Економија
Живко Мукаетов: „Алкалоид“ е посветен на луѓето и нивното здравје

Денес „Алкалоид“ е меѓу водечките фармацевтски индустрии во Југоисточна Европа, со близу 2.700 вработени, со продажба во околу 50 земји и со добро распространета продажна мрежа од 21 канцеларија во 15 земји.
Успехот на „Алкалоид“ се заснова, пред сè, на квалитетниот кадар кој работи во компанијата, квалитетот на брендот „Алкалоид“ и на нашите поединечни брендови, кои ги граделе генерации алкалоидовци со години. Во својата долга историја „Алкалоид“ минал низ многу кризи, но секогаш покажувал отпорност и брзо приспособување кон промените. Можеби клучни во контекст на успешниот развој се зборовите посветеност и напорна работа. Во моментов „Алкалоид“ е компанија од 2.700 семејства и секој член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да расте и да се развива. Гордо, самоуверено и посветено продолжуваме да работиме на глобализацијата на брендот „Алкалоид“, притоа строго водејќи сметка за етичките стандарди, кредибилитетот и за професионалниот пристап во целокупното работење“, истакнува во интервју за српски „Профит“, генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
Во време на криза од каков било вид учиме дека компаниите и поединците мора да покажат солидарност и високо ниво на емпатија. Оперативниот менаџмент беше подигнат на највисоко можно ниво во сите сегменти. Во секојдневните процеси превладуваат рационалноста и смиреноста, а изнаоѓањето алтернативни начини за комуникација со вработените, потрошувачите и со акционерите, како и одржливото приспособување кон промените и, пред сѐ, истрајноста беа главните карактеристики на секојдневното функционирање. Особено ми е драго што во специфичните услови на работење, особено во последните три години, успеавме да обезбедиме пласман на сите пазари каде што сме присутни и да останеме доверлив партнер на здравствените системи, обезбедувајќи непречено снабдување со висококвалитетни производи по пристапни цени, и покрај нарушените дистрибутивни канали“, додава Мукаетов.
Во интервјуто, нагласува дека една од фактичките константи низ 87-годишното постоење на „Алкалоид“ се инвестициите.
„Една од фактичките константи низ 87-годишното постоење на „Алкалоид“ се инвестициите. Во последните 3 децении интензивно ги насочивме нашите инвестиции кон следење на најновите трендови и достигнувања во фармацевтската индустрија, инвестирајќи во градење и во проширување на производствените капацитети и на капацитетите за истражување и развој, како и во инсталирање современа опрема, лаборатории, во технологии, современ софтвер и во добро обучен кадар. Фармацевтската индустрија се смета за многу динамична, па затоа инвестициите се неопходен предуслов за градење модерно и конкурентно портфолио, кое ќе придонесе за подобро позиционирање и за подобри пласмани со фокус на странскиот пазар.
Само во последните 5 години инвестиравме 104,1 милиони евра во земјите од регионот, за што неодамна Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан нѐ прогласи за водечки инвеститор.
До крајот на годината очекуваме да го довршиме нашиот мегапроект „Таблетно 2“, чија цел е повеќе од двојно поголем обем и поголема флексибилност на производството на цврсти фармацевтски форми“, појаснува Мукаетов.
На кои пазари ги извезувате вашите производи? Кои производи се најзастапени во извозот?
„Во текот на првиот квартал од 2023 година, 72% на нашиот пласман беше наменет за извоз, и земјите од регионот се наши традиционални извозни пазари, каде што генерации пораснаа со нашите производи. Задоволството е навистина големо кога брендот станува составен дел од животот на луѓето. Нешто во што веруваат со години и што ја оправда нивната верба во квалитетот. Покрај земјите од регионот извезуваме и во земјите од ЕУ, Источна Европа, Северна Америка, како и во некои земји од Блискиот Исток, Канада Италија, Австрија, Шпанија, Португалија и слично“ вели Мукаетов.
Поопширно од интервјуто на генералниот директор на „Алкалоид“ Живко Мукаетов на линкот.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Битиќи: Имаме поддршка од европските пријатели, да донесеме државничка одлука, Европа е нашиот дом

Енергетските предизвици се заеднички – наши, на регионот, на Европа, а нивното решавање бара заеднички пристап, заедничко планирање и заеднички акции, порача денеска вицепремиерот Фатмир Битиќи преку видео порака.
Тој ги пренесе импресиите од Самитот на европската политичка заедница кој се одржа во Кишињев, Молдавија, но и очекувањата на главните политички чинители во ЕУ, кои, како што вели, од Северна Македонија очекуваат максимална одговорност за државничката одлука што треба да ја донесеме во наредниот период со измените на нашиот Устав како значаен чекор за просперитет и за европска иднина на сите македонски граѓани.
-Токму затоа се обединуваме низ механизмите како што е Европската политичка заедница – сите заедно, за да постигнеме енергетска транзиција, за да обезбедиме проширување на Унијата, за да ги одбраниме европските демократии од агресиите со кои се соочуваат. По тој повод, чест ми е што заедно со премиерот Ковачевски учествував на Самитот на шефови на држави и влади на Европска политичка заедница која што се одржа во Кишињев во Молдавија, посочува Битиќи.
Тој средбите во Кишињев ги оценува како можност за окрупнување и засилување на поддршката од цела Европа за следни чекори за членство на државава во Европската Унија
-Макрон, Шолц, Фон Дер Лајен, Мишел, Мецола, Зеленски, Рама, Вучиќ, Милатовиќ и многу други. Сите нѝ оддаваат признание за постигнатото досега и за тоа што сме пример за земја која изолацијата ја замени со напредок. И сега, сите наши европски пријатели очекуваат од нас максимална одговорност за државничката одлука што треба да ја донесеме во наредниот период со измените на нашиот Устав. Заеднички е ставот на сите наши пријатели дека со тоа ќе направиме уште еден значаен чекор за просперитет и за европска иднина на сите македонски граѓани, вели Битиќи и порачува дека нема други алтернативи за просперитетна и сигурна иднина.
Економија
Исплатени речиси 290 милиони денари дополнителни субвенции за овоштарство кон 10.604 корисници

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира земјоделците дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурланиот развој изврши исплата за дополнителни директни плаќања од подмерка 1.7 по обработлива земјоделска површина за одделни овошни видови. Исплатата е реализирана кон 10.604 корисници во висина од 286.673.118,00 денари.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства што имаат засадени површини со следниве овошни видови: јаболко, слива, праска, круша, вишна,кајсија ,цреша, јагода на отворено, малина, капина, боровинка ,дуња,мушмула, актинидија, маслинка, калинка, јапонско јаболко,смоква, аронија, шип, рибизла, гоџи бери, барем, лешник, ореви и питоми костени, кои се корисници од подмерка 1.7 од оваа уредба и се регистрирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства.
Висината на директните плаќања изнесуваат 29.000 денари по хектар, односно 38.000 денари по хектар за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска поддршка од минимум 1 хектар до максимум 5 хектари јаболко.
За слива и праска висината на директните плаќања изнесува 24.000 денари по хектар односно 30.600 денари по хектар со пријавена површина за финансиска поддшка од минимум 1 хектар до максимум 5.
Кај овошните видови круша, вишна, кајсија , цреша, јагода на отворено, малина, капина и боровинка висината на плаќањата изнесува 21.000 денари по хектар, односно 27.600 денари по хектар за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска подршка од минимум 1 до максимум 5 хектари.
Додека пак 13. 000 денари по хектар односно 18.000 денари по хектар, изнесува висината на директни плаќања за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска поддршка од минимум 1 хектар до максимум 5 хектари за дуња, мушмула, актинидија, маслинка, калинка, јапонско јаболко, смоква, аронија, шип, рибизла, гоџи бери, бадем и лешник.
Економија
(Видео) Ковачевски на тркалезна маса за енергетика: Македонија станува зелен енергетски центар

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, придружуван од заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска учествуваше на тркалезната маса на тема енергетика во рамки на вториот Самит на Европската политичка заедница, кој се одржува во Кишињев, Молдавија.
На тркалезната маса се зборуваше за предизвиците поврзани со енергетската криза и енергетската отпорност во рамките на глобалните предизвици со кои се соочуваат земјите во Европа, а лидерите се осврнаа на енергетската безбедност која мора да се овозможи од сите земји кои учествуваат во Европската политичка заедница. Констатирана е потреба од активно вклучување на земјите од Западен Балкан во енергетската поврзаност. Лидерите говореа и за конечно разгледување на можноста за создавање на нов механизам за финансирање на земјите кои не се членки на ЕУ.
Како што наведуваат од кабинетот на Ковачевски, тој ги истакнал чекорите кои Македонија ги има преземено за обезбедување на енергетска транзиција и диверзификација, како најважниот придонес кон регионалниот пристап и градењето на отпорност на регионот.
Премиерот Ковачевски истакна дека Северна Македонија е посветена на енергетската диверзификација, и кризата ја претвори во можност, и токму затоа во кратки 15 месеци во Северна Македонија има инсталиран капацитет од околу 200 MW енергија од обновливи извори и тоа претежно фотоволтаични централи но и ветерни и биогасни капацитети. Со ова Северна Македонија станува регионален центар на зелена енергија.
Во рамките на овој Самит, се одржаа три тркалезни маси насочени кон три главни теми, а тоа се заеднички напори за мир и безбедност, енергетската отпорност и климатска акција и меѓусебните врски во Европа за подобро поврзан и постабилен континент. Европската политичка заедница е платформа за политичка координација меѓу европските земји. Платформата има за цел промоција на политичкиот дијалог и соработка со цел адресирање на темите од заеднички интерес и зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.