Економија
Дополнителна субвенција од 5.760 денари по хектар за земјоделците со житни култури

Националниот план за производство на храна содржи мерки за директна поддршка на земјоделците, со акцент на житните култури. Обезбедена е дополнителна мотивирачка мерка за производителите на житни култури од 5.760 денари по хектар за сите земјоделци кои имаат остварен принос од еден или повеќе хектари површина со пченица, јачмен, рж, овест и сончоглед и ќе го предадат во домашни преработувачки или откупни капацитети, соопшти Министерството за земјоделство.
„Од оваа година оваа дополнителна мерка е изменета, па ограничувањето на приносот од 5 до 50 хектари, кое претходно важеше, е заменето и истата мерка, од април ова година важи без ограничување од еден хектар, па нагоре за сите производители на житни култури. Оваа дополнителна финансиска поддршка на земјоделците им овозможува дополнителни средства како поддршка при процесот на производство на житни култури. Ги повикуваме сите земјоделци производители на житни култури да аплицираат и да ја искористат оваа мерка, крајниот рок за аплицирање по оваа мерка, за дополнителна поддршка од речиси 100 евра за зголемен принос е до крајот на октомври оваа година“, стои во нивното соопштение.
Донесениот Национален план за производство на храна обезбедува поддршка за земјоделците и при набавка на вештачко ѓубриво, а веќе поддршка по оваа мерка преку Интервентниот фонд е исплатена до 3.304 земјоделци.
Министерството за производителите на житни култури распиша и посебен јавен оглас за доделување под закуп на државно земјоделско земјиште над 3 хектари, распоредено во 14 региони низ државата со вкупна површина од 5.722 хектари. Овој оглас предизвика голем интерес кај земјоделците и веќе со министерството се склучени рекордни 258 договори за закуп, информираат од оваа институција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Во јавните згради во Германија ќе се дозволи греење до максимални 19 степени Целзиусови

Германскиот министер за економија Роберт Хабек денеска најави нови регулативи кои ќе се однесуваат на заштеда на енергија поради страв од недостиг, а се последица на прекинот на испораката на руски гас поради војната во Украина.
Во јавните згради ќе биде дозволено греење на максимални 19 степени Целзиусови, зградите и спомениците повеќе нема да се осветлуваат ноќе, а нема да се осветлуваат ниту рекламните билборди, изјави Хабек за весникот „СЗ“.
„Потребни се повеќе заштеди и во деловниот свет“ – рече тој, без да наведе повеќе детали.
Хабек рече дека за тоа се разговара и со претставници на Министерството за труд.
Во јули, Хабек претстави нов пакет за потрошувачка на енергија во контекст на значително намалување на снабдувањето со руски гас. Тогаш се зборуваше дека е важно да се намали потрошувачката на гас во компаниите, стопанските објекти и во приватните домаќинства.
Министерството за економија сега планира во соработка и координација со другите министерства да воведе дополнителни мерки поврзани со потрошувачката и ефикасноста на енергијата. За овие мерки е предвиден почетен период од шест месеци.
Економија
(Видео) Каевски: Во Македонија ќе се произведуваат електрични возила

Преку одговорните, ефикасни мерки и политики на Владата предводена од СДСМ македонската економија станува атрактивна за сериозни, големи странски инвестиции. Владата предводена од СДСМ донесе одлука за давање согласност на договорот за државна помош на компанијата „Некст.е.го мобиле“ од Ахен, Сојузна Република Германија, информира Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ, на денешната прес-конференција.
„Во Северна Македонија ќе се произведуваат електрични возила. Фабриката ќе се изгради во Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово и тоа ќе биде прва фабрика во нашата држава во која целосно ќе се продуцира електричен автомобил. Ова ќе значи отворање нови работни места, воведување нови технологии и знаења, зголемен извоз на производ со додадена вредност, како и ставање на Северна Македонија на мапата на земји производители на електрични автомобили“, нагласи Каевски.
Заедно со придружните дејности, со оваа фабрика, како што објасни, се очекува да се отворат од три до четири илјади работни места, што ќе придонесе за развој на само на Тетово туку и на другите општини од Полошкиот Регион и државата.
„Оваа мултимилионска инвестиција е доказ дека Северна Македонија има стабилна и конкурентна економија, сигурна за сериозни странски инвеститори. И во време на светска економска криза се потпишуваат договори за нови инвестиции, се отвораат нови работни места. Истовремено, бележиме раст на извозот и постојан раст на просечната плата“, дополни Каевски.
Според него, сето тоа е показател дека економските политики на СДСМ даваат резултат.
Економија
(Интервју) Ванчо Узунов: Даночниот систем е во хаос, сиромашните плаќаат, богатите се богатат

Сегашниот даночен систем е тотално несоодветен, а состојбата е таква што секогаш е време за реформи, вели во интервју за „Макфакс“ универзитетскиот професор Ванчо Узунов по најавите за реформи во даночната политика од страна на власта.
„Тој е хаотичен франкештајн-систем, ниту се знае кој што прави, сиромашните плаќаат, богатите се богатат. Ужасен е даночниот систем и време е да го реформираме“, потенцира Узунов.
Задача на Владата е да ја намали даночната евазија, потенцира Узунов.
„Некој ќе рече, можеби е оправдано. Нема прашање, треба да ги решаваат сивата економија, даночната евазија и точка. Не може некој да плаќа, друг да не плаќа и точка“, вели Узунов.
Во врска со прашањето за прогресивниот данок, универзитетскиот професор вели дека токму недостигот на дебата и недоволната информираност ги прави луѓето да се плашат од негово воведување.
„Оние што треба да го поддржат први се плашат од тој данок, мислат дека и нив ќе ги фати. Тие што најмногу ќе бидат погодени, ако некогаш се воведе прогресивен данок, си ќутат и баш им е гајле, ги оставаат другите да зборуваат и да им ја вршат валканата работа“, истакнува Узунов.
Дали државата е на работ на сиромаштија, за ценовните шокови, во каква кондиција е буџетот, за довербата во политичкиот систем и слично, во интервјуто за „Макфакс“ анализираме со универзитетскиот професор Ванчо Узунов.