Економија
Добре дојдовте во East Gate Living: урбано живеење во новото срце на градот
На денешната неформална средба одржана помеѓу менаџментот на Skopje East Gate и претставници на медиумите беше претставен East Gate Living, новиот модерен концепт на домување.
Конечно, добри вести за сите што се во потрага по клучна промена во начинот на живеење во Скопје. На само 5 минути од центарот на Скопје и истовремено на помалку од 3 минути од парк-шумата Гази Баба, East Gate Living е новиот визионерски проект во изградба позициониран веднаш до East Gate Mall на улицата Беласица, кој во најмала рака ветува коренити промени во начинот на живеење во метрополата.
Сместен во единствениот повеќенаменски проект од овој размер, распространет на вкупна површина од 13 хектари и зелена површина од 2,5 хектари, East Gate Living е одговорот на потребата од нова визија во живеењето, потребата од квалитетен, активен живот и потребата од широк поглед на природата околу себе.
Бројот на планирани станбени единици во East Gate Living во првата фаза на изградба е 672, а тоа е повеќе од 50 % од вкупниот број завршени станови изминатата 2020 година. Токму оваа градежна динамика е во тесна поврзаност со трендот на побарувачка на станови, која од година во година рапидно се зголемува.
Една од уникатните карактеристики е чистото опкружување околу зградите и детално планираниот простор, при што паркинзите се лоцирани под зградите на паркинг-простор, кој брои 818 паркинг-места, а дополнително на располагање е и сервисен паркинг со вкупно 152 паркинг-места.
Едни од урбаните „виновници“ за живеењето во East Gate Living во поинаков, модерен такт и динамика се светски познатите и наградувани Yazgan Studio од Анкара, предводени од двоецот Керем Јазган и Бегим Јазган. Проектите на ова студио се познати по својот отворен дизајн на ентериери чиј приоритет е светлина, просторност и премиум материјали.
За прв пат во нашата земја идните станари на East Gate Living ќе може да го почувствуваат ритамот на урбаната синергија, спојот на убавината и функционалноста, зеленилото и пространоста. Изборот на станови од 42 м2, па сè до дуплекс станови до 210 м2 ветува разноликост и динамика каква што досега оваа метропола, па и овој регион немаат засведочено.
„Ние не градиме обична градба, празен простор за станување – со East Gate Living ние оформуваме нов начин на живеење, нова перспектива за секого. Секој метар од овој простор е совршено проектиран според сите светски стандарди. Знаеме дека просторот помеѓу зградите е неопходен: нашите блокови се на растојание од 50 метри. Знаеме дека градското зеленило е неопходно: зеленило проектиравме насекаде, а до нас е прекрасната парк-шума Гази Баба“, изјави Игор Давков, Извршен директор на Skopje East Gate.
„Врвното шопинг-искуство на ултрапопуларни светски брендови е нешто што е долгоочекувано: до нас е регионалниот гигант East Gate Mall, во кој секое искуство е врвно, неповторливо. Сите вие, сегашни и идни сограѓани, добре дојдовте во иднината на урбаното живеење. Живејте во срцето на Скопје, во срцето на урбаната иднина“, додава тој.
Изградбата на East Gate Living, комплексот станбени згради стратешки позиционирани во новото урбано срце на градот, е во тек. Продажбата на станбен простор е веќе започната, а за да добиете повеќе информации за цените и предностите за живеење во East Gate Living, посетете ја страницата www.eastgateliving.mk или, пак, нивните профили на Facebook и на Instagram на социјалните мрежи.
East Gate Living е заедничка капитална инвестиција на неколку компании, и тоа: Financial Union Skopje – Unionnet – агент на Western Union во нашата држава, East Gate – дел од групацијата БАЛФИН, АК ИНвест и SMS Construction.
Групацијата БАЛФИН (Балканска финансиска инвестициска групација) е една од најзначајните и најуспешните инвестициски групи во регионот на Западен Балкан. Географски, групацијата БАЛФИН е присутна во Австрија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора и Холандија, вработувајќи приближно 6 000 луѓе. Активностите на групацијата БАЛФИН вклучуваат развој и управување со недвижнини, малопродажба, рударска индустрија, банкарство, туризам, енергија, логистика итн. Групацијата БАЛФИН расте стабилно и има позитивно влијание врз локалните заедници преку економски развој, раст на вработеноста и социјални инвестиции.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.