Економија
Ердоган го покани Маск да изгради фабрика за електрични автомобили во Турција

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го покани извршниот директор на Тесла, Илон Маск, да изгради фабрика во Турција, јави агенцијата „Анадолија“ на платформата „Икс“.
Ердоган му го дал предлогот на Маск за време на состанокот во Турската куќа, облакодер во близина на Обединетите нации во Њујорк, објави турската државна новинска агенција во неделата вечерта.
Маск денеска во Калифорнија треба да се сретне и со израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху. Маск на платформата „Икс“ објави дека нивните разговори ќе се фокусираат на технологијата за вештачка интелигенција.
Ердоган е во САД за да присуствува на 78. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.
Во август Тесла изрази интерес за изградба на фабрика во Индија за производство на евтини електрични возила.
Тесла има шест фабрики и ја гради седмата во Мексико, во северната држава Нуево Леон, како дел од напорите на производителот на електрични автомобили да го прошири своето глобално присуство.
Маск во мај изјави дека производителот на автомобили, најверојатно, ќе избере локација за новата фабрика до крајот на оваа година.
Покрај управувањето со „Тесла“, Маск ја купи и платформата „Икс“, порано позната како „Твитер“, за 44 милијарди долари во 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Бектеши: Граѓаните да бидат спокојни, мерките се почитуваат, утре одлука за намалување на цените на пијалоците

„Граѓаните да бидат спокојни. Мерките кои ги носи Владата со цел заштита на стандародт на граѓаните ќе се реализираат во целина. На следната седница на Владата ќе биде донесена одлука за намалување на цените на алкохолните и безалкохолните пијалоци, a се прави и анализа за намалување на цените на хигенските производи“, кажа министерот за економија Крешник Бектеши при денешната посета на „Алма М“, компанија од дистрибутивниот бизнис, кои дистрибуираат производи по маркетите опфатени со мерката „гарантирана цена“
Министерот Бектеши кој во посета на „Алма М“ беше заедно со премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, кажа дека компаниите имаа рок да се усогласат со новите одлуки и со новите Законски решенија кои треба да се почитуваат од сите трговци.
„Имаме ново законско решение во делот на Заштина на потрошувачите и по барање на Стопанска комора на компаниите им дадовме определен рок да се усогласат со измените барањата на Законот. Овој законско решение целосно се применува во најразвиените европски земји и треба целосно да биде почитувано. Во однос на одлуката која веќе ја донесовме, тоа што знаеме точно е дека утре ќе има одлука за намалување на цените на безалкохолните и алкохолните пијалоци. За хигиенските производи најверојатно во текот на оваа недела ќе бидат завршени сите консултации и ќе видиме дали има простор да се донесат одредени мерки“ кажа министерот Бектеши.
Бектеши потенцираше дека Министерството за економија и сите надлежни институции прават анализи на неделна основа и врз основа на сите влезни
податоци ќе се донесат одлуки кои што ќе бидат во интерес на заштита на стандардот на граѓаните.
Економија
Ковачевски: Со мерката „гарантирана цена“ овозможуваме поевтини производи од 10 до 40 отсто за заштита на стандардот на граѓаните

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши, и в.д. директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, денеска ја посети компанијата „Алма М“. Ковачевски, Бектеши и Трајковски со менаџментот на компанијата разговараа за новите владини одлуки за намалување на цените на над 50 призводи.
„Како Влада овозможуваме услови за подобра бизнис-клима, за поголема ликвидност на компаниите и конкурентен пазар, како и за подобри услови за работа во државата. Со новата мерка на Владата на над 50 производи во 24 категории од пекарската, млечната и од месната индустрија им ја намаливме цената за 10 проценти во однос на цената што ја имале на 1 август. Со оваа одлука и мерка кај одредени категории и производи веќе има намалување на производите над 10 %, а кај некои намалувањето е од 30 до 40 %. Во маркетите веќе овие производи добија ознака ‘гарантирана цена’, со оваа мерка придонесуваме и покрај инфлациските притисоци, заеднички и солидарно им даваме поддршка на нашите граѓани“, рече Ковачевски.
Апелира да се почитува мерката.
„Единствено, со високо ниво на социјален дијалог за приоритетни теми ќе одговориме соодветно на намалување на инфлацијата и до крајот на годината се стремиме таа да не биде повисока од 5 % во делот на основните производи што граѓаните ги користат. Зошто го велам ова? Зголемувањето на платите од јули оваа година го надминува зголемувањето на инфлацијата, но со сите овие мерки што ги правиме, со зголемување на минималната плата за најмалку 10 % веќе од почетокот на наредната година, генерално, инфлацијата ќе биде на ниво од 8 %, а платите ќе пораснат за процент поголем од нивото на инфлацијата. И оваа есен и зима ќе продолжиме во оваа насока, не се откажуваме од зголемување на платите, не се откажуваме од инвестициите во енергетиката и во инфраструктурата“, рече Ковачевски.
Увери дека нема да има никаков ценовен шок за граѓаните во делот на снабдувањето со електричната енергија.
„Веќе правиме напори да се обезбеди сè што е потребно и за непречено снабдување со топлинска енергија за градот Скопје со оглед на хаваријата што се случи на мостот ‘Беласица’ во текот на минатите месеци и на која во моментот се работи. Сè додека јас сум премиер, како Влада нема да престанеме да работиме на подобрување на егзистенцијалното прашање на граѓаните во Северна Македонија, како и на економскиот раст на државата“, порача Ковачевски.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,05 % во однос на одлуката од 18.9.2023 година.
Од 26.9.2023 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
моторен бензин „евросупер БС-95“ – 89,00 (денари/литар)
моторен бензин евросупер БС-98“ – 91,00 (денар/литар)
дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 85,50 (денари/литар)
масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 85,00 (денари/литар)
„мазут М-1 НС“ – 48,715 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ и на „евродизелот (Д-Е V)“ се намалуваат 1,50 денар/л, а малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува 1,00 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се зголемува 0,447 денари/кг и ќе изнесува 48,715 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 3,198 %, кај дизелот 3,096 %, кај екстра-лесното масло 1,768 % и кај мазутот зголемувањето е 0,699 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 0,389 %.