Економија
Забранет извозот на огревно дрво, пелети и пченица и брашно, укината царината за увоз на масло за јадење до крајот на годината

По предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница донесе две одлуки за ограничување на извозот на одредени производи и одлука за укинување на царината за увоз на масло за јадење од сончоглед.
Овие одлуки се донесени со цел се избегнат шпекулативни дејства на трговците и производителите и за заштита на домашното производство, домашниот пазар и граѓаните и да се одржува снабдувањето на домашниот пазар од растот на цените, објави министерот за економија, Крешник Бектеши.
За да се спречат сериозни нарушувања на пазарот во земјата, кои може да настанат со извоз на пченица и брашно од земјата, Владата донесе одлука до крајот на годината, односно до 31.12.2022 година, да се ограничи извозот на пченица и наполица и брашно од пченица и наполица.
Во услови на економската криза предизвикана од воените случувања во Украина и нарушувањата на светскиот пазар на пченица, на кој се јавува сериозен недостиг на пченица, потребно е да се превенираат евентуалните дополнителни нарушувања на пазарот во земјата кај овие основни прехранбени производи неопходни за исхрана на населението.
Исто така, по предлог на Министерството за економија, на денешната владина седница беше донесена одлука за ограничување на извозот на огревно дрво и пелети до крајот на годината, односно до 31.12.2022 година.
Оваа одлука за привремено ограничување на извозот на огревно и необработено дрво и пелети е донесена со цел да се спречат и избегнат последиците предизвикани од зголемената побарувачка на населението за огревно дрво предизвикана од енергетската криза на светскиот пазар.
Одлука за привремена забрана на извозот на одредени дрвни сортименти неодамна имаат донесено владите на Србија, Босна и Херцеговина и на Црна Гора.
Исто така, по предлог на Министерството за економија, со консултација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата повторно донесе одлука за укинување на увозната давачка – царинската стапка за увоз на масло од сончоглед за јадење поради потребата да се одржува снабдувањето на домашниот пазар од растот на цените.
Оваа одлука ќе важи до 31.12.2022 година. Ваква одлука се применуваше до 31 мај 2022 година. Имено, редовната царинска стапка на маслото од сончоглед за јадење е максимум 29 %, така што со оваа мерка се дава можност на увоз од други земји за кои нема преференцијален третман во трговијата или се предмет на мала бесцаринска квота во рамките на договорите за слободна трговија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Започнува исплатата на субвенциите за обележани грла говеда и презимени пчелни семејства

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги известува сточарите дека започна исплатата на субвенциите за обележани грла говеда и презимени пчелни семејства.
Исплатени се 329.512.000 денари субвенции за обележани грла говеда евидентирани во регистарот за одгледувалишта на говеда до близу 9.700 корисници. Висината на директните плаќања за говеда изнесува 2.800 денари по грло, односно 3.100 денари по грло за земјоделски стопанства со пријавен број за финансиска поддршка од минимум 10 до максимум 50 грла говеда.
Извршена е исплата и на финасиската поддршка за презимени пчелни семејства во износ од 210 милиони денари до 5877 пчелари кои поседуваат минимум 35 регистрирани презимени пчелни семејства. Висината на директните плаќања за презимени пчелни семејства изнесува 600 денари по пчелно семејство, односно 800 денари за оние земјоделски стопанства со пријавен број на пчелни семејства за финансиска поддршка од минимум 50 до максимум 100 пчелни семејства.
„Со донесениот ребаланс на буџетот за 2022 година обезбедиме 2,7 милијарди денари финансиски средства со кои оваа година комплетно ги расчистуваме заостанатите обврски кон земјоделците, а започнуваме и со аванска исплата на земјоделците. Подготвивме план и динамика за исплата кој со реализација започнува од овој месец со исплатата на субвенциите за говеда и пчели. Следуваат исплатите за овци, кози и гоеници. Согласно динамиката до крајот на годината реализирани ќе бидат сите исплати кон земјоделците. Парите се тука, обезбедени и земјоделците ќе ги добијат своите заслужени средства“, информираа од Министерството.
Економија
АФПЗРР: Исплатени субвенциите за обележани грла говеда и презимени пчелни семејства

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој изврши исплата на директни плаќања за обележани грла говеда и презимени пчелни семејства.
На близу 9700 сточари се исплатени 329.512 денари за говеда евидентирани во регистарот за одгледувалишта на говеда, а 5877 пчелари кои поседуваат минимум 35 регистрирани презимени пчелни семејства добија финансиска поддршка од 210 милиони денари.
Висината на директните плаќања за говеда изнесува 2.800 денари по грло, односно 3.100 по грло за земјоделски стопанства со пријавен број за финансиска поддршка од минимум 10 до максимум 50 грла.
Висината на директните плаќања за презимени пчелни семејства изнесува 600 денари по пчелно семејство, односно 800 за оние земјоделски стопанства со пријавен број на пчелни семејства за финансиска поддршка од минимум 50 до максимум 100 пчелни семејства.
Агенцијата исто така ја реализираше и исплатата од подмерката од Интервентниот фонд за набавени вештачки ѓубрива за 327 корисници со финансиска поддршка од 7.6 милиони денари.
„АФПЗРР продолжува со подготовка на исплатите за останатите мерки за финансиска поддршка за сточарско производство. Во следниот период со засилена динамика ќе продолжи имплементацијата на програмите за директни плаќања и рурален развој, како и интервентниот фонд како главни механизми за државна финансиска поддршка за агросекторот и домашното производство на храна ” – информира директорот Бачовски.
Економија
(Видео) Калеска-Ванчева: Донесени мерки за заштеда на струја, домашното производство зголемено за 15 отсто

Со цел што полесно да се помине најтешката зима на енергетски план, Министерството за економија подготви план и препораки „Заштеда на струја за безбедна зима. Овој план е со цел потрошувачката на електрична енергија да се намали за 15 отсто споредено со истиот месец од претходната година, првенствено за да се намалат трошоците за струја, а потоа и електричната енергија да биде достапна секому и секогаш. Електрична енергија оваа зима ќе има доволно, но од секој од нас зависи како и за што таа ќе се користи. И понатаму потребите за електрична енергија на ЕВН Хоум за граѓаните и малите потрошувачи ќе се задоволуваат исклучиво од наше сопствено домашно производство, без увоз на струја, изјави на денешната прес-конференција Снежана Калеска-Ванчева, пратеничка на СДСМ.
Таа додаде дека АД ЕСМ во првите седум месеци од 2022 година произведе за 15 проценти повеќе електрична енергија во однос на истиот период лани. Зголеменото производство се должи на зголемувањето на производството од термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј од 40 отсто, додека целиот план за производство за 2022 година е направен со 20 отсто.
Но и покрај ова важно е сите, од јавните установи и институции, преку приватните компании, па сè до домаќинствата да ја намалат потрошувачката на електрична енергија. Јавните институции и државни претпријатија добија задолженија за намалување на потрошувачката на електричната енергија во периодот од први септември до 31 март 2023 година како што се, да се исклучи декоративното осветлување на фасадите на сите јавни објекти и културни споменици. Да не се користи осветлување во внатрешните простории и канцелариите во јавните објекти во период кога има доволно дневна светлина. Во јавните објекти, во сезона на ладење температурата на климатизерите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени. Јавните институции, во рамките на буџетите, да инсталираат колекторски системи за загревање на вода, доколку тоа е разумно и исплатливо. Јавните институции целосно да го исклучат осветлувањето во излозите во период по работно време. Да се заменат старите светилки со вжарено влакно со компактни флуоресцентни светилки. Редовно да се менуваат филтрите на грејните тела, односно клима-уредите во работните простории.
Со почитување на овие задолженија и препораки ќе се намали потрошувачката на електрична енергија, ќе се намалат сметките за струја и нема да дојде до загрозување на редовното снабдување на електричната енергија. Затоа, сите да се водиме од овие препораки во периодот што следува, изјави Ванчева.