Економија
ЕСМ: СДСМ лаже и манипулира за централното греење

Дрско и злонамерно, со пласирање на погрешни податоци и конструкции за причините за зголемување на цената на топлификациското греење – СДСМ систематски пласира невистини, велат од АД ЕСМ.
„Лицемерно е токму тие што ја доведоа енергетиката во колапс во изминатите години, сега да глумат загриженост за граѓаните. Во времето на СДСМ, барањата за зголемување на цените беа значително повисоки бидејќи топлификациските компании енормно ги зголемија трошоците на работењето – со проблематични и сомнителни набавки и масовно полнење на компаниите со нестручни и несоодветни партиски кадри. Токму за овие злоупотреби веќе се водат истраги во обвинителството, а јавноста очекува одговорност за расипничкото работење.
Во последното труење на јавноста, СДСМ манипулираат со изјави дека “над 200.000 граѓани во Скопје ќе добијат зголемени сметки за парно, и тоа поради барање на државната ЕСМ – истата таа компанија што Владата ја контролира!”
Важно е да се напомене дека на територијата на град Скопје, околу 64 илјади семејства се приклучени на топлификацискиот систем, од вкупно 170 илјади семејства во градот. Криејќи се позади наводната грижа за граѓаните, останатите 106 илјади семејства во градот Скопје и 430 илјади семејства на територијата на државата кои се греат на други, поскапи извори на енергија – не беа интересни и не се грижа за СДСМ.
Ако тие навистина искрено се грижеа за трошоците на граѓаните за греење, ќе се трудеа кога беа на власт – да ги намалат а не да ги зголемат повеќе од двојно трошоците за производство на електрична енергија, која сеуште за греење ја користат најголем број на домаќинства во државата.
Сакаме да потсетиме дека производната цена на електричната енергија на РЕК Битола само во периодот 2022 до 2024 била енормно зголемена од 61,9 евра MWh на 133,79 MWh. Ова е најдобар показател и доказ колку домаќински се управувало со државните ресурси и колку биле успешни енергетските политики токму на СДСМ и нивните поранешни коалициони партнери.
Најсилен демант на тезите на СДСМ е фактот дека топлификацискиот систем има сериозна вредност во енергетскиот систем на земјата и е најекономичен. Бројот на приклучени потрошувачи во тек на првата половина од оваа грејна сезона, кои го избираат централниот систем за греење, наспроти другите извори на топлина во урбани средини е зголемен за 930.
Ако СДСМ е одговорна партија како што сака да се претставува, и се грижи за граѓаните – нема патетично и тенденциозно да ја манипулираат јавноста со измислици дека цената на гасот на берзите во јануари била 40 евра за MWh – податок кој лесно се проверува.
Директна причина за поскапувањето на парното греење се глобалните пазарни услови, а одлуките на домашните институции се само последица на истата. Имено, од почетокот на годината – цената на природниот гас на европските берзи бележи раст поради геополитичките случувања, ниските надворешни температури и зголемената побарувачка на пазарот. Најзначајниот фактор беше истекувањето на договорот за транзит на руски гас преку Украина на 1 јануари 2025 година, што предизвика скок на цените на гасот на TTF индексот до 50 евра за мегават-час, највисоко ниво во последните 12 месеци.
Ако СДСМ се искрени кон јавноста, ќе го презентираа фактот дека цената на топлинската енергија во топлификациските системи во регионот се зголеми повеќекратно во повеќе наврати.
Македонија, како и сите земји од регионот, го купува гасот на отворени јавни повици каде берзанските цени имаат огромно влијание, што е главниот фактор за поднесување на барањата за регулиран максимален приход и цена. Согласно законите и актите на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), компаниите лиценцирани за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија имаат обврска да реагираат кога има значителни промени во цената на гасот, енергент што претставува основно погонско гориво за производство на топлинска енергија.
Владата и надлежните институции веќе презедоа мерки за амортизација на овие ценовни притисоци. Субвенциите за енергетски ранливите потрошувачи остануваат во сила, а во тек се и разговори за алтернативни снабдувачки линии кои ќе го намалат влијанието на глобалните турбуленции“, стои во соопштението на АД ЕСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„IFC со поддршка за енергетски проекти во Македонија“ – средба на министерката Божиновска со меѓународната финансиска корпорација

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со делегација од Меѓународната финансиска корпорација (IFC), предводена од регионалниот директор за Западен Балкан, Николас Маркиер. На средбата присуствуваа и Милица Средановиќ, одговорна за инвестиции во енергетскиот сектор за Западен Балкан, и Вадим Шербаков, одговорен за инвестиции во енергетскиот сектор за Македонија.
На средбата посебен акцент беше ставен на инвестициите во енергетскиот сектор и транзицијата кон обновливи извори на енергија, што е во согласност со зелената агенда на Македонија.
Министерката Божиновска ги информираше претставниците на IFC за приоритетите на Министерството, нагласувајќи ја важноста на проектите за зголемување на енергетската ефикасност и развој на обновливите извори на енергија. Таа истакна дека Владата е посветена на намалување на зависноста од фосилни горива,
Претставниците на IFC изразија подготвеност за поддршка на овие иницијативи, особено преку финансирање на проекти поврзани со енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и декарбонизација. Тие исто така ја истакнаа важноста на соработката со приватниот сектор и привлекувањето странски директни инвестиции како клучни фактори за одржлив економски раст.
Министерката Божиновска ја нагласи важноста на партнерството со меѓународни финансиски институции како IFC во процесот на енергетска транзиција и изрази уверување дека ваквата соработка ќе придонесе за постигнување на стратешките цели на земјата во енергетскиот сектор.
Зелената транзиција ќе добие значителен поттик од зголемената поддршка од Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), членка на Групацијата Светска банка која активно ја поддржува енергетската транзиција во регионот на Западен Балкан преку различни иницијативи и проекти и има значајна улога во мобилизирање на капитал за инвестиции во обновлива енергија и енергетска ефикасност
Економија
Дурмиши со трговците и диструбутерите за ограничувањето на маржата: конечната одлука следната недела

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши заедно со заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески, директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски и претставници од Комисијата за заштитa од конкуренција денеска одржаа состанок со претставници на најголемите трговски ланци и дистрибутери во државата.
На состанокот се разговараше за предлог одлуката на Министерството за економија и труд за ограничување на бруто профитната маржа на 10% во трговија на големо и 10% во трговија на мало на дел од основните прехранбени производи и средства за хигена.
Трговците и диструтерите дадоа свои предлози и забелешки кои Министерството за економија и труд дополнително ќе ги анализира.
На состанокот беше договорено конечната одлука да се донесе во текот на следната недела.
Економија
(Видео) Илиевски: Заканите од трговците за отпуштања се последица на слабото лидерство на Мицкоски

Заканите од трговците за отпуштање на 5000 работници се директна последица на неспособноста на Владата на ВМРО-ДПМНЕ да води економска политика која ќе ги заштити граѓаните, но и ќе обезбеди стабилност за работниците и компаниите. Така е кога Мицкоски наместо да биде лидер, глуми набљудувач во државата која ја води, изјави потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски.
„СДСМ, додека беше на власт, успеваше да донесе мерки кои ја контролираа ценовната криза без да дозволи отпуштања. Зошто? Затоа што се боревме за интересите на граѓаните, но и за стабилноста на пазарот“, рече Илиевски.
Тој апелираше до власта да ги прифати пакет мерките кои ги презентираа. Мерките се однесуваат на намалување на ДДВ за електрична енергија од 18 на 5 отсто; намалување на ДДВ за основни прехранбени производи; замрзнување на цените на основните производи; фиксирање на маржите за основните производи; итна примена на Законот за нефер трговски практики; намалување на цената на „зелениот картон“ за автомобили и зголемување на платите во приватниот сектор со замрзнување на придонесите.