочи со рецесија доколку увозот веднаш се запре.
Кон крајот на март, Русија рече дека „непријателските земји“ ќе мора да почнат да плаќаат за нафта и гас во рубли за да ја поддржат сопствената валута, бидејќи западните земји замрзнаа милијарди долари и рускиот приватен и државен имот во странство.
Според декретот на руската влада, европските увозници треба да уплатат евра или долари на сметка во Гаспромбанк, швајцарската трговска филијала на Гаспром, а потоа да ја претворат во рубли на друга сметка во Русија.
Европската комисија минатата недела објави дека доколку купувачите на руски гас можат да плаќаат во евра и да добијат потврда пред било каква конверзија во рубли, тоа нема да ги прекрши санкциите.
Но, оваа недела, шефицата на Европската комисија Урсула фон де Лаен рече дека некои енергетски компании можеби ќе продолжат да ги кршат правилата.
Неименуван претставник на ЕУ во четвртокот потврди дека секој обид за претворање на готовина во руби во Русија ќе биде „јасно заобиколување на санкциите“, бидејќи трансакцијата ќе ја вклучи руската централна банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Предизвик за сите гејмери: НЕПТУН организира голем GAMING настан

На 4 и 5 јуни во Нептун Ист Гејт Мол ќе се одржи голем GAMING настан. Сите гејмери, сите „зависници“ од адреналин, а особено фудбал фановите се повикани на предизвикот од Нептун. Во пресрет на светскиот ФИФА куп 2022, дводневниот настан организиран од Нептун ќе понуди пред се добра забава и дружење, но и 120 вредни награди за сите натпреварувачи.
Ќе се игра ФИФА 2022 на терен пред продавницата на Нептун во Ист Гејт Мол со високо професионална техничка поддршка. Секој ден ќе донесе по еден победник, но награди за секој пријавен натпреварувач.
Пријавувањето за учество на GAMING настанот е бесплатно со пополнување на апликација на линкот https://bit.ly/3wQb5Jy кој ќе биде активен се до 31.05.2022 на полноќ.
Местата се ограничени, а право на учество имаат гејмери со минимум наполнети 16 години.
Натпреварот на НЕПТУН е пред се пријателски и фер натпревар. Пријавете се на предизвикот и бидете дел од возбудата на 4 и 5 јуни во срцето на градот.
(ПР)
Економија
Со обврзници за денационализација од 6 милиони евра државата ќе ги обесштетува граѓаните

Државата денеска преку Министерството за финансии ја емитуваше дваесет и првата емисија обврзници за денационализација во вкупен износ од 6 милиони евра.
Со оваа обврзница, како што информираат од Министерството, ќе се обесштетат сите лица со правосилни решенија за денационализација од 1.1.2021 година до 31.12.2021 година, каде што е утврден надомест во обврзници.
Средствата доделени преку обврзниците државата ќе ги исплаќа на десетгодишни рати со годишна камата од 2 отсто.
„Република Северна Македонија може во секое време да изврши откуп на обврзниците за денационализација пред рокот на нивното достасување според условите, начинот и постапката што ги утврдува Владата на Република Северна Македонија. Тргувањето со обврзниците за денационализација ќе се врши на Македонска берза АД Скопје, со посредство на брокерските куќи и банките членки на Македонската берза. Пред рокот на нивното достасување, граѓаните може да ги користат обврзниците за денационализација за отплата на становите во општествена сопственост“, наведуваат од Министерството за финансии.
Економија
Ковачевски: Историското покачување на платите во образованието мора да значи и подобри резултати во работата

„Се покажа дека штрајкот практично не беше решение, туку дека дијалогот е решение“, оцени премиерот Ковачевски на седницата на пратенички прашања во Собранието, за резултатите од разговорите со СОНК, за платите во образованието.
„Постигнато е историско зголемување на платите во образовниот сектор што изнесува 15 проценти и заедно со покачувањата во изминатите години коишто беа 21 процент кумулативно, се над 36 проценти покачување на платите во образованието. Во историја не се случило такво зголемување и покачување на платите на наставниците и просветните работници“, посочи премиерот Ковачевски.
Тој ја потенцираше споредбата кога за 10 години, платите беа само за 4 проценти зголемени и се носеа на секој штрајк заменски наставници и денес кога има за 36 проценти покачување, за 5 години и се водат дијалози со синдикатите.
„Постоеја голем број влијанија кои сметаа дека СОНК треба да оди со штрајк и ние во ниту еден момент не го спречивме. Кажав дека поминати се времињата кога се носеше закон за носење на заменски наставници и кога третманот на наставници и образовни работници во време на штрајк беше исклучиво со партиски и политички притисоци“, рече премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата Ковачевски, додаде дека „нашата држава има институции и има законски решенија коишто овозможуваат и без штрајк да се постигне договор, а оваа Влада докажа дека може да ги користи законските решенија со коишто се доаѓа до заеднички прифатливо решение и во оваа сфера каде што се регулираат работничките права“.
„Уште еднаш сакам да го поздравам договорот којшто е постигнат, знам дека министерот за образование и СОНК треба во овие денови да ја потпишат спогодбата и со тоа да почне и реализацијата. Нормално, во ребалансот предвидени се средствата за она што беше договорено, а останува пред нас да се договори методологијата за зголемување, раст на платите во јавниот сектор вклучително и во секторот на образование“, рече премиерот Ковачевски.
„Имаме и отворен дијалог со репрезентативниот синдикат во однос на зголемување на платите и воведување на методологија, којашто нема да биде насочена само на зголемување на платите врз основа на зголемување на трошоци за живот што треба да биде вклучено, врз основа на зголемување на просечна плата што треба да биде вклучено – меѓутоа и во однос на зголемување на продуктивноста и во однос на зголемување на ефикасноста на работењето, бидејќи овде се работи за јавниот сектор. Приватниот сектор е тој којшто го плаќа јавниот сектор и мора да му се испорача повисока услуга. На последната седница на Владата се донесе нова програма за инвестиции во образованието, но точно е дека треба да се подобрат и резултатите во образованието“, порача премиерот Ковачевски.
Тој посочи на резултатите од Пиза тестирањето и низа други споредбени податоци од други држави, што покажуваат дека има многу што да се работи.
Премиерот Ковачевски најави дека во разговорите за реформите ќе учествуваат синдикатите, но и оние на кои се однесуваат – и наставниците, исто како што за првпат при носењето на Законот за средно образование, којшто сега е во постапка, ќе бидат вклучени и средношколците.
„Сите треба подеднакво да учествуваат во зголемување во перформансите на нашето образование, затоа што ако држава сака да оди напред, таа мора да оди со образувани млади луѓе коишто ќе учат нови работи“, констатираше премиерот Ковачевски на седницата за пратенички прашања во Собранието.