Економија
Заев: Со новата инвестиција на „Текнопанел“ се отвораат 120 нови работни места со просечна плата над 33.500 денари
Делегација на турската компанија „Текнопанел“, предводена од сопственикот Орхан Кахвеџи, одржа работна средба со премиерот Зоран Заев и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, на која беше презентирана новата инвестиција на компанијата во Северна Македонија.
Заев искажа задоволство од одлуката на компанијата „Текнопанел“ да инвестира во Северна Македонија како прва инвестициска дестинација за оваа компанија надвор од матичниот пазар. Дополнително што европскиот пазар ќе се снабдува со производството од нашата земја. Премиерот Заев истакна дека двете пријателски земји, Република Северна Македонија и Република Турција, во континуитет ги унапредуваат билатералните односи, како и економската соработка, а голем број компании од Турција веќе работат во нашата земја.
Компанијата „Текнопанел“ ќе инвестира 16 милиони евра во изградба на нов производствен капацитет во ТИРЗ 1 Скопје. Производството се очекува да почне во 2022 година.
Според инвестицискиот план и финансиските проекции, „Текнопанел“ ќе отвори 120 нови работни места во оваа фаза. Според проекциите, се очекува компанијата да оствари вкупен извоз од над 170 милиони евра во следните 10 години, само како обврска за придонеси за плати, во буџетот на државата да уплати над 5 милиони евра приходи, а обврските за данок на добивка и персонален данок на плати надминуваат 2,5 милиона евра.
Турската компанија „Текнопанел“, со која ќе се потпише договор во наредните неколку недели, е првиот странски инвеститор со кој Владата ќе склучи договор со елементи од новиот концепт на работење на Дирекцијата за ТИРЗ.
Во прв ред Владата ќе обезбеди финансиска поддршка за отворање работни места со просечна нето-плата над 33.500 денари месечно и загарантиран раст на платите од 5 % годишно. Исто така, ова е прва компанија со која почнува да се применува новиот принцип на вреднување на земјиштето како дел од државната помош, односно првпат државата ја користи пазарната вредност на земјиштето како ресурс што му се дава на користење на инвеститорот како мерка на државна помош.
Според новиот концепт на привлекување инвестиции во ТИРЗ, секој потенцијален инвеститор задолжително доставува 10-годишен инвестициски план врз база на кој се проценува капацитетот на компанијата и на инвестицијата и се подготвува индивидуализиран пакет за учество на државата во инвестицијата.
„Текнопанел“ е високотехнолошка компанија, која произведува иновативни таканаречени сендвич-кровни панели, кои истовремено нудат топлинска, хидро и звучна изолација, а отпорни се и на пожар. Особено се користат за покривни површини на индустриски згради.
Компанијата е еден од најголемите извозници во Турција и на листата топ-500 водечки индустриски компании во земјата, со 5 фабрики во Турција, над 450 вработени и извезува во 89 земји во Азија, Европа и во Америка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска: Енергетската безбедност денес се гради со диверзификација, партнерства и домашни капацитети
Во услови на продолжена геополитичка неизвесност, енергетската безбедност стана стратешки приоритет за сите земји. Како Северна Македонија ја приспособува својата енергетска политика на оваа нова реалност?
Геополитичките случувања, без разлика дали се во Европа, во регионот или во поширокиот свет, јасно покажуваат дека енергетската безбедност е прашање на економска стабилност, национална отпорност и регионална соработка. Затоа ја градиме политиката врз диверзификација на извори на енергија, регионално поврзување, зголемување на домашното производство и модернизација на инфраструктурата. Целта е систем што нема да зависи од еден извор, една рута или една технологија.
Податоците покажуваат дека енергетскиот систем веќе влегува во фаза на структурна промена. Според Годишниот извештај на РКЕ за 2025 година, вкупниот инсталиран капацитет на електроцентралите изнесува 3.162,5 MW, што е за 178,6 MW повеќе од 2024 година. Од тој капацитет, електроцентралите што користат обновливи извори на енергија учествуваат со околу 58%, односно со 1.842 MW. Фотонапонските електроцентрали достигнуваат 963 MW, хидроелектроцентралите 587 MW, ветерните електроцентрали 146 MW, малите хидроелектроцентрали 133 MW, биогасот 12 MW, а биомасата 1 MW. Во 2025 година о 2025 се издадени и седум лиценци за фотонапонски електроцентрали со складиште, со инсталирана моќност на батериските системи од 7,1 MW. Сето ова покажува дека обновливите извори веќе се доминантен дел од инсталираниот капацитет, но следната фаза мора да биде мрежа, складирање, балансирање и управување со системот.
Во последниот период имавте интензивна меѓународна агенда, од САД, Женева и Делфи до Виена и Адис Абеба. Дали енергетската дипломатија станува еден од клучните инструменти за економско и стратешко позиционирање на Северна Македонија?
Енергетиката денес е и економска, и безбедносна, и надворешнополитичка тема. Таа е основата за градење конкретни партнерства, пристап до нови извори на енергија, обезбедување финансиска и техничка поддршка, отворање простор за инвестиции и позиционирање на државата како сигурен и предвидлив партнер во регионот. За земја како Македонија, која е мала, увозно зависна и силно поврзана со регионалните енергетски текови, тоа е особено важно.

Во САД, во рамки на Стратешкиот дијалог, фокусот беше на природниот гас, диверзификацијата, инфраструктурата и можноста за подлабока соработка со американски компании и институции. Потпишаниот Меморандум за разбирање со САД за унапредување на безбедноста на снабдувањето со природен гас ја потврдува заедничката заложба за диверзификација на изворите и рутите, отпорност на системот, регионална поврзаност и интеграција на пазарите. Тоа е важен сигнал дека нашата енергетска политика се движи од зависност кон поголема флексибилност и избор.
Во Женева, на UNECE Resource Management Week 2026, акцентот беше ставен на одржливо управување со ресурсите, критични минерални суровини, меѓународни стандарди и потребата енергетската транзиција да се води со одлучни политики, инвестиции и координација. Ова е важно затоа што минералните суровини, геологијата и рударството веќе не се само домашни економски прашања, туку дел од пошироката дебата за индустриска отпорност, снабдувачки синџири и зелената транзиција.
На Делфи форумот во Грција ја претставивме улогата на земјата како потенцијален регионален енергетски јазол, преку интерконекторот со Грција, планираната соработка со Србија и пристапот до LNG-капацитети. Тоа позиционирање е важно затоа што Северна Македонија не треба да биде само крајна точка на енергетските текови, туку активен дел од регионалната инфраструктура, пазарното поврзување и новите рути на снабдување.

Во Виена разговаравме за економија, енергетска сигурност, регионална стабилност, инвестиции и технолошки трансфер со австриски институции и компании. Австрија е важен партнер не само како инвестициски и економски центар, туку и како земја со искуство во енергетска ефикасност, инфраструктурно планирање, зелени технологии и индустриска модернизација. Таквите контакти се важни затоа што транзицијата не може да се спроведе само со политички цели, туку бара капитал, знаење, технологија и долгорочни партнерства.
Во Адис Абеба, каде што темата беше праведната енергетска транзиција, преку видеообраќање беше пренесена пораката дека транзицијата мора да биде инклузивна и насочена кон луѓето, а не само кон инфраструктурата. Тоа е особено важно за земји како нашата, каде енергетската трансформација мора да оди паралелно со заштита на работните места, преквалификација, локален развој и вклучување на жените и младите во новите зелени можности.
Затоа енергетската дипломатија ја гледаме како инструмент што ги поврзува безбедноста, економијата и развојот. Преку овие меѓународни настапи испраќаме порака дека сакаме да бидеме дел од европската енергетска транзиција, но и дека сме сериозен, конструктивен и одговорен партнер во регионот, со јасна агенда за диверзификација, обновливи извори, енергетска ефикасност, критични минерални суровини и праведна транзиција.
Што конкретно значи Меморандумот со САД во областа на природниот гас?
Меморандумот е важен затоа што ја отвора можноста за поорганизирана институционална соработка, размена на експертиза и поддршка за проекти што ја намалуваат зависноста од ограничен број извори и рути. За држава без сопствени значајни извори на природен гас, инфраструктурното поврзување со регионот, пристапот до LNG-капацитети и усогласувањето со партнерите се прашања на долгорочна стабилност. Тоа значи поголема сигурност за економијата, подобра позиција во регионалните текови и можност за пофлексибилно снабдување.
Критичните минерални суровини стануваат важна тема во глобалната енергетска транзиција, и за таа цел обезбедивте поддршка од 5 милиони долари од САД за активности поврзани со антимон. Како ќе пристапи државата кон оваа тема?
Поддршката од 5 милиони долари е наменета за истражувања. Денес, критичните минерални суровини се новата стратешка тема на глобалната енергетика. Без нив нема батерии, обновливи извори на енергија, модерни електромрежи, дигитализација и индустрии со висока додадена вредност. Целта е и државата да располага со точни геолошки податоци за критичните материјали.
Се работи на законски решенија поврзани со обновливите извори на енергија. Кои проблеми треба да ги реши новата регулатива и што ќе значи таа за инвеститорите, мрежата и граѓаните?
Во изминатиот период имавме силен раст на капацитетите од обновливи извори, особено кај фотонапонските електроцентрали. Тоа е позитивен развој, но сега клучното прашање е како тие инвестиции да се интегрираат во стабилен, предвидлив и управлив електроенергетски систем. Новата регулаторна рамка треба да донесе појасни правила за инвеститорите, приклучувањето на мрежата, складирањето, балансирањето и одговорноста на сите учесници.
Податоците на РКЕ за 2025 година покажуваат колку е променета реалноста во секторот. Од вкупно 1.614 домашни производители на електрична енергија, 1.606 користат обновливи извори. Од нив, 177 користат повластена тарифа, 68 премија, а 1.361 електроцентрала не користи мерки за поддршка. Само во 2025 година во системот се приклучени нови електроцентрали со инсталиран капацитет од 178,57 MW, од кои 115,10 MW се фотонапонски електроцентрали. Тоа бара јасни технички услови, балансна одговорност, правила за складирање и поголема улога на агрегаторите.
Годишниот план за 2026 година опфаќа и 96 складишта на електрична енергија, со вкупна моќност од 2.027,198 MW и капацитет од 4.960,706 MWh. Од нив, 77 се интегрирани складишта во рамки на постојни или нови електроцентрали, а 19 се изолирани складишта. Батериските системи веќе не се дополнителна опција, туку составен дел од новата енергетска архитектура.
МЕПСО го подготвува Grid Masterplan, а паралелно се работи и на нови мрежни правила. Зошто ова е важно за инвеститорите и за интеграцијата на обновливите извори?
Мрежата е клучната точка меѓу инвестициските планови и реалната енергетска безбедност. Во изминатиот период интересот за нови капацитети од обновливи извори силно порасна, особено кај фотонапонските електроцентрали, но секој нов мегават мора да може безбедно да се приклучи, да се пренесе и да се балансира во системот. Затоа Grid Masterplan-от на МЕПСО не е само технички документ, туку основа за тоа каде, кога и под кои услови може да се развиваат нови енергетски проекти.
Целта на Master Plan-от е да овозможи забрзана, но сигурна интеграција на најмалку 1,7 GW обновливи извори до 2030 година, со паралелно планирање на инвестиции во преносната и дистрибутивната мрежа, како и во системи за складирање енергија. Тоа значи дека мора да се планира целиот систем, од далекуводи, трафостаници, приклучоци, дигитална контрола, балансна одговорност и можност за управување со променливо производство од сонце и ветер.
Овој процес е важен затоа што МЕПСО треба да добие јасна слика каде мрежата има капацитет, каде има тесни грла, каде се потребни нови 400 kV и 110 kV инвестиции, каде мора да се реконструира застарена инфраструктура и каде новите приклучоци можат да создадат ризик за стабилноста на системот. Во пракса, тоа значи дека нема да се гледа само дали постои интерес за изградба на електроцентрала, туку и дали мрежата може да ја прими таа енергија, под кои технички услови и со какви обврски за балансирање или складирање.
Ова се уредува со новите мрежни правила. МЕПСО веќе има обврска да ги објавува подлогите и плановите релевантни за развој на електропреносниот систем, а регулативата треба да обезбеди тие планови да станат реална основа за транспарентно и дисциплинирано приклучување.
Паметната мрежа е суштински услов за следната фаза на енергетската транзиција.
Покрај големите енергетски проекти, сѐ поголемо значење има и енергетската ефикасност. Што треба да донесе проектната единица и поддршката од Француската агенција за развој?
Енергетската ефикасност е најбрзиот и најисплатлив начин да се намали потрошувачката, да се заштедат средства и да се подобри квалитетот на живот. Министерството работи на создавање посилен систем за подготовка и реализација на проекти, бидејќи најголемиот предизвик не е само да се обезбедат средства, туку да има добро подготвени проекти, техничка документација, јасни приоритети, модели на финансирање, координација со институциите и систем за мерење на резултатите.
Во оваа насока е и процесот за енергетска обнова на јавните згради преку програмата PEEB Cool, со поддршка од Француската агенција за развој, AFD, и во координација со GIZ и надлежните институции. Почетно е идентификувана листа од 14 приоритетни јавни објекти, со вкупна површина од околу 100.000 квадратни метри и проценета вредност на реконструкција од околу 11 милиони евра. Ова треба да биде основа за пошироко инвестициско портфолио со амбиција да достигне најмалку 50 милиони евра за енергетска обнова на јавни згради.
За секој објект ќе треба да се исполнат најмалку два од трите критериуми: најмалку 40% заштеда на енергија, 40% намалување на емисиите на стакленички гасови или 40% заштеда на вода, а кај објектите без системи за ладење и најмалку 20% подобрување на термичкиот комфор. Ваквиот пристап е важен затоа што енергетската ефикасност не треба да остане само законска обврска или изолирана реконструкција на поединечни објекти, туку да стане организирана инвестициона програма со мерливи заштеди, пониски трошоци и подобри услови во јавниот сектор.
Паралелно се работи и на новиот Закон за геологија и на новиот Закон за рударство. Што треба суштински да променат овие два закона и каква рамка треба да воспостават за секторот?
Целта е да се постави појасна, посовремена и европски усогласена рамка за целиот сектор. Геолошките истражувања, податоците, концесиите, експлоатацијата, надзорот, заштитата на животната средина и одговорноста кон локалните заедници се дел од ист систем и мора да бидат регулирани на начин што обезбедува и развој и контрола.
Со новиот Закон за геологија се уредува основата на секторот, како што се истражувањето на минералните суровини, развојот на геолошкиот информациски систем, квалитетот и достапноста на податоците, стручната контрола и институционалното управување со геолошките истражувања. Предлог-законот за геологија е објавен на ЕНЕР. Со него се уредуваат мерките и активностите за спроведување на политиките за истражување на минерални суровини и развој на геолошкиот информациски систем.
Законот за рударство, пак, треба да ја уреди следната фаза, односно одржливата експлоатација и преработка на минералните суровини. Тука фокусот е на повисоки стандарди за дозволи, построг и поефикасен надзор, финансиски гаранции, планови за затворање на рудници, санација на просторот, безбедност при работа и поголема одговорност кон локалните заедници. Текстот и на овој закон е објавен на ЕНЕР, а со него се уредуваат поттикнувањето, унапредувањето и одржливата експлоатација и преработка на минералните суровини.
Овој законски пакет е важен и затоа што со него се заменува постојниот Закон за минерални суровини и се прави раздвојување на две различни, но поврзани области. Геологијата како основа за истражување, планирање и податоци, и рударството како област на експлоатација, производство, надзор и одговорност. Министерството веќе соопшти дека двата предлог-закони се дел од темелна институционална и стручно заснована реформа, со цел да се добијат подобри законски решенија во геологијата и рударството.
Со овие два закона сакаме да создадеме подобра инвестициска клима за сериозни инвеститори, но и посилна заштита на јавниот интерес. Минералните суровини се стратешки ресурс, но нивното користење мора да биде врз основа на јасни правила, стручни податоци, силен надзор, еколошка одговорност и почитување на локалните заедници. Само така Македонија може да развива современ рударски сектор кој е усогласен со европските стандарди и со очекувањата на граѓаните.
С. Србиновски
Економија
Божиновска ги додели признанијата на победниците на националниот натпревар за зелени иновации
Со силна порака дека иднината на државата се гради преку знаење, иновации и поддршка на младите, денеска во Кавадарци се одржа финалето на Националниот натпревар за најдобар бизнис концепт за зелени иновации за средните училишта 2026/2027, под покровителство на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, присуствуваше на финалниот настан и ги додели признанијата и наградите на најуспешните средношколски тимови, кои преку своите идеи понудија конкретни решенија за одржлива иднина, енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и циркуларна економија.
Годинава, на натпреварот учествуваа 42 средношколски тимови од целата држава со свои иновативни зелени концепти, а најдобрите осум обезбедија пласман во денешното финале во Кавадарци.
Првото место го освои тимот GrowHub од ДСУ РЦСОО „Никола Карев“ – Струмица, второто место му припадна на тимот Pepper Waste од СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија, додека третото место го поделија тимовите Eco Charge Bike од СУГСГ „Раде Јовчевски – Корчагин“ – Скопје и Malesh Air од ОСУ „Ацо Русковски“ – Берово.
Во своето обраќање, министерката Божиновска порача дека поддршката на младите не смее да биде само декларативна, туку реална и континуирана политика на државата.
„Овие млади луѓе покажуваат дека Македонија има знаење, креативност и потенцијал за современ развој. Нашата обврска како институции е да создадеме услови тие идеи да прераснат во реални можности, а младите својата иднина да ја гледаат тука – дома. Инвестицијата во младите, во нивните идеи и иновации, е инвестиција во иднината на државата“, истакна Божиновска.
Таа нагласи дека зелената транзиција не е повеќе прашање на избор, туку неопходност, а младите се клучниот двигател на таа промена.
Натпреварот, кој веќе 18 години претставува една од најзначајните платформи за младинско претприемништво и зелени иновации во државата, е организиран од Центарот за зелени иновации при Машинскиот факултет – Скопје, во соработка со Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење.
Економија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС манипулира со инфлацијата, фактите покажуваат дека економските политики даваат резултати
Очигледно е дека СДС повторно се обидува да ја манипулира јавноста преку селективно користење на статистики и ширење паника, свесно премолчувајќи го контекстот и причините за сезонските разлики во цените, притоа заборавајќи дека токму тие ја донесоа државата до економски колапс, рекордна инфлација и целосно урнат животен стандард, реагира ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ за инфлацијата.
„Кога СДС зборува за инфлација, треба да се потсетат дека во нивно време инфлацијата достигна двоцифрени нивоа, а граѓаните плаќаа најскапа храна и струја во историјата, односно граѓаните живееја со 150 денари на ден. Денес, инфлацијата постепено се стабилизира во услови на глобална економска криза, енергетски шокови и последици од војната во Европа, со кои се соочуваат сите држави.
Факт е дека инфлацијата во април споредено со март изнесува 1,3%, што покажува стабилизирање на цените и постепено смирување на инфлаторните притисоци. Она што го премолчуваат СДС е тоа дека годишната стапка од 5,7% е резултат и на споредбената основа, бидејќи минатата година во овој период беа активни мерките за велигденската кошничка, кои привремено ги намалија цените на одредени производи.
ВМРО-ДПМНЕ навремено презема мерки за заштита на стандардот на граѓаните, а тие мерки беа позитивно оценети и поздравени од ММФ како одговорни и насочени кон стабилизација на економијата.
Дополнително, Владата ги намали акцизите на горивата, со што бензинот е поевтин за 2 денари, а дизелот за 4 денари, директно намалувајќи го притисокот врз трошоците на граѓаните и компаниите.
За разлика од СДС, кои оставаа кризи без решенија и ја туркаа државата во долгови без ефект, ВМРО-ДПМНЕ работи одговорно, домаќински и со конкретни политики за економска стабилност и поддршка на граѓаните“, пишува во реакцијата.
