Економија
Димитриеска-Кочоска: Создаваме стабилно и транспарентно финансиско опкружување за развој на приватниот сектор
Создавање и одржување предвидливо, стабилно и транспаретно финансиско опкружување е еден од приоритетите на Владата со цел приватниот сектор да се развива, граѓаните и компаниите да имаат доверба во институциите. Ова беше пораката на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во обраќањето на Ерсте инвеститорискиот појадок што се одржува во Скопје во организација на Ерсте групацијата и Шпаркасе банка.
„Светската економија се наоѓа во период на прилагодување на новите монетарни политики, геополитички предизвици и брзи дигитални иновации. Во такви услови, како креатори на политики на национално ниво, внимателно ги следиме и анализираме глобалните текови и врз основа на тие сознанија носиме соодветни мерки. Нашата цел е да создадеме поволно бизнис-окружување и нови можности за економски раст“, рече Димитриеска-Кочоска
Таа потенцира дека и покрај предизвиците што ги носи глобалното економско окружување домашната еконмија од средината на минатата година до вториот квартал од 2025 година бележи раст од над 3% и дека тоа говори за стабилизација на економската активност, отпорност на економијата и ефективност на политиките.
Посочи дека растот на економијата за ова година е проектиран на 3,5% и дека се очекува таквиот тренд да продолжи и во наредната година со раст од 3,8%. Главен двигател се бруто инвестициите, но дека значаен придонес има и кредитната поддршка за инвестициите, која во септември забележа раст од 16,5% во корпоративниот сектор, како и кредитната линија на Владата за финансирање на инвестиции на приватните компании.
Таа пред присутните посочи дека Министерството за финансии континуирано работи на реформи во јавните финансии, поттикнување инвестиции и развој на нови финансиски инструменти што ќе ја поддржат иновацијата и конкурентноста.
Во таа насока, во изминатиот период во Министерството за финансии интензивно се работеше на анализа на финансискиот пазар и трендовите во регионот и Европа во насока на диверзификација на понудата на финансиски инструмени за инвестирање, како и нивно модернизирање и поедноставување. Нашата цел е да се допре до сите интересни групи и да се излезе во пресрет на интересот на граѓаните.
Оттука, имајќи го предвид интересот на граѓаните за државните хартии од вредност, во Министерството се подготвува нова емисија на Граѓанска обврзница, која ќе биде наменета за граѓаните што сакаат да инвестираат безбедно и директно. Со тоа го збогатуваме портфолиото на достапни инструменти и овозможуваме современ, едноставен, ефикасен и транспарентен систем за инвестирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

