Економија
Дизелот поевтинува за 2,5 денари
Од ноќеска на полноќ дизелот ќе поевтини за 2,5 денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 77,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,50 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,50 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 72,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,188 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,499 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), не се менуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Оваа недела ќе се одржи 58. сесија на Клубот на истражувачите на Народната банка
На 18 јуни 2026 година (четврток), со почеток во 14 часот, ќе се одржи 58. сесија на Клубот на истражувачите во просториите на Народната банка.
На сесијата ќе биде презентиран трудот: „Поширок поглед врз стабилноста на банките: Дали нефункционалните кредити се значајни за земјите во развој?“, од авторите, проф. д-р Бесиме Зибери и д-р Артина Беџети Бафтијари.
По презентирањето на трудот e предвидена дискусија.
Клубот на истражувачите на Народната банка е отворена платформа за презентација и дискусија на научноистражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. Трудовите коишто се презентираат на сесиите на Клубот, треба да бидат изработени согласно со трендовите и стандардите на современите истражувања, што подразбира емпириска анализа, како и систематизирани заклучоци од истражувањето.
На сесиите на Клубот како платформа за дискусија и размена на стручни мислења, може да се презентираат резултати и сознанија и од истражување/труд во работна верзија. Сесиите се од јавен карактер и фотографиите од настанот се објавуваат на веб страната на Народна банка и на профилите на социјалните мрежи.
Зачленувањето во Клубот на истражувачите е од отворен карактер.
Економија
Тодор Анѓушев на трибината на МАКО СИГРЕ: Батериските системи се следниот голем чекор во енергетиката
Новото клучно прашање во енергетскиот сектор е каде и како ќе се складира произведената електрична енергија од обновливи извори, изјави Тодор Анѓушев, управител на ЕМС во рамките на ФЕРО ИНВЕСТ, на стручната трибина „Складирање на електрична енергија и интеграција на производство од обновливи извори – Предизвици и решенија“, организирана од МАКО СИГРЕ на ФЕИТ во Скопје.
Тодор Анѓушев нагласи дека без батериски системи е невозможно целосно да се искористи потенцијалот на обновливите извори на енергија, но дека поставувањето батериски систем е многу посложено од градење сончева електрана.

„Батериските системи се сложен енергетски објект, кој треба правилно да се проектира, софтверски да се интегрира, да се усогласи со мрежните правила, регулативите и пазарните механизми, и најважно-дневно да се управува“, – истакна Анѓушев, кој нагласи дека е многу важно инвеститорите да проценат кој ќе им го инсталира батерискиот систем, кој ќе се грижи за истиот, кој дневно ќе го програмира за полнење и празнење и конечно, кој ќе им ја откупува произведената и складирана електрична енергија.
Тодор Анѓушев даде конкретен пример преку батериските системи на ФЕРО ИНВЕСТ кои се веќе реално поставени, поврзани на мрежа, стекнати со сите дозволи, и веќе подолг период работат и се дел од комерцијална експлоатација без никаква техничка или административна пречка.

ФЕРОИ НВЕСТ во 2025г. го изведе првиот батериски систем во Македонија кој беше поставен на сопствена електрана, и кој според новите законски одредби, единствен имаше градежна дозвола, согласност за приклучок на мрежа и лиценца за складирање електрична енергија.
ФЕРО ИНВЕСТ досега учествуваше во изведување на над 250 MWh (мегаватчаса) батериски системи за сопствените електрани и за електрани на клиенти.
Во реализација се уште околу 70 MWh батерии.

На панел-дискусијата на ФЕИТ учествуваа и претставници од клучните институции и компании во енергетскиот сектор: Електродистрибуција, МЕПСО, МЕМО, ФЕРО ИНВЕСТ и Интебако.
На дебатата се потенцира дека батеријата овозможува електричната енергија да се складира во текот на денот, кога има високо производство од сонце, а пазарните цени се ниски, и да се користи или продава во ноќните часови, кога нема сончево производство, а побарувачката на енергија и пазарните цени се драстично повисоки. На овој начин батериите создаваат добивка за производителот, односно за електраната, а истовремено му помагаат на електроенергетскиот систем на Македонија, штитејќи го од преоптоварување со прекумерни количини енергија во критичните часови од денот.
ПР
Економија
Николоски: Од 2 јули нова директна линија Анкара- Скопје и карго железничко поврзување меѓу Македонија и Турција
Бизнис форумот што го одржавме во Истанбул беше одлична можност за зголемување на трговската соработка меѓу Македонија и Турција. На средбите со министерите за трговија и министерот за транспрот договоривме воведување на нова авиолинија од 2 јули, линијата Анкара-Скопје како и железничко карго поврзување меѓу двете земји, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски во гостувањето на ТВ Сител.
Тој потенцира дека многу турски компании се заинтересирани за инвестции во Македонија, а дека односите се одлични покажува и пречекот на премиерот Христијан Мицкоски од страна на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
“ Има голем интерес на турски компании да инвестираат во Македонија, причина е што Македонија има договор за слободна трговија со EУ и одличен договор со САД. Турција има проблем во извозот во Европската Унија и одредени компании се заинтересирани токму во Македонија да инвестираат. Понатаму, тука е блискоста помеѓу двата народа и двете држави и релативната близина има добра поврзаност. Веќе Туркиш Ерлајнс покрај Скопје, почна да лета за Охрид, а од 2 јули започнува директен лет на АЏет од Анкара до Скопје. Морам да нагласам дека е без субвенции, што значи дека воопшто не побараа субвенции и мислам дека е добро да ја отворат. Заедно со двајцата министри, министерот за трговија, министерот за транспорт и инфраструктура договоривме и карго поврзување помеѓу двете држави, имајќи предвид дека едниот крак на Коридор 10 започнува во Истанбул и тоа е најкраткиот пат за роба од Турција до Централна Европа”-изјави Николоски.
На прашање дали се очекува да се подигне трговската размена до 2 милијарди долари, заменик претседателот на Владата, Николоски, вели дека е за очекување од причина што многу турски компании инвестираат во Македонија, но и многу македонски компании инвестираат во Турција.
“Бројни македонски компании инвестирале во Турција или работат во Турција, бројни турски компании инвестирале во Македонија или имаат работа во Македонија. Така што е добро да оваа соработка да расте, а самото тоа што премиерот Мицковски вчера беше на највисоко ниво пречекан од страна на претседателот Ердоган, беше пречекан онака како што најдобро би можеле да посакаме да биде пречекан еден државник од Македонија со сите највисоки почести. Тоа покажува какви се односите помеѓу двете држави, тоа покажува и која е личната почит кон премиерот Мицкоски од страна на претседателот Ердоган, но и кои се односите помеѓу двете држави. Така што мислам дека целокупно успешен беше овој форум и плодовите ќе ги собираме во периодот што следи”- истакна Николоски.
