Економија
ДУИ: Во буџетот за 2023 година се предвидени 250 милиони евра за Коридорот 8

Од Демократската унија за интеграција информираат дека капиталните инвестиции во буџетот за 2023 година се предвидени да бидат 800 милиони евра, развоен буџет или процентуално 52,3 отсто повеќе капитални инвестиции во однос на годинешниот буџет.
Капиталните инвестиции се насочени кон инфраструктурни проекти во земјата, но и кон поврзување со земјите од регионот кои ќе обезбедат побрз економски раст и развој, подобри услови за развој на локалните компании и странски инвестиции, вклучувајќи подобар развој на бизнисот, инвестиции во капитални проекти во здравството, образование, инфраструктура, земјоделство, заштита на животната средина, гасификација и енергетика.
Демократската унија за интеграција оценува дека во ова време на криза капиталните инвестиции ќе обезбедат подобра иднина и животен стандард за сите граѓани. Со одговорно управување и спроведување, капиталните инвестиции ќе обезбедат понепречена транзиција кон закрепнување и развој на економијата.
– Со интензитет продолжуваат работите за изградба на 8-ми железнички коридор, 250 милиони евра за изградба на автопатските коридори 8 и 10-Д, рехабилитацијата на локалните патишта и изградбата на социјални станови во повеќе општини.
– Продолжува гасификацијата во повеќе делови од државата, минатата недела целосно беше завршен гасоводот од влезот на интерконекторот од Бугарија,
– Капиталните инвестиции во земјоделството продолжуваат да обезбедуваат раст на локалното производство, како и поддршка за земјоделците и модернизација на земјоделскиот сектор,
– Во областа на здравството се предвидени капитални инвестиции како изградба и реконструкција на јавни здравствени установи и набавка на медицинска опрема, додека во областа на образованието, детската заштита и спортот, реконструкција на студентски домови, современа опрема и се предвидуваат реконструкции на универзитетите,
– Новиот буџет предвидува продолжување на реализацијата на инвестицискиот циклус во енергетскиот сектор, што треба да обезбеди зголемување на локалниот енергетски потенцијал,
– Главен приоритет во буџетот за 2023 година е заштитата на животната средина, вклучувајќи изградба на пречистителни станици, канализациски мрежи и воспоставување регионален систем за управување со отпад и затворање на депониите во Источниот и Североисточниот Регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Битиќи – Ќира: Либерализацијата на пазарот на труд е потребна за зголемување на продуктивноста и конкурентноста на економијата

Владата на Република Северна Македонија го гледа приватниот сектор како свој партнер, затоа со внимание ќе ги слушам сите ваши препораки за подобрување на бизнис-климата, ова го истакна заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, на средбата со новото претседателство на Стопанската комора на северозападна Македонија и нејзиниот претседател, Менди Ќира.
На средбата акцентот на бизнисмените на СКСЗМ беше ставен на барањето за зголемување на квотата за работници од странство за што вицепремиерот Битиќи рече дека овој проблем е веќе детектиран од негова страна и дека веќе е почната дискусијата и барањето на соодветниот модалитет со кој ова ќе го постигнеме.
„Либерализацијата на пазарот на труд е потребна за зголемување на продуктивноста и конкурентноста на економијата. Во следните неколку месеци треба да направиме процена кои се секторите во кои е потребна дополнителна работна сила и да видиме колкава бројка е потребна. Во исто време заедно со приватниот сектор засилено да работиме на реквалификација и доквалификација на домашниот пазар на труд со цел тие да може да бидат поконкурентни и пазарот да може полесно да ги впие“, истакна Битиќи.
На состанокот се разговараше и за идентификацискиот број за граѓаните од „Отворен Балкан“, со што дополнително ќе се олесни движењето на граѓаните помеѓу нашите земји.
Економија
Добрите дела не се ретки во Mozzart: лидерот во организирање игри на среќа ја поддржа кампањата „Запознајте ги ретките болести“

Февруари традиционално е месец во кој учиме за ретките болести. Оваа година националната кампања „Запознајте ги ретките болести“ во организација на Здружението „Ретко е да си редок“ се спроведува во соработка со компанијата Mozzart која го поддржа проектот.
Веќе петта година по ред, месец февруари повторно станува редок, како болест што може да ја има оној што седи до вас во автобус, ресторан или парк. Ништо не се знае за нивната „невидлива“ попреченост и малку се зборува во текот на годината, па затоа националната кампања ја менува реалноста.
Во текот на 28-те дена во февруари, граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со 28 ретки болести, како и за методите на дијагностицирање, лекување и предизвици со кои се соочуваат лицата кои боледуваат од ретки болести.
„Во текот на годината многу малку се зборува за ретките болести и тоа е тема која не е доволно застапена во општеството, поради што решивме да го поддржиме и да бидеме дел од овој голем проект за кој слободно можеме да кажеме дека станува препознатлив во нашето општество со долгогодишна традиција“, истакна Љубица Толовска од компанијата Mozzart.
Првиот ден на ретки болести беше прославен во 2008 година на 29 февруари, редок датум што се случува само еднаш на секои четири години.
Оттогаш, Денот на ретките болести се одржува секоја година на последниот ден од месец февруари, месец познат по својот редок број на денови.
ПР
Економија
ЕСМ склучи договор со „Балкан јутилитис“ за набавка на гас за февруари

„ЕСМ продажба“ потпиша договор за набавка на природен гас за февруари 2023 за свои потреби, како и за потребите на други стопански субјекти во државата со фирмата „Балкан јутилитис“.
Како што информираат од ЕСМ, на јавниот повик, кој беше достапен за сите домашни и странски компании, пристигнале две понуди – фирмата „Актаел“ со понуда од 99,83 eвра/MWh, а фирмата „Балкан јутилитис“ со понуда од 98,71 евра/MWh.
„Понудените цени на гасот од страна на двете фирми ги опфаќаат сите трошоци за набавка на енергентот, како што се закуп на преносни капацитети, разни такси и маржа. Овој факт го потенцираме со цел да се избегнат евентуални шпекулации што би произлегле од цената на гасот на берзите во моментот, но во берзанската цена не се пресметани сите споменати дополнителни трошоци што произлегуваат од набавката, како што се закуп на преносни капацитети, разни такси и маржа.
Со понудувачот, кој имаше понудено пониска цена во моментот на носење на одлуката за избор, во случајот „Балкан јутилитис“, склучен е валиден деловен договор, кој ги содржи сите параметри од јавниот повик, односно количина, цена, динамика и гаранција за испорака“, соопштија од компанијата.
Со оваа набавка, како што појаснуваат, во целост ќе се задоволат потребите од природен гас за производство на топлинска енергија за топланите „Исток“, „Запад“, „Енергетика“ и „Скопје Север“, како и за други потрошувачи на природен гас во Македонија. Граѓаните да бидат сигурни и спокојни дека и во февруари ќе продолжи континуираното снабдување со топлинска енергија, додаваат од ЕСМ.
Јавен повик за набавка на природен гас за март 2023 година ќе биде спроведен во текот на февруари.