Економија
ЕСМ го презеде управувањето со БЕГ и топланата Скопје Север

По донесувањето на одлуката од страна на Владата и одобрување на текстот на договорите, ЕСМ од денеска влезе во привремено управување на Друштвото за производство на топлинска енергија Балкан енерџи и на Друштвото за снабдување со пареа и топла вода АД Скопје Север во стечај.
ЕСМ потпиша три договори за деловно-техничка соработка со трите правни субјекти на Балкан Енерџи, (Производство, Дистрибуција и Снабдување). Договорот предвидува влегување на АД ЕСМ во раководењето на Балкан енерџи ДООЕЛ Скопје преку назначување прокуристи, лица вработени во АД ЕСМ, чиј потпис ќе биде врзан со потписот на управителите на друштвото Балкан енерџи. Сите одлуки, договори и плаќања ќе се реализираат со два потписи, односно без согласност на прокуристот од АД ЕСМ, Балкан енерџи нема да смее да врши исплати и да склучува договори.
Средствата кои АД ЕСМ ќе ги добие од Владата за справување со кризата со снабдување со топлинска енергија, ќе ги уплатува повремено, во потребни износи, на наменската сметка која Балкан енерџи ќе ја отвори согласно договорот и од која исплатите ќе се вршат со врзан потпис.
Средствата од 6 милиони евра кои наменски се одредени од Владата за справување со кризата со топлинска енергија, согласно договорот ќе бидат искористени за набавка на гас за производство на топлинска енергија во Балкан енерџи, за набавка на топлинската енергија која се презема од производителот ТЕ-ТО и за други трошоци исклучиво поврзани со производниот процес.
Балкан енерџи секојдневно ќе ги префрла на наменската сметка и сите свои приливи кои му пристигаат на неговите други сметки.
Додека трае договорот за деловно-техничка соработка, Балкан енерџи ќе ги врши исплатите кон трети лица исклучиво преку наменската сметка и со согласност и врзан потпис од прокуристот.
Балкан енерџи гарантира за вложените средства добиени од страна на државата, со меница потпишана од основачот на Балкан енерџи. Враќањето на средствата кон АД ЕСМ ќе се реализира во 2023г, по одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за определување на трошоците за грејната сезона.
ЕСМ ќе поднесува месечни финансиски извештаи до Владата за потрошените средства наменети за справување со кризата со топлинска енергија и извештаи за комплетното работење на привременото управување.
Владата го задолжи АД ЕСМ да ја преземе обврската за кризно менаџирање со снабдувањето со парно греење во градот Скопје со оглед на тоа што АД ЕСМ е најголема државна енергетска компанија и преку неа може да се управува со средства од државниот буџет. АД ЕСМ, исто така поседува свој систем за снабдување со топлинска енергија на еден дел од Скопје, и оттука располага со ресурси и кадри за да го преземе менаџирањето на целокупното снабдување на градот.
Целта на воведувањето на кризното менаџирање со снабдувањето со топлинска енергија е да се овозможи парно греење до крајот на грејната сезона, со оглед на тоа што снабдувачите се изјаснија дека немаат средства за набавка на гас за призводство на топлина по екстремниот скок на цената на гасот. Влегувањето на АД ЕСМ и на државата во снабдувањето со гас овозможи да се спречи дополнителено продлабочување на кризата со снабдување и со електрична енергија, со оглед на тоа што во недостиг на парно греење граѓаните би се префрлиле на греење на струја, а со тоа би дошло до енормно зголемување на потрошувачката на електрична енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ковачевски: Отворен Балкан не е замена за ЕУ интеграцијата, но значи можност за економски раст на регионот

Премиерот, Димитар Ковачевски, заедно со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, денеска учествуваше на Самитот во организација на „Македонија2025“, чија главна тема беше регионалната соработка, со фокус на економијата, иднината на компаниите, работната сила и администрацијата низ иновациите и дигиталната трансформација.
Ковачевски притоа оцени дека регионалната соработка е клучна за пребродување на кризата во која се наоѓаме и дека со оваа иницијатива земји како нашите можат да обезбедат многу поголемо влијание и поголеми перформанси во областа економија.
„Оваа иницијатива по сите основи на економската логика е позитивна, креира поголем пазар на капитал, можности за размена, како и зголемување на БДП на регионот. На следниот Самит во Охрид во јуни очекуваме да ни се приклучат и други земји од Западен Балкан затоа што оваа иницијатива може да донесе бенефит за сите шест земји од регионот“, истакна Ковачевски.
Премерот воедно нагласи дека оваа иницијатива, не е замена за ЕУ интеграцијата, но дека нашата интеграција во Унијата е заложник на инсистирањето на Бугарија да се зборува за историја и минатото, а не за иднината.
„Тоа не дава бенефит за никого. Зборувањето за теми кои се однесуваат на иднина е позначајно и на таква основа треба да се одвива дијалогот и соработката помеѓу земјите“, истакна Ковачевски.
Подвлече и дека земјите од Отворен Балкан имаат формирано тимови кои работат на заедничка промоција во однос на привлекување на директни странски инвестиции, а се работи и на заедничка промоција на туризмот во сите држави и промоција на производите што се поврзани со туристичката дејност или индустрија.
„Во моментот се работи на единствен ИД број којшто оние кои ќе решат својата кариера да ја продолжат во една од трите земји, тоа ќе можат да го направат на наједноставен начин преку овој број. Тој важи во сите три држави, без да мора да се бараат работни дозволи на секоја недела или секој месец”, рече Ковачевски.
Тој најави дека регионалната соработка продолжува и во други области, како култура и образование, сé со цел да се намали јазот со ЕУ.
Економија
Бензините поскапуваат за два и пол денари, цената на дизелот останува иста

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,80 % во однос на одлуката од 16.05.2022 година.
Малопродажните цени на еуродизел (Д-Е V) и на екстра лесното масло за домаќинство не се менуваат, додека малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98 се зголемуваат за 2,50 ден/литар.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 1,903 ден/кг и сега ќе изнесува 54,339 ден/кг.
Од 19.5.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин еуросупер БС – 95 – 94,50 (денари/литар)
Моторен бензин еуросупер БС – 98 – 96,50 (денари/литар)
Дизел гориво еуродизел БС (Д-Е V) 86,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 84,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 54,339 (денари/килограм)
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 4,216%, кај дизелот за 0,650%, кај екстра лесното масло за 1,312% и кај мазутот зголемувањето е за 3,708%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,619%.
Економија
Министерство за финансии: Обезбедени средства од ЕБОР за реализација на автопатот Скопје-Блаце

Над 200 милиони евра поволни средства од ЕБОР се обезбедени за реализација на регионален проект за управување со отпад и проектот за изградба на делница од автопатот Скопје-Блаце. Предлог законите за обезбедување на средствата од оваа меѓународна финансиска институција предложени од Министерството за финансии, беа прифатени на вчерашната владина седница, информираат од ова министерство. Договорите за реализација на проектите со ЕБОР, после усвојување од страна на Собранието како што појаснуваат, ќе бидат потпишани од страна на Министерството за финансии и Министерството за животна средина и просторно планирање и Јавното претпријатие за државни патишта.
Со Предлог законот за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на ТЕН-Т проектот за автопат од Скопје до границата со Косово, се предвидува да се обезбедат 167,6 милиони евра од ЕБОР, кои се обезбедуваат со рок на отплата од 16 години, со грејс период од 4 години и каматна стапка која е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1%.
Со ова се комплетира финансиската конструкција за реализација на овој проект. Покрај средствата обезбедени од ЕБОР, ќе се финансира со грант средства од ВБИФ во износ од 26,5 милиони евра.
Целта на проектот е да се подобри патната инфраструктура во земјата, односно предвидува изградба на втората подделница која се однесува на останатиот дел од автопатот Блаце – Скопје, со што, значително ќе се подобри мобилноста и трговската размена, ќе се подобри безбедноста на патот и ќе се скрати времето на патување, ќе се зголемат можностите за социо–економски развој, како на национално, така и на регионално ниво.
Од министерството нагласуваат дека со Предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на Регионалниот проект за цврст отпад се обезбедуваат 55 милиони евра со рок на отплата од 15 години, грејс период од четири години и каматна стапка која се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1%.
Целта е да помогне на земјата во развојот на регионални системи за управување со отпад во одредени региони на Република Северна Македонија, односно воспоставување регионален систем за управување со отпад во Југоисточен, Вардарски, Пелагониски, Југозападен и Полошки регион.
ЕБОР во изминативе 30 години има инвестирано над 2,2 милијарди евра во 159 проекти во земјата.