Економија
Европската банка за развој: Економијата на Украина ќе падне 30 отсто оваа година

Европската банка за развој (ЕБРД) соопшти дека украинската економија треба да падне речиси една третина оваа година поради руската инвазија на земјата.
Ова е уште полоша прогноза од намалувањето од 20 проценти што го прогнозира банката во март оваа година, веднаш по почетокот на инвазијата, пренесува АФП.
Сепак, банката очекува дека украинската економија ќе закрепне 25 проценти во 2023 година во споредба со претходната прогноза од 23 проценти.
Се предвидува дека руската економија оваа година ќе падне 10 отсто, а в година ќе порасне нула, наведува агенцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ќе се продолжи рокот за аплицирање за субвенции

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира земјоделците дека до Владата доставено е барање за измена на програмата и уредбата за финансиска поддршка во земјоделството, со што ќе се продолжи рокот за аплицирање за субвенции до 30 јуни. Бидејќи сите институции дадоа позитивно мислење, очекуваме измената да биде усвоена на следната владина седница.
„Интересот кај земјоделците за аплицирање за субвенции е голем, особено кај сточарите, кои побараа продолжување на рокот. Министерството секогаш излегува во пресрет на барањата на земјоделците. Измената на програмата и уредбата за финансиска поддршка во земјоделството е токму во нивни интерес, со цел да може да ги поднесат своите апликации во рамките на новиот рок, кој предлагаме да биде продолжен до 30 јуни.
На овој начин ќе им помогнеме на сите земјоделци што не успеале да аплицираат во согласност со законскиот рок, кој истекува на 31 мај, да добијат дополнително време од еден месец, период во кој ќе може да ги подготват апликациите и навремено да аплицираат со цел да ја добијат финансиската поддршка што им ја дава државата“, велат од Министерството.
Од таму очекуваат измената да биде усвоена во интерес на земјоделците.
Економија
Министерството за економија го прогласи проектот „Халкеко“ на Халкбанк за најдобар општествено одговорен проект во категоријата однос со животната средина

Министерството за економија го прогласи проектот „Халкеко“ на Халкбанк за најдобар општествено одговорен проект во категоријата однос со животната средина.
Проектот „Халкеко“ на Халкбанк АД Скопје, со кој се поттикнуваат здрави животни навики и грижа за природата, но и се зголемува шумскиот фонд и се реализираат други активности во насока на заштита на животната средина, од страна на Министерството за економија е прогласен за најдобар општествено одговорен проект во категоријата однос со животната средина.
Министерството за економија 13. пат го организира изборот на најдобри општествено одговорни практики на претпријатијата. Од пријавените 19 проекти, Министерството додели награди за најдобрите општествено одговорни практики на македонските претпријатија во 2021 година на пет претпријатија за реализирани проекти во разни категории. За најдобар проект во доменот на заштита на животната средина е избран „Халкеко“ на Халкбанк.
Халкбанк е прва екобанка во државата и како таква посветено работи на поголема енергетска ефикасност и подобра животна средина. Со цел подигање на свеста за еколошки прашања, уште во октомври 2019 година банката ја креира мобилната апликација „Халкеко“, со која, со низа подароци и бенефиции, ги мотивира граѓаните да пешачат, трчаат или возат велосипед. За возврат, Халкбанк презеде обврска за секои 80 километри поминати во овие активности, како кумулативна активност на сите корисници на апликации, да засадува дрвја. Досега на овој начин се обезбедени речиси 13.000 садници, а емисијата на CO2 е намалена за повеќе од 131.400 кг.
„Зачувувањето на шумите, но и на севкупната добросостојба на нашата планета, е нешто што нѐ засега сите и обврска пред која не смееме да си дозволиме да застанеме, особено кога се работи за нашата локална заедница. Ние како екоориентирана компанија преку разновидните кампањи ‘Халкеко’ и голем број спроведени акции и иницијативи правиме навистина големи напори да дадеме видлив придонес кон подобра, почиста и поздрава средина за сите, но и кон поттикнување поголема одговорност кај секој еден фактор во општеството“, велат од Халкбанк.
Меѓутоа, „Халкеко“ денес не е само апликација, туку прерасна во платформа во рамките на која банката реализира и други проекти за поттикнување здрави животни навики и заштита на природата. Од првата акција на пошумување, одржана во октомври 2019 година, Халкбанк организира низа големи и помали акции на садење нови дрвја, преку кои се донирани над 35.000 нови садници, кои се засадени на повеќе локации во земјата. Па, така, 220 садници се засадени во училишни дворови на училишта во повеќе градови во земјата, со 6.000 млади садници се обнови шумскиот фонд во околината на Велешкото Езеро, каде што претходно имаше голем шумски пожар, а 2.790 садници беа засадени во реонот меѓу Битола и Демир Хисар. Акциите продолжија со садење 9.200 дрвја во околината на Куманово, а во околината на Свети Николе двапати се засадија речиси 16.000 дрвја обезбедени со средства на банката, но и со пари собрани од уплатените котизации на учесниците во велосипедскитe трки Halk Velo Green, кои веќе две години по ред банката ги организира во Маврово.
Во рамките на платформата „Халкеко“ се реализираа и други проекти – се реновираа мостовите во новиот дел од Градскиот парк во Скопје, се уредија зелени корнери во ТЦ „Лептокарија“ во Скопје и во Гостивар, во Аеродром се направи зелен покрив на автобуска постројка, во Крушево се реновира мост итн. И, секако, тука се и низа спортски настани, на кои како спонзор, покровител или организатор се јавува токму „Халкеко“ – платформата на Халкбанк.
Економија
Вицегувернерката Нацевска на дијалогот на ЕУ со Западен Балкан

Во рамките на овогодишниот дијалог на Европската Унија со земјите од Западен Балкан и Турција, во центарот на вниманието беа предизвиците коишто ги донесоа пандемијата и руската инвазија врз Украина, како два последователни надворешни шока. Притоа беа оценети и мерките преземени досега од страна на носителите на политиките за справување со кризите и за зголемување на отпорноста на економиите.
Монетарната политика на Народната банка е соодветна и придонесува за одржување на севкупната стабилност. Банкарскиот сектор и натаму е стабилен и здрав, обезбедувајќи кредитна поддршка во текот на закрепнувањето на економијата од пандемичниот шок. Истовремено, тој е клучниот столб на севкупната финансиска стабилност. Еден од главните предизвици за централната банка е растот на инфлацијата, којшто главно е резултат на глобални фактори на страната на понудата. Сепак, во последниот период се видливи и одредени преносни ефекти. Во вакви околности е потребна будност и внимателно следење на цените и на инфлациските очекувања и доколку е потребно, натамошно затегнување на монетарната политика за да се одржи ценовната стабилност на среден рок.
Ова се накусо оцените и препораките за централната банка на нашата држава од заедничкиот дијалог со ЕУ за економијата и финансиите, којшто се одржува секоја година, и е дел од претпристапното усогласување на земјава. Вицегувернерката Емилија Нацевска ја претставуваше Народната банка на дијалогот.
Вицегувернерката Нацевска посочи дека Народната банка навремено реагира на новонастанатите околности. Последните промени во глобалните економски услови се однесуваат на изразено повисоко ценовно ниво на увезените производи, општа зголемена неизвесност и затегнување на глобалните услови и делуваат врз домашната инфлација, но и врз побарувачката на девизи на девизниот пазар. Заради навремена реакција во врска со инфлациските очекувања и стабилизирање на девизниот пазар, Народната банка во два наврати умерено ја зголеми основната каматна стапка, продолжи со диференцирање на стапките на задолжителна резерва во домашна и во странска валута, а преку активноста на девизниот пазар директно придонесува за одржување на стабилноста на девизниот курс.
Вицегувернерката нагласи дека и покрај потребата за активно управување со овие тековни предизвици, а заради одржување на стабилноста, особено е значајно што Народната банка и натаму работи на реформските активности насочени кон дигитализацијата, поддршка на зелените финансии и финтек-секторот. На ваков начин, централната банка дава свој придонес кон структурната реформска агенда и ја зголемува отпорноста на економијата на шокови.