Економија
Заев: Набргу почнува изградбата на топловодот до Битола, Новаци и Могила

АД ЕСМ потпиша договор за реализација на проектот за топлификација на Битола, Новаци и Могила, кој во првата фаза чини 27 милиони евра. Економскиот оператор „RBA конзорциум“ набргу ќе почне со изградба и поставување на цевките, најави премиерот Зоран Заев на социјалните мрежи.
„По 40 години постоење на ‘РЕК Битола’ и децениско размислување за реализација на овој проект, за само неколку години стигнавме до потпишување договор, а за кратко време и почеток на изградбата на топловодот од ‘РЕК Битола’ до градот Битола. На овој начин жителите на Битола, Новаци и на Могила ќе добијат парно греење како најблиски населени места што гравитираат околу комбинатот“, објасни премиерот во својата објава на „Фејсбук“.
Според него, АД ЕСМ сега го прави проектот за топлификација економски исплатлив, а претходно тој не бил.
„Со предвидената изградба на когенеративната гасна електрана, која ќе произведува и електрична и топлинска енергија и која ќе биде замена за два блока на јаглен во ‘РЕК Битола’, се прави инвестицијата во топловодната мрежа да биде економски оправдана во иднина затоа што претходно не беше јасно што ќе биде со топловодната мрежа кога ‘РЕК Битола’ ќе згасне ваков каков што постои, односно на јаглен“, нагласува премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Европа од денеска воведува забрана за увоз на руски дизел

Од денеска, Европа воведе забрана за увоз на руски дизел гориво и други нафтени деривати, со што дополнително се намалува нејзината зависност од Москва додека се обидува да го казни Кремљ за воената акција во Украина.
Забраната е воведена заедно со ограничување на цената на нафтените деривати, што е резултат на договорот меѓу групата седум демократски земји, пренесе АП.
Целта е да се дозволи дизелот да продолжи да се снабдува во земји како Кина и Индија и да се избегне ненадејно зголемување на цената на ова гориво, што би им наштетило на потрошувачите ширум светот, а во исто време ќе го намали профитот што го прави Москва за државниот буџет.
Дизелот е од клучно значење за економијата бидејќи се користи во автомобили, камиони за транспорт на стоки, земјоделски машини и фабрички машини.
Членките на ЕУ отсега ќе купуваат дизел гориво од САД, Блискиот Исток и Индија за да го заменат руското гориво кое во еден момент покриваше десет проценти од потребите на Европа.
Цената на дизелот може да порасне поради зголемените транспортни трошоци и закрепнувањето на побарувачката во Кина, чија економија излегува од драконските ограничувања наметнати од пандемијата Ковид-19, пренесе Танјуг.рс.
Економија
(Видео) Битиќи: Наскоро доаѓа АДА – првиот дигитален асистент во јавниот сектор во регионот

Пред нешто повеќе од една година започнавме со креирање на првиот дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција – АДА, преку кој компаниите ќе можат да добиваат целосни информации за условите за инвестирање во нашата земја и државната помош која ја нудиме, соопшти заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи.
„ АДА ќе ги нуди сите информации за финансиска поддршка по Планот за економски раст. А секако понатаму овој асистент базиран на вештачка интелигенција ќе го учиме и на други услуги кои се важни за стопанството и граѓаните“ рече Битиќи.
„ Дополнително, заедно со Светска Банка ќе започнеме конечно да дигитализираме 11 деловни процеси во 11 различни институции коишто го користат механизмот на државна помош. Ова ќе помогне во зголемување на ефективноста и ефикасноста“, изјави Битиќи зборувајќи за развивањето на АДА.
Клучно за развивање на дигиталниот асистент АДА е тоа што ќе овозможи унифицирани информации достапни во секое време за сите заинтересирани.
„ Дигитализацијата е одговор на сите недостатоци што се појавуваат во различни извештаи во однос на борба против корупција и организиран криминал. Единствен начин тоа да го адресираш е преку целосно тргање на страна на човечкиот фактор и секако да го направиш транспарентен целокупниот процес на поддршка на компаниите и инвестициите. Одлучивме дека ќе ја направиме АДА, дигиталниот асистент кој ќе биде првиот асистент кој некогаш е поставен во јавниот сектор. Инаку АДА е промената на дело којшто сите ние треба да ја направиме оваа година и наредните години ако сакаме навистина да стигнеме во растот и развојот кој сакаме да го постигнеме“, изјави Битиќи.
АДА ќе дава информации за инвестиции која овој месец ќе биде детално промовирана.
Дигиталниот асистент АДА се работи преку проект на Фондот за иновации и технолошки развој кој беше спроведен како предизвик за домашната старт ап заедница на кој победи фирмата CodeWell. АДА е првиот дигитален асистент во јавниот сектор во регионот кој работи на вештачка интелигенција, ве води и одговара на прашања за можностите за инвестиции во нашата земја и наскоро истиот ќе биде детално промовиран.
Економија
Позитивниот тренд на раст во ТИРЗ продолжува и во 2023 – зголемен извоз и нови работни места

ТИРЗ ја започнува годинава со позитивен тренд на извоз и зголемување на бројот на работни места, покажува редовната месечна анализа.
Компаниите во ТИРЗ во јануари реализирале извоз од 275,4 милиони евра што е највисоко ниво во последниве пет години. Споредено со јануари 2022 извозот е зголемен за 11%, односно е за 9% повисок од 2021, и за 45% и 15% повисок споредено со 2020 односно 2019 година.
Позитивниот тренд на раст продолжува и во однос на увозот. Компаниите во ТИРЗ во јануари оствариле увоз од 221 милиони евра. Тоа е за 8% повеќе споредено со истиот период во 2022, односно за 44% повеќе од јануари 2020 и за 15% повеќе споредено со 2019. Увозот во јануари 2021 бил повисок за 10%, покажува анализата.
Особено позитивен тренд на раст има кај нето извозот кој во јануари е 24,5%, што меѓу другото се должи на зголемените инвестициски активности во Зоните и зголемениот број на работни места.
Бројот на вработени во зоните во јануари достигна речиси 16,400 што е за 16% повисок од јануари 2022. Само во првиот месец од годинава во компаниите во зоните се отворени речиси 80 нови работни места. Инаку ТИРЗ ја заокружи минатата година со 2300 новоотворени работни места и највисок извоз досега од 3,7 милијарди евра, со што е 2022 е најуспешната година од постоењето на зоните.