Економија
Заев: Северна Македонија ќе добие соларен парк, кој ќе биде еден од најголемите во Европа

Северна Македонија ќе добие соларен парк, кој ќе биде еден од најголемите во Европа, со капацитет за производство на електрична енергија од 360 до 400 мегавати (MW). Станува збор за директна француска гринфилд-инвестиција најголема во овој домен за македонската економија. Соларниот парк „Стипион“ ќе се гради во текот на 2022 година на локацијата што беше предвидена за изградба на карго-аеродромот во Штип на површина од 452 хектара“, рече премиерот Зоран Заев на денешната промоција на инвестицијата во присуство на амбасадорот на Франција, Сирил Бомгартнер, како и претставници на менаџментот на француската компанија „Акио енерџи“.
„Инвестицијата е директна придобивка од реформите во енергетскиот сектор спроведени токму од оваа Влада. Вложувањето во енергетиката над 30 години беше занемарено, а инвестициите сведени на минимум“, рече Заев и додаде дека во моментот во фаза на градба се фотонапонски електрани преку принципот на поддршка со премиум-тарифи со инсталиран капацитет од 60 мегавати, некои од нив се пуштени во употреба.
Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција, истакна дека оваа инвестиција е најголемата француска инвестиција во земјата во последните петнаесетина години.
„Овој соларен парк ќе биде најголемиот што досега е изграден во овој регион од Западен Балкан. Оваа инвестиција исто така има големо стратешко значење бидејќи ќе придонесе да се зајакне енергетската независност на Северна Македонија, истовремено помагајќи ѝ на земјата да го изоди својот амбициозен европски пат за намалување на емисиите на јаглероден диоксид.
„Непосредната соработка меѓу нашите две земји малку загуби на интензитет во последните години, а нашите односи веќе не беа на висината на која требаше да бидат. Сега работите се менуваат. Благодарение на личната посветеност, на највисоко државно и владино ниво, во секоја од нашите две земји билатералните политички односи добија на интензитет, на доверба и на суштина. Претседателот на Владата во јуни минатата година беше во посета на Париз на историска средба со претседателот на Република Франција. Ги поканувам сите уште еднаш да ги чујат изјавите за јавноста дадени во таа пригода од страна на нашите двајца лидери. Претседателот на Франција тогаш рече и постојано повторува дека Франција посакува пристапните преговори да почнат без одлагање затоа што Северна Македонија, господине претседател на Владата, постигна извонреден напредок и го заслужува тоа. Франција прави напори на највисоко ниво за да се постигне тој резултат и тоа сега може сите да го видат. Оваа заложба е доказ и за стратешката визија што ја споделуваат нашите две влади во полза на стабилноста на регионот на Западен Балкан“, рече Бомгартнер во своето обраќање.
Ерик Ското, претседател на компанијата „Акио енерџи“ од Франција, истакна дека проценетата инвестиција се очекува да биде околу 270 милиони евра во пределот на општините Штип и Свети Николе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Намалување на цените на горивата

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,60 % во однос на одлуката од 17.3.2023 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 0,541 %, кај дизелот 1,152 %, кај екстра-лесното масло 1,318 % и кај мазутот има намалување од 2,660 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,077 %.
Малопродажната цена на „евродизелот (Д-Е V)“ се намалува 1,50 денар/л, а малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“, како и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат 0,50 денари/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 1,649 денар/кг и сега ќе изнесува 38,130 денари/кг.
Од 21.3.2023 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 81,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 83,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 74,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 73,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 38,130 (денари/килограм)
Економија
Бектеши: Дизелот ќе падне под 75 денари, се враќаме на цената од ланскиот февруари

Само за една недела цената на дизелот бележи намалување од 4,5 денари. Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека трендот на намалување ќе продолжи и оваа недела.
„ Се враќаме на цената од февруари минатата година, цената на дизелот ќе биде под 75 денари“, вели министерот Бектеши.
Намалените цени на горивата Бектеши очекува да ја намалат и инфлацијата.
Економија
Почнува Глобалната недела на парите 2023: „Планирајте си ги парите, засадете ја иднината!“

Финансиските регулатори во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот и граѓанскиот сектор, кои се активни во доменот на финансиската едукација, единаесетта година по ред ја одбележуваат Глобалната недела на парите, што оваа година ќе се одржи од 20 до 26 март 2023 година.
Годинешнава тема „Планирајте си ги парите, засадете ја иднината“ (Plan your money, plant your future) е посветена на одржливоста и подигнувањето на свеста од последиците на индивидуалното финансиско однесување не само врз финансиската иднина туку и врз животната средина и општеството. Учесниците на Глобалната недела на парите може на оваа тема да учествуваат во активности преку кои ќе се нагласи важноста на финансиските одлуки за социјалната, економската и за финансиската одржливост. Оваа тема ги поттикнува младите луѓе при носењето на своите финансиски одлуки да гледаат долгорочно и да го имаат предвид влијанието врз животната средина и општеството.
Активностите за време на Глобалната недела на парите годинава главно ќе се одвиваат преку предавања и објави на едукативни материјали на интернет-страниците на институциите и социјалните мрежи. Предавањата ќе бидат наменети за учениците од основните и од средните училишта од нашата земја, како и за факултетите, на теми од областите што ги покриваат одделните институции, поврзани со функционирањето на финансискиот систем.
Народната банка ќе организира едукативен караван за учениците од основните училишта од руралните средини преку виртуелни предавања, едукативен квиз за учениците од едно средно економско училиште и виртуелно предавање за студенти од еден факултет. За време на Глобалната недела на парите, ќе се одржи и националниот натпревар „Европскиот квиз на парите 2023 година“, во чија организација е вклучена и Народната банка. Исто така, ќе бидат споделени објави за остварените активности на социјалните мрежи.
На светско ниво Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година поради пандемијата, во организација на Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД). Оваа глобална иницијатива, која досега се одбележува во повеќе од 176 земји во светот, во која се опфатени 53 милиони деца и млади, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и ги зголемува нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Секоја година младите луѓе разговараат, читаат и учат за економските и за финансиските системи преку разни активности што ги спроведуваат финансиските и образовните институции.