Економија
Димитриеска-Кочоска на глобалниот форум за транспарентност и размена на информации за даночни цели при ОЕЦД
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска учествува на Пленарен состанок на Глобалниот форум за транспарентност и размена на информации за даночни цели што се одржува од денеска до 29 ноември во Парагвај, а кој е посветен на глобалната имплементација на меѓународните стандарди за даночна транспарентност и напредок на земјите, како и на предизвиците со кои се соочуваат земјите при имплементација на стандардите. Министерката учествува на Форумот во придружба на државниот секретар во МФ Андриана Матлиоска.
Министерката Димитриеска-Кочоска на панел-дискусија ќе се осврне на приоритетите, искуството и предизвиците во имплементација на Стандардот за автоматска размена на информации (AEOI) којшто е клучна алатка за јурисдикциите, односно државите, во борбата против даночното затајување и заштита на интегритетот на нивните даночни системи.
На состанокот, Секретаријатот на Глобалниот форум ќе ја претстави поддршката што е дадена на членовите во процесот на имплементација на стандардите. Глобалниот форум го сочинуват над 170 јурисдикции, кои ги вклучуваат земјите од групата Г-20, финансиските центри, а повеќето од членките се земји во развој. Сите членки работат заедно, на исто рамниште, во борбата против офшор даночна евазија.
Најважна задача на Глобалниот форум е развој на капацитетите со цел поддршка и овозможување брза и ефективна имплементација на стандардите за транспарентност и размена на информации од страна на сите членки, особено земјите во развој.
Имено, РС Македонија е во процес на имплементација на стандардите за автоматска размена на информации. Стандардот AEOI се однесува на годишна размена на информации за финансиските сметки на нерезиденти во однапред дефиниран формат, а тие разменети информациивклучуваат детали за финансиската сметка (на пример, финансиската институција што ја одржува, бројот на сметката и состојбата на сметката) и детали за сопственикот на сметката (на пр., неговото име, адресата, датумот на раѓање и идентификацискиот број на даночниот обврзник).
Спроведувањето на Стандардот AEOI бара јурисдикциите да ги прибираат информациите од нивните финансиски институции секоја година и автоматски да ги разменуваат со јурисдикциите каде што имателот на сметката е даночен резидент. За успешна размена на информациите потребна е и законодавно-правна и административна инфраструктура.
Во фаза на подготовка е Предлог-закон за административна соработка, со кој, меѓу другото, ќе се пропишат одредби за автоматска размена на информации за финансиски сметки и за автоматска размена на информации за извештаи по земја. Со Законот ќе се утврди конкретна правна рамка којашто ќе придонесе кон зајакнување на соработката меѓу даночните администрации, a оттаму и борба против прекуграничната даночна евазија и даночното затајување, зголемување на наплатата на даноците, како и зајакната борба против корупцијата и перењето пари.
РС Македонија е членка на Глобалниот форум за транспареност и размена на информации за даночни цели при ОЕЦД од јануари 2011 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Тутунот се откупува по цена од 375 денари, инспекторатот на терен
Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, заедно со инспекторите од ДИЗ, беа во контрола на откупните пунктови за тутун во прилепскиот регион.
За време на остварената контрола беше констатирано дека откупот тече во нормални услови и интензитет. Тутунот од прва класа се откупува по цена од 375 денари, додека кај едена компанија откупувач е постигната цена од 400 денари по килограм.
Директорот Анакиев посети неколку пунктови од вкупно пријавени 287 на територијата на државата. Во текот на извршените контроли е утврдено дека се пријавени 305 ваги.
Воедно, од Државниот Инспекторат на Земјоделство информираа дека од почетокот на откупот, до сега се откупени вкупно 6.360.485,24кг 1 класа тутун, 13.485,59кг втора класа и 556,81кг трета класа тутун. Вкупната бројка е 6.374.550,44кг, додека просечната откупна цена изнесува 376,00 денари. Од овие количини исплатени се вкупно 57% од откупените количини кон тутунарите.
Инспекторите на ДИЗ остануваат и понатаму на терен каде будно ќе го следат и контролираат откупот.
Економија
Мицкоски: 6.000 денари за 1.000 килограми откупена оризова арпа наменета за извоз и субвенции од 18.000 денари од хектар за 2024 година
По интензивните средби кои ги имавме заедно со министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство, Цветан Трипуновски периодов се пронајде решение за откупот на оризопроизводителите, објави претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на социјалните мрежи.
„Се донесе одлука дополнително да се поддржи откупот со по 6.000 денари за 1.000 килограми откупена оризова арпа наменета за извоз. Плус на ова оризопроизводителите ќе добијат субвенции од 18 илјади денари од хектар за тековната 2024 година.
Ова е конкретна и многу добредојдена поддршка за земјоделците. На овој начин ги решаваме проблемите и се бориме за подобар стандард на сите!“, додаде Мицкоски.
Економија
Дурмиши – Месец: Продолжува плодната соработка помеѓу Северна Македонија и Словенија за унапредување на пазарот на труд
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска оствари билатерална средба со Лука Месец, потпретседателот на владата и министерот за труд, семејство, социјални прашања и еднакви можности на Република Словенија.
Министерот Дурмиши на почетокот на средбата ја нотираше одличната билатерална соработка која ја имаат Северна Македонија и Словенија која во континуитет е пријателска и без отворени прашања, базирана на традиционално пријателство, силно стратешко партнерство и долгогодишна конструктивна соработка и поддршка како на политички така и на економски план.
„Во рамки на економската соработка меѓу Северна Македонија и Словенија ми е задоволство да кажам дека во изминатиот период не се регистрирани поголеми потешкотии или отворени прашања во однос на условите во кои се одвиваше трговската размена. Сега со новата реорганизација Министерството за економија и труд е фокусирано на поддрршка на домашните и странските компании и поддршка на пазарот на труд во земјата, односно е институција во која се спојува бизнисот и работниците. Министерствотот за економија и труд пред шест месеци ги превзема надлежностите во делот на политиките за вработување и пазар на труд како нова надлежност“, кажа министерот Дурмиши.
Двајцата министери разговараа за продлабочување на соработката помеѓу двете земји во процесот на ревизија на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, кој ја регулира работата на Агенцијата за вработување, но и правата по основ на осигурување во случај на невработеност која е започната во 2021 година како можност за добивање експертска поддршка од Словенија за финализирање на овој процес.
„Со оглед на природната миграција во балканските земји, особено кон оние кои се во ЕУ, имаме интерес и за склучување на билатерален договор со Словенија за посредување за вработување, што би се одвивало помеѓу двете национални агенции за вработување,словенечката и македонската. Целта ни е да се овозможи поедноставена процедура на вработување помеѓу двете земји, со истовремена заштита на работниците и нивните права при врешењето на привремената работа“, кажа министерот Дурмиши.
Двајцата министери се договорија за продолжување на соработката во областа на трудовото право и политиките за вработување со цел да бидеме во тек со движењата на пазарот на труд, по угледот на современите економии.