Економија
Горивата поскапуваат

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,23 % во однос на Одлуката од 12.10.2021 година.
Малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98, како и на еуродизел (Д-Е V) и на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден за литар, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 12.10.2021 година.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,249 денари за килограм и сега ќе изнесува 43,010 ден за килограм.
Од 19.10.2021 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин еуросупер БС – 95 76,50 (денари/литар)
Моторен бензин еуросупер БС -98 78,50 (денари/литар)
Дизел гориво еуродизел БС (Д-Е V) 68,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 43,010 (денари/килограм)
Во изминатиот седумдневен период сите референтни цени на светските берзи во просек бележат зголемување: кај бензинот за 2,197 %, кај дизелот за 2,842 %, кај екстра лесното масло за 2,853 % и кај мазутот за 0,554 %.
Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот е повисок за 0,164 % , информираат од Регулаторна комисија за енергетика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Битиќи: Странските компании и Владата имаат стабилно партнерство за работа и развој

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, и економскиот тим на Владата на РСМ, остварија редовна квартална работна средбa со Асоцијацијата на странските компании со технолошко напредно производство, на која дискутираа разни предлози и решенија што би влијаеле за подобрување на условите за водење бизнис во државата.
На средбата беа разгледани клучните иницијативи и предлози во врска со прашањата за енергетика и инфраструктура во делот на олеснување на процедурите за поставување фотоволтаици во големите производствени компании.
Другите теми на состанокот беа царина, даноци, државна помош, пазар на труд и грижа на инвеститори.
Дел од барањата на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство се однесуваа на усогласување на царинските стапки до ниво на ЕУ, за дополнителни тарифни ознаки за суровини и репроматеријали, продолжување на примената на Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, превод на меѓународни стандарди за финансиско известување и ред други теми што би ги подобриле условите за водење бизнис во државата.
„Секогаш со внимание ги слушам забелешките на инвеститорите и сум отворен за забелешки за тоа како да ги подобриме условите за работењето на компаниите. Нашите напори одат во правец на поддржување на економијата од обновливи извори на енергија, што е многу значајно за нас како Влада“, рече вицепремиерот Битиќи.
Присутните претставници од Асоцијацијата на странските компании го изразија нивното задоволство од соработката со државните институции, а што е во интерес на економијата и граѓаните на Северна Македонија во целина.
Економија
Андонов: Државите што направија стратешка транзиција полесно ја поминаа енергетската криза

Соработникот за енергетика во канцеларијата на претседателот на Владата, Виктор Андонов, учествуваше на четвртиот самит за енергетика „СЕТ Требиње 2023“ во Требиње, Бoсна и Херцеговина, кој се одржа со слоганот „Енергетска стабилност на Западен Балкан“ и на кој учество зедоа 720 учесници од целиот регион, меѓу кои беа и креатори на регионални енергетски политики и иницијативи.
Андонов имаше свое обраќање на првата панел-дискусија со наслов „Забрзување на регионалниот одржлив план и транзиција кон чиста енергија“, на која зборуваше за националната стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, како и за енергетските политики што ги спроведува Владата на Република Северна Македонија.
„Кризата нѐ научи да размислуваме и да дејствуваме постепено, чекор по чекор да ја правиме транзицијата, да не брзаме. Се прават анализи за влијанието на новиот механизам на Европската комисија CBAM (Carbon Border adjustment mechanism) врз домашната економија.
Преку зголемување на регионалната соработка на земјите од Западен Балкан успешно можеме заеднички да се справиме со предизвиците што ни доаѓаат“, рече соработникот за енергетика, Виктор Андонов, на панел-дискусијата посветена на забрзување на регионалниот одржлив план и транзиција кон чиста енергија во Требиње, Босна и Херцеговина.
Економија
Битиќи: Со инфраструктурните проекти од програмата на ТАВ го подобруваме квалитетот на живот на сите наши граѓани

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, ја посети општина Чучер Сандево, каде што e завршен инфраструктурен проект од ТАВ-програмата.
„Во оваа општина се работеше на реконструкција со асфалтирање улица во должина од 2 километри, која ги поврзува селата Мирковци и Бањани, односно поврзува 2 илјади наши сограѓани од овие села или речиси 10.000 сограѓани од целиот овој регион, кои секојдневно ја користат.
Токму ова се придобивките од инфраструктурните проекти на ТАВ-програмата, локални инфраструктурни проекти во сите општини, во целата држава, кои го подобруваат квалитетот на живот на сите наши граѓани“, изјави Битиќи.
Тој информира дека веќе се реализирани 70 % од почнатите проекти од ТАВ-програмата, а сите ќе бидат завршени во предвидениот рок до крајот на 2023 година.
„Со добро планирање и работа, сѐ се може! Градиме водоводи, канализации, спортски сали, патишта и улици, градинки, домови за стари лица, младински центри, инфраструктурни проекти, кои се значајни за сограѓаните што живеат во овие општини.
Ја јакнеме локалната инфраструктура, задоволен сум кога ја гледам динамиката на реализација на проектите, тоа значи дека моите сограѓани добиваат и квалитет и навременост“, изјави Битиќи.