Економија
Директорката на УЈП не призна грешка во испратените решенија за данок од работа во странство, но повика секој што има доказ дека е платен, да го достави
Решенија за оданочување на доход од странство за 2020 година Управата за јавни приходи (УЈП) законски морала да ги испрати заклучно со 31 декември, е објаснувањето на директорката Елена Петрова за пристигнатите решенија кај граѓаните на само неколку дена пред Нова година во кои им бараат да си платат данок за доходот од странство иако многумина кажуваат дека данокот е платен во странската земја со која имаме меѓународен договор за избегнување на двојно оданочување. Директорката Петрова денес долго објаснуваше за решенијата за данок на доход од странство, но во ниту еден момент не кажа дека има решенија кои се испратени по грешка оти данокот бил платен во странската земја. Таа објаснуваше дека целата активност е обемна, вклучува вкрстување неколку бази и податоци, дека работеле по доставени известувања од банките и за секој поединечно проверувале дали доходот подлежи или не подлежи на оданочување кај нас.
Оние кои пред Нова година постапиле по решението и вторпат уплатиле данок оти такви насоки добиле и од вработените во УЈП кога се пожалиле, директорката Петрова рече дека ќе ги добијат средствата назад или пак ќе им бидат пресметани за некоја од следните години. И нив и оние кои се уште не постапиле по решенијата ги повика да достават докази во канцелариите на УЈП доколку данокот е платен во странската земја.
„Секако дека ќе бидат земени предвид сите докази. Ќе се утврди, зависно од меѓународниот договор доколку со земјата имаме склучено меѓународен договор, каде треба да се плати данокот, а каде треба да се изврши поврат или доколку е возможно платениот данок во странство да се прифати како даночен кредит па на уплатата што е извршена овде може да се изврши враќање или да се прифати за друг долг за следна година на соодветното лице“, реле директорката Петрова и објасни дека секој случај ќе се разгледува поединечно и даночниот обврзник ќе биде дополнително известен дали доставениот доказ се прифаќа или не.
Директорката Петрова не кажа конкретно колкав период имаат граѓаните за да достават докази за платен данок на доход од странство но јавно ги повика да го сторат тоа.
„Имајќи предвид дека граѓаните мора да се вратат и да обезбедат докази за пет години наназад, за работа што се случила пред пет години, а доказите ги обезбедуваат од странски земји ние ќе им овозможиме на граѓаните и дополнително да достават докази, еве во овој период повикани се граѓаните, јавно ги повикувам и сега сите што имаат и што може да обезбедат докази да ги достават до сите даночни канцеларии на УЈП. Ние ќе ги разгледаме тие докази и што може, ќе биде прифатено. Доставените решенија мораше да бидат донесени до 31 декември, тоа се аконтативни решенија и после врз основа на тие решенија и врз основа на, се разбира дополнително доставените докази, ние треба да преминеме кон коригирање на годишната даночна пријава за 2020 година, односно на конечниот данок за 2020 година. После тоа ќе следат оние постапки за наплата, значи се уште имаме период во кој граѓаните доколку имаат докази можат да ги достават“, објасни директорката Петрова.
За данокот на доход остварен во странство, директорката Петрова кажа дека УЈП испратило над 11.000 персонализирани известувања со секој граѓанин што се појавил во податоците. Утврдиле дека 6.600 граѓани од нив подлежат на оданочување. 2.200 граѓани сами поднеле пресметка за оданочување, а за 4.400 Управата донела решенија по службена должност.
Вкупно утврдениот данок изнесува 186 милиони денари или три милиони евра за 2020 година.
Директорката Петрова нагласи дека главна цел не е само да се соберат пари туку да се создаде даночна дисциплина.
„Јас апелирам граѓаните да си ги обезбедат во овој период што им е даден и доказите за другите години бидејќи ние ќе го утврдуваме данокот и за следните периоди од 2021 до 2025 година и редовно да си ги пријавуваат отсега натаму доходите остварени во странство. Нашата цел не е само тој данок да се утврди и плати туку и отсега понатаму да се воспостави ред и функционирање на системот“, рече директорката Петрова.
Доходот се пријавува по истекот на месецот до 10. во следниот месец освен доходите од плата и пензија кои што се пријавуваат до 31 март по истекот на годината
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

