Економија
Заев: Реализација на проектите од ЕУ обезбедуваат долгорочно економско закрепнување на регионот

„Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан го поддржува долгорочното економско закрепнување на регионот, истовремено поттикнувајќи регионална интеграција. Имплементацијата на Планот ќе ја стимулира економската активност, ќе ги зголеми инвестициите и на јавниот и на приватниот сектор, ќе ги зајакне конкурентноста и иновациите, особено на малите и средни компании“, истакна премиерот Заев во своето обраќање на Самитот на земјите од Западен Балкан во Тирана.
Премиерот Заев, на Самитот со кој претседава премиерот на Албанија Еди Рама и на кој учествуваат еврокомесарот за проширување и добрососедство, Оливер Вархеји, претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и премиерите на Косово – Албин Курти, на Србија – Ана Брнабиќ и на Босна и Херцеговина – Зоран Тегелтија, рече дека Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан има силен потенцијал за поддршка на главните патни и железнички врски во регионот.
„Нашата волја е поттикнување на развојот на капацитетите со обновлива енергија и премин од јаглен кон обновливи енергенси, зголемување на енергетската ефикасност, намалување на емисиите на стакленички гасови и подобрување на инфраструктурата за управување со отпадни води. За време на овие предизвикувачки периоди, сите земји од регионот работат заедно во воспоставувањето на Заедничкиот регионален пазар“, рече премиерот Заев и додаде дека тоа е успешен модел за мотивација на регионот да почне нови регионални иницијативи насочени кон приближување на Западен Балкан до внатрешниот пазар на ЕУ.
Заев нагласи дека дигитализацијата има централна улога во модернизацијата на економиите, понатамошната интеграција на дигиталната економија на Западен Балкан кон единствениот дигитален пазар на ЕУ, правејќи го регионот попривлечна инвестициска област.
„Тесното усогласување на регулативите на Западен Балкан со основните принципи кои го регулираат внатрешниот пазар на ЕУ, заснован на пристапот на четирите слободи преку договорите за меѓусебно признавање, ќе ги развие можностите за вработување бидејќи либерализацијата на трговијата, протокот на капитал и мобилноста ќе доведат до проширување на пазарот. Економскиот и инвестицискиот план ќе ја зголеми привлечноста на регионот за странските инвеститори и ќе овозможи поголем прилив на инвестиции“, подвлече премиерот Заев.
Тој додаде дека заедно со регионалното усогласување на политиките за инвестиции и подобро координираната промоција за инвестициските можности, се создава значителен потенцијал за економиите од Западен Балкан да ја зголемат својата привлечност за странски директни инвестиции.
„Со имплементација на Заедничкиот регионален пазар создаваме подобри работни места, одличен избор по пониски цени за патување, студирање, работа и деловно работење во регионот полесно без бариери. Со интегриран пазар донесуваме дополнителен раст на БДП во регионот затоа што заедно сме посилни, што го прави Западен Балкан попривлечен, поконкурентен и поблизу до пазарите на ЕУ“, заклучи премиерот Заев.
На Самитот се дискутираше за конкретните чекори кои постојаната соработка на земјите од Западен Балкан ќе ги донесе до завршница преку спроведувањето на Акцискиот план за заеднички регионален пазар, како што се патување во регионот со лични карти; олеснување на трговијата со прехранбени производи и индустриски добра преку договори за заемно признавање; Зголемување на можностите за професионалци за работа и студенти за студирање низ целиот регион; пониски трошоци за регионални плаќања; развој на регионален дигитален пазар и гранични премини со заеднички контроли и проширување на иницијативата за зелени ленти за намалување на времето на чекање на границите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ковачевски: Со повратот на ДДВ кон стопанството ги поддржуваме конкурентноста и ликвидноста на компаниите

Премиерот Димитар Ковачевски и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, денеска беа во посета на компанијата „Виталија“, која како голем даночен обврзник значајно придонесува во буџетот на државата преку плаќање придонеси и даноци по сите основи.
Премиерот Ковачевски посочи дека ваквите компании имаат значајно влијание на растот и развојот на економијата во земјата.
„Владата креира позитивни политики и затоа успеавме да постигнеме ефикасност на плаќање данок кон државата. Како Влада се залагаме за поедноставни процедури сè со цел да изградиме силен и нераскинлив однос со нашите партнери, компаниите. Повратот на ДДВ за 2022 година изнесува над 727 милиона евра, така што дополнително ги поддржуваме ликвидноста и конкурентноста на компаниите. Многу важно е дека го зголемивме и повратот на ДДВ за граѓаните, и тоа од 1.800 денари на 2.100 денари за тримесечје“, изјави премиерот Ковачевски.
Директорката на Управата за јавни приходи, Лукаревска, посочи дека компаниите како „Виталија“, кои се дисциплинирани даночни обврзнициј се партнер на Владата во заедничко креирање политики.
„Така заедно придонесуваме кон подобра деловна клима, заедно се бориме против сивата економија и заедно создаваме имиџ за меѓусебна доверба и поврзаност.
Верувам дека за менаџерите во претходните специфични години беше предизвик да ги задржат работните места, но и да обезбедат пласман на производите и затоа од исклучителна важност е заедно, домаќински, да придонесеме за побрзо надминување на предизвиците“, истакна Лукаревска.
Економија
Ковачевски: Речиси 200 компании ќе плаќаат данок на солидарност

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека речиси 200 компании, кои оствариле над 10 милиони евра профит, ќе бидат опфатени со т.н. данок на солидарност. Тој додаде дека вакво законско решение имаат и земјите членки во ЕУ, но и во регионот.
Како што објасни, сумата што се предвидува да се добие од овој придонес е 80 милиони евра.
Законското решение е веќе во собраниска процедура, а Ковачевски очекува да биде поддржано од пратениците. Тој воедно не смета, како што изјави, дека ќе има какво било затајување на овој солидарен данок зашто се работи за респектабилни компании, етаблирани на домашниот пазар.
„Законското решение се однесува на екстра профитот. Добивката од последната година се споредува со просекот од изминатите години и оној дел што е повисок за 20 проценти се даночи со стапка од 30 отсто. Сите компании опфатени во делот на законските одредби нормално дека во своите даночни биланси на крајот на пресметковниот период треба да го прикажат и овој данок. Не би елаборирал компании одделно по индустрии зашто законот е многу јасен“, рече Ковачевски.
Тој не кажа кои фирми ќе треба да плаќаат данок на солидарност.
Економија
Синдикатот на УПОЗ: Бесими го остави и претседателот на државата без плата

Министерот за финансии ,Фатмир Бесими, спротивно на сите норми, не ја одобрил платата на вработените во Кабинетот на претседателот, вклучително и самиот претседател на државата, реагира Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани.
„Каква дрскост! Министерот за финансии спротивно на сите правни норми решил да не ја одобрува платата на вработените во Кабинетот, која е целосно во согласност со правната регулатива и колективниот договор за вработените. Министерот за финансии свесно бара да биде прекршен колективниот договор и да не се исполнат одредби од него, чин што е кривично дело со можност за една година затвор за раководното лице на институцијата. Она што е несфатливо е дека со колективниот договор не се зголемуваат платите на претседателот Пендаровски и другите раководни лица во Кабинетот, туку само на администрација, но за апсурдот да е поголем и тоа минимално зголемување е во рамките на веќе одобрениот буџет за 2023 и тоа во раздел плати. Што всушност бара Бесими ?“, јавно праша Синдикатот на УПОЗ.
Синдикатот на УПОЗ веќе предупреди дека министерот за финансии, Фатмир Бесими, направил кривично дело со повлекување на решенијата на вработените во Министерството за финансии, кои веќе им биле поделени, а се однесуваат на зголемување на платата за 30 отсто и ги повика да се обратат до Синдикатот за бесплатна правна помош за остварување на правото за зголемување на плата.