Економија
Заев и министерката Шахпаска на 75 години од основањето на Сојузот на пензионерите: Пензискиот фонд е стабилен, а пензиите растат и се исплаќаат редовно
Премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите Станка Трајкова денеска се обратија на Денот на пензионерите – 20 септември, на свечена седница по повод јубилејот 75 години од основањето на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.
Премиерот Зоран Заев им ја честиташе годишнината на членовите на Сојузот, која се поклопува со 30-годишнината од независноста на нашата држава и им посака уште долги години посветено и успешно спроведување на нивната благородна мисија. Тој едновремено ја изрази одлучноста на Владата да работи на унапредување на квалитетот на живеење на највозрасната категорија граѓани која го вгради својот работен век во иднината на оваа земја.
„Седумдесет и петгодишнината од основањето на Сојузот на здруженијата на пензионерите се поклопува и со јубилејот 30 години самостојност и нè потсетува на она што никако не смееме да го заборавиме – дека токму оваа генерација граѓани на свои плеќи понесе најголем товар во времето кога државата работеше на консолидирање на економијата. Свесни сме дека личниот влог на секој од вас е огромен и должни сме да ви изразиме неизмерна почит и благодарност“, истакна премиерот Заев.
Во своето обраќање до присутните тој нагласи дека еден од приоритетите и обврски на оваа Влада и Министерството за труд и социјална политика е подеднаква грижа за сите граѓани преку концептот „Едно општество за сите“ и особено исправање на неправдите кон пензионерите.
„Сега два пати годишно имаме усогласување на пензиите со трошоците на живот. Со ова законско усогласување од една страна ги усогласуваме пензиите со трошоците за живот, а од друга страна го штитиме фондот за ПИОМ со цел и идните генерации пензионери да очекуваат стабилни и навремени исплати на своите пензии. До крајот на годината ќе работиме во правец на менување на системот за пресметката на пензиите при што ќе биде вграден и критериумот раст на просечната плата покрај критериумот раст на трошоци за живот“, подвлече премиерот Заев.
Тој нагласи дека пензискиот фонд е стабилен, со што пензиите ќе течат редовно и ќе растат согласно законот што на оваа група граѓани ќе им гарантира сигурна егзистенција за време на пензионерски денови, квалитетен и достоинствен живот.
Премиерот Заев истакна дека Владата заедно со Министерството за труд и социјална политика презеде и низа конкретни активности во насока на подобрување на социјалните сервиси за заштита и помош на пензионерите, како што се зголемените капацитети за сместувања на возрасни лица и пензионери, социјалните сервиси посета и грижа на пензионерите, и повеќе дневни центри и пензионерски домови за што се потпишани договори со 19 општини во државата. Владата на Сојузот на здруженијата на пензионери му обезбеди простор за трајно користење со што се создадоа подобри услови за негова работа.
Министерката Шахпаска на присутните им го честиташе јубилејот и им се заблагодари на посветеноста и на ентузијазмот со кој во текот на својот работен век ја градеа нашата држава.
Таа истакна дека пензискиот фонд и покрај економската и здравствена криза предизвикана од пандемијата со Ковид-19 е во стабилна состојба, а пензиите, како и досега, ќе продолжат со тековна, редовна и навремена исплата.
„Од минатата година овозможивме исплатата на пензиите да тече предвреме, во четири групи, во зависност од висината на пензијата. Со тоа ја заштитивме најранливата група на наши граѓани од изложеност на Ковид-19, и не дозволивме групирање при подигнувањето на пензиите. Нашата порака е јасна, создаваме систем според кој пензионерите ќе имаат сигурност, извесност и покачувањето на нивните пензии нема да зависи од нечија политичка волја или од тоа дали ќе има избори“, подвлече министерката Шахпаска.
Министерката во оваа пригода информираше дека со Законот за социјална сигурност за старите лица на возрасните лица кои не се корисници на пензија и други социјални услуги, им е обезбеден месечен надоместок од 6.000 денари и дополнително додаток од 1.000 денари, заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството.
„Исто така ја воведовме услугата, помош и нега на стари лица во домот која се спроведува во домашни услови. Негователи им помагаат на старите лица во секојдневните активности, облекување, хранење, набавка на лекови и прехранбени производи, прошетки во околината. Оваа услуга ќе ја спроведуваат 300 негуватели, а ќе бидат опфатени 900 пензионери во целата држава“, истакна Шахпаска.
Претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите Станка Трајкова изрази голема благодарност за присуството и укажаната поддршката од страна на премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, како и на директорката на ПИОМ Билјана Јовановска.
„Во својот развој оваа пензионерска асоцијација прерасна во најмасовна најактивна и невладина мултиетничка организација. Денес во нашата држава има 324.066 корисници на пензија кои својата материјална егзистенција ја обезбедуваат во реформиран пензиски систем. Просечната пензија изнесува 15.854 денари и нејзиното учество во однос на просечната плата изнесува 55,2%. Она што за пензионерите е многу важно е што имаме редовна исплата, а во услови на пандемија пензиите се исплатуваа предвреме во неколку групи почнувајќи од најниските, заради обезбедување превентивна заштита на пензионерите“, истакна Трајкова.
На крајот на оваа свечена седница претседателката СЗПМ, како израз на благодарност за континуираната поддршка, им додели плакети на премиерот Зоран Заев, на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и на директорката на ПИОМ Билјана Јовановска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на Energy Transition Summit во Атина: Посветени сме на заложбите за кредибилен партнер во Европската енергетска интеграција
Посветени сме да бидеме конструктивен регионален партнер, кредибилен учесник во европската енергетска интеграција, земја која придонесува за постабилна, побезбедна и поодржлива Југоисточна Европа, изјави денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, говорејќи на Министерскиот панел: “Delivering 2030 – Leadership commitments for the East Med transition”, во рамките на дводневниот „Energy Transition Summit: East Med and Southeastern Europe“, кој се одржува во Атина, Грција.
На Самитот, којшто е во организација на Financial Times и Катимерини, учествуваат високи владини претставници од регионот, како и претставници на бизнис и финансискиот сектор на регионално ниво.
Министерката Божиновска, во својот говор се осврна на важноста од регионалното енергетско поврзување:
„Во изминатите неколку години многу јасно се покажа дека ниту една земја во нашиот регион не може сама да изгради енергетска безбедност, и дека ниту една транзиција не може да успее ако не е сигурна, достапна по цена и погодна за инвестиции. За мојата земја ова е прашање на енергетска безбедност, економска конкурентност и социјална стабилност. Затоа, за нас остварувањето на целите за 2030 значи три работи: изградба на регионална интерконекција како безбедносна инфраструктура, интеграција на обновливите извори преку мрежи, складирање и балансирање, и одржување на транзицијата достапна, социјално праведна и привлечна за инвестиции“, рече министерката Божиновска.
Набројувајќи ги постигнувањата на нашата земја на полето на енергетиката, министерката Божиновска потенцираше дека нашата цел е географската позиција на земјата да се претвори во предност.
„Гасниот интерконектор со Грција е клучен пример. Со почетен капацитет од 1,2 милијарди кубни метри годишно и можност за проширување до 2,8 милијарди кубни метри, тој ја менува нашата позиција од енергетска крајна точка во дел од регионален коридор. Ова е важно затоа што диверзификацијата денес не значи само повеќе снабдувачи. Таа значи повеќе рути, поголема флексибилност и поголема отпорност.
Преку поврзувањето со Грција, нашата земја го зајакнува пристапот до регионалните гасни текови, вклучително и LNG инфраструктурата. Планираната интерконекција со Србија е следниот чекор кон посилна север-југ енергетска поврзаност во Југоисточна Европа. Нашата позиција е јасна: интерконекторите се инструменти на регионална стабилност, енергетска дипломатија и долгорочна отпорност“, нагласи министерката Божиновска на Министерскиот панел: “Delivering 2030 – Leadership commitments for the East Med transition”, во рамките на „Energy Transition Summit: East Med and Southeastern Europe“.
Економија
Германија почнува да гради нови електрани на гас поради недостиг на електрична енергија
Германската влада го отвори патот за изградба на нови електрани на гас во обид да ја пополни празнината во снабдувањето со обновлива електрична енергија, испраќајќи закон за изградба на електрани на гас до Бундестагот.
Целта е електраните на гас да го заменат постепеното напуштање на јагленот како гориво, планирано за 2038 година, и да служат како резерва во иднина за време на периоди на ниско производство на електрична енергија од сончеви електрани и ветерни фарми.
До 2030 година, уделот на обновливите извори на енергија во потрошувачката на електрична енергија треба да се зголеми на 80 проценти, во споредба со 53 проценти во првиот квартал од 2026 година.
Симулациите на Федералната агенција за мрежи покажуваат дека недостигот на снабдување ќе биде неизбежен од 2031 година па натаму ако не се преземат мерки. Изградбата на нови електрани треба да започне најдоцна од таа година. Тие исто така мора да бидат дизајнирани така што ќе можат да користат водород како гориво на јаглеродно неутрален начин по 2045 година.
Потрошувачите на електрична енергија во Германија ќе плаќаат нова такса од 2031 година за покривање на трошоците за изградба.
Нацрт-законот сега влегува во парламентарна постапка, по што регулативите мора конечно да бидат одобрени од Европската комисија според правилата за државна помош.
Овој потег доаѓа во време кога цените на фосилните горива низ целиот свет нагло растат поради војната со Иран и блокадата на Ормутскиот теснец од страна на Иран.
Тендерите за нови електрани се планирани во неколку фази во текот на наредните години. Почнувајќи од летото 2026 година, ќе се објавуваат тендери за почетни 11 гигавати нов капацитет. Овој капацитет мора да се одржува во период од 15 години.
фото/Depositphotos
Економија
Николоски: Доброто планирање е клучно за реализација на капиталните инвестиции, реализиравме 75 проценти
Со добро планирање, успеавме до сега да реализираме 75 % од средствата за капитални проекти од буџетот на Министерството за транспорт, што е одличен реузлтат. Доколку има простор, подготвени сме да потрошиме и дополнителсни средства ако буџетот тоа го дозволува, истакна вицепремиерот и министерот за транспорт, Александар Николоски.
„Многу сум задоволен од реализацијата на буџетот во Министерството за транспорт. Во делот на капиталните расходи сме некаде 75 % реализација, што е резултат на едно добро планирање што го направивме минатата година. Ако ме прашувате за следна година и за следната година очекувам иста да е состојбатa во првите месеци. Доколку има простор во буџетот, ние со тимот во Министерството сме подготвени да конзумираме поголем буџет доколку има простор”, изјави вицепремиерот Николоски.
