Економија
ЕУ оцени дека одговорот на монетарната политика е соодветен и банкарскиот сектор е стабилен

Инфлациските притисоци во македонската економија, главно се движени од цените на примарните производи при високо учество на храната и енергијата во потрошувачката кошничка. Во услови на зголемена неизвесност, поради надворешните шокови забележани се и одредени притисоци врз валутните преференции. Народната банка даде соодветен одговор на растот на инфлацијата и повисоката склоност за странска валута, со соодветно затегнување на монетарната политика. Ова се посочува во заклучоците од овогодинешниот економски и финансиски дијалог на Европската Унија со земјите од Западен Балкан и Турција, кој има за цел да ги подготви земјите за идното учество во координацијата на економските политики на ЕУ (Европски семестар). Во заклучоците се потенцира дека и покрај пандемијата и енергетската криза, банкарскиот сектор останува стабилен, односно високо капитализиран и ликвиден, со ниско учество на нефункционалните пласмани. Во оваа насока делува и воведувањето на противцикличниот заштитен слој на капиталот, a воведувањето на други дополнителни макропрудентни мерки би ги ублажиле потенцијалните ризици во однос на кредитирањето на недвижностите. Во заклучоците, се нагласува потребата од натамошно будно следење и соодветно реакција на политиката доколку е потребно, а со цел одржување на ценовната стабилност на среден рок. За остварување на овие цели во заклучоците се наведува потреба од одржување и заштита на независноста на централната банка.
Во рамки на економскиот и финансискиот дијалог на Европската Унија со земјите од Западен Балкан и Турција, којшто се води врз основа на поднесената Програма за економски реформи 2023-25 година од страна на земјите кандидати, институциите на ЕУ даваат свој осврт и оценка на реформите во различни сфери на економијата и финансискиот систем. Оваа година, просечната реализација на препораките за нашата земја изнесува 48,6%, што е подобрување во однос на лани (43,1%) и воедно втор резултат во групата земји. Во рамки на препораките од доменот на работењето на Народната банка, препораката во однос на внимателно следење на инфлацијата и подготвеност за затегање на монетарната политика доколку е неопходно за одржување на среднорочната ценовна стабилност, е единствена пропорака за нашата земја која што е оценета како „целосно спроведена“. Препораката за натамошно подобрување на регулаторната рамка за банкарскиот систем е оценета како „значително спроведена“, согласно донесениот Закон за финансиска стабилност, како и очекувањето за донесување на Законот за решавање на банка
Вицегувернерката Емилија Нацевска ја претставуваше Народната банка на ЕУ дијалогот. Во своето излагање, таа истакна дека креаторите на политиките се наоѓаат пред сериозни предизвици да управуваат со повеќе кризи кои се преклопуваат. Централните банки ја заменија долгогодишната олабавена со затегната монетарна политика. Притоа и нашата централна банка започна со постепено прилагодување на монетарната политика, соодветно на новите предизвици. Зборувајќи за одговорот на Народната банка, вицегувернерката Нацевска истакна дека реакцијата на монетарната политика започна на крајот на 2021 година, најпрво преку интервенциите на девизниот пазар за зачувување на стабилноста на девизниот курс на денарот, а од април 2022 година и преку постепено но континуирано зголемување на каматната стапка на монетарните инструменти. Дополнителни мерки беа преземени и кај задолжителната резерва, насочени кон поттикнување на растот на заштедите во домашна, наместо во странска валута, а беа донесени и макропрудентни мерки за унапредување на отпорноста на банкарскиот сектор. „Промената во монетарната политика влијаеше на условите на финансирање, ги стабилизираше очекувањата и придонесе кон забавување на инфлацијата“, посочува Нацевска и објаснува дека инфлацијата кај нас кон крајот на минатата година го достигна својот врв и оттогаш растот забавува. Годинава имајќи ги во предвид намалувањето на глобалните ценовни притисоци, како и затегнатите финансиски услови, се очекува инфлацијата да се стабилизира на 8-9%, пред да се врати на историската „нормала“ од околу 2%.
Вицегувернерката истакна дека и покрај постојаната појава на разни кризни ситуации, успешно е задржана стабилноста на курсот на денарот, кој е пак сидро и на ценовната и на финансиската стабилност. Едновремено, мерките кои ги презема Народната банка придонесоа кон поттикнување на штедењето во денари, со видливи ефекти во валутната структура кај штедните влогови од крајот на 2022 година наваму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ангеловска-Бежоска на Конституенцата на ММФ и СБ: Носителите на политиките може да ги ублажат последиците од миграциите

Дваесет проценти од лицата родени во регионот на Западен Балкан живеат во странство, со што се намалува потенцијалот за раст на економиите во регионот. „Човечкиот капитал е предуслов за постигнување одржлив и инклузивен економски раст, додека миграцијата е еден од факторите коишто влијаат врз човечкиот капитал. Со намалувањето како на квантитетот, така и на квалитетот на работоспособното население, имајќи предвид дека една третина од емиграцијата во регионот е со високо образование, се намалува потенцијалот за раст на економиите и се забавува веќе ниската конвергенција на доходот ‒ доходот во регионот е само 40% од европскиот доход.
Носителите на политиките не можат да ја спречат емиграцијата целосно, но може да ги ублажат негативните последици“, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која говореше на панел-дискусијата „Миграции, бегалци и општества“, во рамките состанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светската банка, којашто годинава се одржува во Црна Гора. На панел-дискусијата на која учествуваше гувернерката на Народната банка, зборуваа и министерот за финансии на Грузија, министерот за финансии на Украина, заменик-министерот за финансии на Холандија и директорот во Светската банка, Хавиер Девиктор, додека претседавач беше министерката за финансии на Молдавија. На конституенцата учествува наша делегација, предводена од гувернерката и министерот за финансии, Фатмир Бесими, во чии рамки е и вицегувернерката Ана Митреска.
Во своето излагање гувернерката посочи на бавната конвергенција на регионот на Западен Балкан кон ЕУ, што главно може да им се припише на структурните прашања, при што потенцијалот за раст на регионот во изминатите две децении се намали од 5% на 2,5%, што е поостар пад во однос нa ЕУ. Ова се должи на неповолните трендови кај сите двигатели на економскиот раст, вклучително и кај човечкиот капитал. Квантитетот кај човечкиот капитал опаѓа, како резултат на демографските фактори, но и емиграцијата. Како резултат на тоа процентот на работноспособното население во регионот во изминатата декада се намали од 70% на 65%, додека очекувањата на Светската банка се дека во следните две и пол декади ќе се намали на 60%. Во моментов, секој петти граѓанин роден во регионот живее во странство, додека секој трети размислува да се исели.
Од аспект на квалитетот на човечкиот капитал, третина од работниците кои се иселуваат се високостручни кадри, што влијае неповолно како на сегашната состојба, така и на идните движења на пазарот на труд и уште повеќе ги нагласува постојните предизвици. Ова го покажува и индексот на човечкиот капитал на Светската банка, според кој и сега има голем јаз помеѓу земјите од регионот и напредните економии во ЕУ во овој домен. Севкупно, емиграцијата го забавува растот и развојот на регионот, за што зборуваат и некои анализи според кои доколку не постоел ефектот од емиграцијата, јазот на потенцијалот за раст во регионот би бил помал за 2 процентни поена во споредба со ЕУ.
За да се намали емиграцијата се потребни структурни и институционални политики за да се зголемат доходот и квалитетот на животот во регионот, бидејќи тоа е еден од клучните фактори за миграцијата. Истовремено, треба да се зголеми искористеноста на човечкиот потенцијал којшто го имаме со зголемување на животниот век на населението којшто заостанува зад европскиот просек, со зголемување на стапката на активност, особено на жените и младите, како и со подобрување на квалитетот на работната сила преку политики за унапредување на образовниот процес. Од друга страна, унапредувањето на институциите, водењето соодветни економски политики и зајакнувањето на врските со дијаспората, може да имаат позитивни ефекти и да придонесат за враќање на дел од иселените лица, како и за привлекување нови работници од други региони.
И покрај главно негативниот контекст на емиграцијата, таа носи и извесни придобивки, пред сѐ финансиски, имајќи ги предвид приливите на средства од дознаките од странство, коишто во регионот изнесуваат 10%, додека кај нас дури 15% од БДП.
Инаку на маргините на состанокот на Конституенцата, нашата делегација оствари билатерални средби со заменик-претседателката на Светската банка, Антонела Басани, регионалниот заменик-претседател во ИФЦ, Алфонсо Гарсија Мора, како и со директорот на Одделот за Европа во ММФ, Алфред Камер.
Економија
Поскапуваат бензините

Од полноќ малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС остануваат непроменети.
Од 27.5.2023 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 80,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 82,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС
Економија
Требаше да се случи криза, за политичарите да сфатат колку е важно да се инвестира во енергетски капацитет, вели Бислимовски

Регионот ја преброди енергетската криза со капацитети изградени од времето на поранешната држава Југославија. Требаше да се случи криза, за политичарите да сфатат колку е важно да се инвестира во енергетски капацитет кои се дефинираат како стратешки истакна Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) на панелот „Како да се стигне до ветената земја на зелена енергија“ што е во рамките на меѓународниот настан „Лидерски дијалог во Југоисточна Европа “ 2023 Beyond International Expo, што се одржува во Солун, Грција.
„На крајот од кризата можеме да заклучиме дека стабилноста во испораката не беше доведена во прашање, туку цена која беше неколку кратно зголемена на берзите беше клучен тригер за компаниите да започнат со агресивното инвестирање во обновливи извори. За само една година, инсталираниот капацитет преку приватната иницијатива е зголемен за 8 %, а ова година очекуваме да стигне и до 15%. Елдорадото на инвестиции во обновливи извори ја намали увозната зависност на земјава која од 30 %, сега е намален на само 11 %“ изјави Бислимоски.
Соговорниците од енергетскиот сектор, меѓу кои и универзитетските професори како и високи политички претставници од земјите од регионот се сложија дека кризата ја „разбуди“ Европа која пак подготви економски – инвестициски план со фокус на енергетиката и финансиски пакет за поддршка за економиите за амортизација на ефектите од енергетската криза кои се директна последица од војната.
„ Ние, како држава имплементиравме се што бара Европската унија од нас кога е во прашање енергетиката, затоа верувам дека ЕУ драматично ќе ја зголеми финансиската поддршката кон земјите од Балканот.“ изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Меѓународниот настан „Лидерски дијалог во Југоисточна Европа “ 2023 Beyond International Expo, се одржува од 24 до 26 мај во Солун, Грција.