Економија
Големо поскапување на горивата – бензините од полноќ поскапи 5,5 денари, дизелот 10 денари

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ја информира јавноста дека во изминатиот седумдневен период референтните цени на сите нафтени деривати на светските берзи бележат до сега незабележан рекорден раст кај сите нафтени деривати, и тоа: кај бензинот 10,990 %, кај дизелот 21,147 % , кај екстра-лесното масло 18,278 % и кај мазутот зголемување од 13,830 %.
„Од ден на ден драстично се зголемуваат цените на нафтените деривати на светските берзи, а дополнително на тоа и курсот на доларот расте, овие се клучни фактори што влијаат врз крајната цена. Поради сложената геополитичка состојба, која се одразува врз цената на енергентите, а со цел да се обезбедат сигурност и стабилност на пазарот со нафтените деривати и да се заштитат потрошувачите од големи ценовни осцилации, од сега натаму РКЕ ќе носи одлуки на дневно ниво за цени на нафтени деривати доколку берзанските цени имаат значителни промени. Овој принцип ќе се применува секогаш во состојби на екстремни дневни промени на берзанските цени. За состојбата во нафтениот сектор, РКЕ ја информира Владата детаљно и анализите им се ставени на располагање со цел да се носат соодветни одлуки за да се заштити стандардот на граѓаните. Нафтени деривати има во доволни количини, проблем е високата цена, но не само кај нас, туку во цела Европа. Неопходно е сите да се однесуваат рационално во ваква вонредна и непредвидлива состојба за која не се знае колку ќе трае и со каков епилог“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 6,149 денари/килограм и сега ќе изнесува 54,319 ден./кг.
Од 8.3.2022 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин „евросупер БС-95“ – 89,50 (денари/литар)
Моторен бензин „евросупер БС-98“ – 91,50 (денар/литар)
Дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 85,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 83,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 54,319 (денари/килограм)
Во споредба со регионот, а во согласност со последните достапни податоците од 6.3.2022 година (недела), во земјата „евродизелот“ е со најниска цена и изнесува 1,388 евро/литар, а во Србија изнесува 1,552 евро/литар, во Бугарија е 1,457 евро/литар, во Албанија 1,616 евро/литар, во Грција 1,678 евро/литар и во Хрватска 1,497евро/литар. И „евросуперот БС-95“ исто има најниска цена во земјата, од 1,453 евро/литар (цена актуелна од полноќ), за разлика од Србија, каде што цената на „евросуперот БС-95“ изнесува 1,482 евро/литар, во Албанија 1,632 евро/литар, во Грција e 1,951 евро/литар и во Хрватска 1,507 евро/литар. Само во Бугарија е пониска и изнесува 1,427 евро/литар.
Од РКЕ напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00.01 часот на 8.3.2022 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт може да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Влада: Реализиравме клучно ветување – просечната месечна нето-плата 31.080 денари

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во март 2022 година, изнесува 31.080 денари, согласно податоците на Државниот завод за статистика. Ова значи и реализација на клучно ветување за просечна месечна нето-плата од 30.000, што веќе евидентирано ја надминува поставената цел. Во однос на март 2021 година, истата е зголемена за 10,1 отсто или за 2.863 денари.
Согласно статистика, ваквото зголемување се должи, пред сè на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (21.4 %), Уметност, забава и рекреација (20.2 %) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (19.5 %).
Податоците на Државниот завод за статистика го потврдија трендот на раст на платите кој е резултат на економските мерки и политики што ги спроведува Владата. Доколку последниот податок го споредиме со март 2017 година кога просечната плата била 22.445 денари, разликата е 8.635 денари.
Владата и во услови на најголема светска криза, продолжува со засилена динамика, да носи мерки во интерес на граѓаните. Минималната плата е зголемена на 18.000 денари, пензиите доживеаја историски највисок раст, а невработеноста е исто така на историски најниско ниво. Владата со сите засегнати страни низ дијалог, креира методологии со кои платите и пензиите, ќе продолжат континуирано да растат.
Економија
Во тек е исплатата на образовниот додаток за трет мерен период

Министерството за труд и социјална политика известува дека во тек е исплатата на образовниот додаток за трет мерен период за учебна година 2021/2022 година во која се опфатени вкупно 32.403 корисници на ниво на држава.
Исплатата на додатокот за образование се врши во четири мерни периоди, и тоа: за првиот мерен период во текот на месец декември во тековната календарска година, за вториот мерен период во текот на месец февруари во наредната календарска година, за третиот мерен период во текот на месец мај во тековната календарска година и за четвртиот мерен период исплатата се врши во текот на месец јули во тековната календарска година.
Висината на додатокот за образование за ученици во основно училиште изнесува 737,00 денари месечно, односно 2.211,00 денари по мерен период. Висината на додатокот за образование за ученици во средно училиште изнесува 1.053,00 денари месечно, односно 3.158,00 денари по мерен период.
Економија
Битиќи: Северна Македонија е доверлив партнер на инвеститорите

Заменик-претседателот на Владата за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска беше дел од тркалезна маса со поголем број претставници од данските индустрии и директорот на „Дански индустрии“, Јенс Холст Нилсен.
Целта за организирањето на тркалезната маса е презентација на поволностите и бизнис-климата за инвестирање во Северна Македонија, зајакнување на бизнис-врските помеѓу двете земји, како и можностите за nearshoring за данските компании. Во фокус беа темите за енергетика и преработувачката индустрија.
Вицепремиерот Битиќи упати порака кон присутните дека Северна Македонија е доверлив партнер на инвеститорите и дека тие можат да сметаат на отворена врата и помош при нивните одлуки за инвестирање во нашата земја.
Во текот на денешниот ден, втор од бизнис-посетата на вицепремиерот Битиќи, се сретна и со Филипе Волот, директор на Данске банк, која е најголема банка во Данска која работи во нордиските земји, но и пошироко. Се разговараше за можностите за финансирање на инфраструктурни проекти, енергетика и образование, како и размена на искуства за онлајн банкарство.