Економија
Заев со Организацијата на работодавачи: Дијалог и партнерство за задоволни работници и работодавачи

Државата е стабилна и финансиски ликвидна, треба да сметате на својата Влада на својата држава, тука сме да помогнеме, истакна премиерот Зоран Заев во воведното обраќање на настанот по повод Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија.
„Испраќам порака на соработка со Организацијата на работодавачи, со сите компании во нашата земја, низ дијалог да ги изнаоѓаме секој пат решенијата“, рече Заев.
Тој имаше учество и на дебатата на тема „Македонската економија пред и по пандемијата“ и ги истакна придобивките од економските мерки кои Владата ги презеде за намалување на ефектите од пандемијата.
„Сакам да потенцирам дека растот и развојот на државата е возможен само преку приватна иницијатива и продолжувањето на инвестиционите активности, соодветно поставени на потребите кои ги носи модерното време. Трета деценија од 21 век е, Ковид-19 и сите новини коишто доаѓаат се предизвик за приватниот сектор, предизвик и за работниците, како и за државата. Во вакви околности сме поттикнати да соработуваме и јас верувам дека ќе бидеме мудри да соработуваме, затоа што колку повеќе бизнис секторот оди напред се случуваат нови инвестиции и се фаќа чекор со модерното ново време, толку повеќе ќе бидат задоволни и работниците. На тој начин се ствара основа и за постабилни плати, но и за повисоки плати. Од тој аспект државата може да биде само задоволна, кога се задоволни работниците и работодавачите. Ние сме ја исполниле нашата мисија да бидеме доволно добар административен апарат којшто ќе им служи на сите важни структури во општествово“, рече Заев во своето обраќање.
Според неговите оценки, економиите како што рече, се менуваат и треба да фаќаме чекор со светот за да бидеме поконкурентни и поприсутни на странските пазари.
„Државата ви е партнер, стабилни плати и раст на работните мести како и намалување на невработеноста во државата е возможно преку приватниот сектор. Државата може да биде поттикнувач, поддржувач преку капиталните инвестиции, преку брзи механизми, преку отфрлање на административните бариери, но секаде како во демократскиот свет така и кај нас, ако растат компаниите, ако се конкурентни и продуктивни, бенефитот одма доаѓа и за работниците, а согласно со тоа и за државата. Втората важна работа е преструктурирањето коешто мора да го направиме. Гледате дека не само пандемијата, туку и самиот почеток на третата деценија од 21 век даде фокус на многу значајни елементи коишто треба да донесат мултиплицирачки позитивни ефекти во општеството. Доминантна е зелената агенда којашто треба да ја следиме сите, затоа што дефинитивно покажува профитабилност во инвестициите, покажува можност да се продаде тоа што се произведува на слободниот пазар, но истовремено и можност за отворање на работни места. Потоа следи енергетската ефикасност, односно заштеда на енергијата, а третиот дел е дигитализацијата“, нагласи Заев.
Министерката Јагода Шахпаска во своето обраќање истакна дека како и до сега за да се постигне стабилност и развој на македонската економија, неопходно е да му се овозможи на бизнис секторот да учествува во подготовката на мерките и решенија за надминување на кризата.
„Социјалните партнери се сржта на економски стабилно, просперитетно општество и затоа за нас како Влада од клучна важност е стабилниот социјален дијалог помеѓу работодавачите и работниците. Заеднички ги креиравме шесте пакети финансиска помош, трудејќи се секој нареден да е подобар од претходниот. И бизнис заедницата и работниците учествуваа постојано со свои сугестии и коментари, и доказ за успешноста на помошта се над 80.000 зачувани работни места и над 4.000 компании кои беа финансиски поддржани“, рече Шахпаска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ковачевски: Со повратот на ДДВ кон стопанството ги поддржуваме конкурентноста и ликвидноста на компаниите

Премиерот Димитар Ковачевски и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, денеска беа во посета на компанијата „Виталија“, која како голем даночен обврзник значајно придонесува во буџетот на државата преку плаќање придонеси и даноци по сите основи.
Премиерот Ковачевски посочи дека ваквите компании имаат значајно влијание на растот и развојот на економијата во земјата.
„Владата креира позитивни политики и затоа успеавме да постигнеме ефикасност на плаќање данок кон државата. Како Влада се залагаме за поедноставни процедури сè со цел да изградиме силен и нераскинлив однос со нашите партнери, компаниите. Повратот на ДДВ за 2022 година изнесува над 727 милиона евра, така што дополнително ги поддржуваме ликвидноста и конкурентноста на компаниите. Многу важно е дека го зголемивме и повратот на ДДВ за граѓаните, и тоа од 1.800 денари на 2.100 денари за тримесечје“, изјави премиерот Ковачевски.
Директорката на Управата за јавни приходи, Лукаревска, посочи дека компаниите како „Виталија“, кои се дисциплинирани даночни обврзнициј се партнер на Владата во заедничко креирање политики.
„Така заедно придонесуваме кон подобра деловна клима, заедно се бориме против сивата економија и заедно создаваме имиџ за меѓусебна доверба и поврзаност.
Верувам дека за менаџерите во претходните специфични години беше предизвик да ги задржат работните места, но и да обезбедат пласман на производите и затоа од исклучителна важност е заедно, домаќински, да придонесеме за побрзо надминување на предизвиците“, истакна Лукаревска.
Економија
Ковачевски: Речиси 200 компании ќе плаќаат данок на солидарност

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека речиси 200 компании, кои оствариле над 10 милиони евра профит, ќе бидат опфатени со т.н. данок на солидарност. Тој додаде дека вакво законско решение имаат и земјите членки во ЕУ, но и во регионот.
Како што објасни, сумата што се предвидува да се добие од овој придонес е 80 милиони евра.
Законското решение е веќе во собраниска процедура, а Ковачевски очекува да биде поддржано од пратениците. Тој воедно не смета, како што изјави, дека ќе има какво било затајување на овој солидарен данок зашто се работи за респектабилни компании, етаблирани на домашниот пазар.
„Законското решение се однесува на екстра профитот. Добивката од последната година се споредува со просекот од изминатите години и оној дел што е повисок за 20 проценти се даночи со стапка од 30 отсто. Сите компании опфатени во делот на законските одредби нормално дека во своите даночни биланси на крајот на пресметковниот период треба да го прикажат и овој данок. Не би елаборирал компании одделно по индустрии зашто законот е многу јасен“, рече Ковачевски.
Тој не кажа кои фирми ќе треба да плаќаат данок на солидарност.
Економија
Синдикатот на УПОЗ: Бесими го остави и претседателот на државата без плата

Министерот за финансии ,Фатмир Бесими, спротивно на сите норми, не ја одобрил платата на вработените во Кабинетот на претседателот, вклучително и самиот претседател на државата, реагира Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани.
„Каква дрскост! Министерот за финансии спротивно на сите правни норми решил да не ја одобрува платата на вработените во Кабинетот, која е целосно во согласност со правната регулатива и колективниот договор за вработените. Министерот за финансии свесно бара да биде прекршен колективниот договор и да не се исполнат одредби од него, чин што е кривично дело со можност за една година затвор за раководното лице на институцијата. Она што е несфатливо е дека со колективниот договор не се зголемуваат платите на претседателот Пендаровски и другите раководни лица во Кабинетот, туку само на администрација, но за апсурдот да е поголем и тоа минимално зголемување е во рамките на веќе одобрениот буџет за 2023 и тоа во раздел плати. Што всушност бара Бесими ?“, јавно праша Синдикатот на УПОЗ.
Синдикатот на УПОЗ веќе предупреди дека министерот за финансии, Фатмир Бесими, направил кривично дело со повлекување на решенијата на вработените во Министерството за финансии, кои веќе им биле поделени, а се однесуваат на зголемување на платата за 30 отсто и ги повика да се обратат до Синдикатот за бесплатна правна помош за остварување на правото за зголемување на плата.