Економија
Зошто се земаат кредити, а не се искористуваат европските фондови
Европската Унија континуирано овозможува финансиска помош за земјите кандидатки за членство во ЕУ, преку инструментите ИПА I и IPA II, меѓутоа искористеноста на европските фондови е сè уште на ниско ниво. Наместо правилно искористување на фондовите од програмите ИПА I за периодот 2007-2013, како и втората програма за предпристапна помош ИПАII 2014-2020, Македонија континуирано зема кредити од Светската банка и ММФ наместо да ги користи европските фондови.
Доделени средства за Македонија преку ИПА I, за периодот 2007-2013 година.
За периодот 2014-2020 г., од ИПА II програмата биле доделени 664 милиони евра од европските фондови за Македонија, меѓутоа за нивната искористеност резултатите ќе се сублимираат во наредниот период.
Искористеноста на европските фондови е мала поради слабиот институционалниот капацитет на државата. Токму затоа потребни се реформи за зајакнување на институционални капацитети на институциите и на локалната самоуправа, бидејќи по очекувањето на добивање на датумот за ченство во ЕУ на Македонија и Албанија, државите покрај тоа што ќе започнат со отворање на поглавјата за членство во ЕУ потребно е да имаат и капацитет за Структурните фондови, кои за разлика од ИПА-фондовите тие изнесуваат повеќе милијарди евра.
Токму во предложената методологија од страна на францускиот претседател Емануел Макрон, предвидени се измени за можноста за искористување на средства од структурните фондови. Во процесот на правилно искористување на овие фондови, значително можат да помогнат и државите од Вишеградската група, кои во изминатиов период се и најголемите поддржувачи на евроинтеграциските процеси на државите од Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) „Фероинвест“ изгради фотонапонска електрана на покривот на „Веро Центар“
„Веро Центра“ доби кровна фотонапонска електрана благодарение на која до 40% од својата потрошувачка на електрична енергија од мрежа ќе ја замени со електрична енергија произведена од сонце.
Веро центарот, кој е лоциран во центарот на Скопје, ќе ја користи кровната електрана за своите сопствени потреби, што беше основна идеја на инвеститорот кога се обрати до ФЕРОИНВЕСТ за изведување на проектот.
Електраната со инсталирана моќност од 730 kW е поставена и пуштена во пробна работа во рок од два месеци во текот на летниот период, во услови на топлотен бран, но со засилено темпо на работа од страна на инженерите и техничарите на ФЕРОИНВЕСТ и ЕМС, со цел клиентот да може што повеќе да искористи од периодот на поволно сончево зрачење за производство на електрична енергија.
Со овој проект, компанијата „Верополус Груп“ се постави во редот на еколошки ангажирани компании кои инвестираат во енергетски проекти значајни за енергетската транзиција на државата, и кои долгорочно носат финансиска заштеда за инвеститорот.
ФЕРОИНВЕСТ нуди изградба на електрани од обновливи извори по принципот клуч на рака, односно од нивно проектирање, изградба, пуштање во употреба, па се до обезбеден откуп на енергијата и 24-часовен мониторинг и одржување на електраната.
ПР
Економија
Некои од горивата од ноќеска поевтинуваат
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,52 % во однос на одлуката од 2.9.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 5,683%, кај дизелот за 1,869%, кај екстра лесното масло за 2,561% и кај мазутот има намалување за 3,570%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,6747%.
Од 7.9.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 44,780 (денари/килограм)
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат
Економија
Благ пад на светските цени на храната во споредба со јули
Светските цени на храната благо паднаа во август во споредба со јули, објави денеска Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Светскиот индекс на цените на храната за август изнесува 120,7 поени, што е нешто помалку од 121 во јули, соопшти ФАО. Ова резултира со пад на индексот на цените на месото, шеќерот и житото, а во исто време е забележан и раст на растителните масла и млечните производи. Вредноста на индексот на цените на месото во август изнесува 119,5 поени, што е 0,7 отсто помалку од јули, а пад е забележан и кај живината, свинското и овчото месо.
Како што е наведено, индексот на цените на шеќерот падна 4,7 отсто, на 113,9 поени во август, пред сѐ, поради подобрувањето на производствените изгледи за сезоната 2024/2025 на Тајланд и во Индија по врнежите што се значајни за културите на шеќерна трска. Вредноста на индексот на цените на житото беше на ниво од 110,1 поен, 0,5 отсто помалку од јули, откако неколку месеци по ред цените на пченицата паѓаат поради слабата побарувачка и силната конкуренција меѓу извозниците, пренесува „Танјуг“.
Растителните масла поскапеа и индексот на цените на овие производи месечно се зголеми 0,8 отсто, на 136 поени, особено поради повисоките цени на палминото масло, кои растат веќе три месеци по ред. Најмногу поскапува просечната цена на млечните производи, 2,2 отсто месечно, на 130,6 поени. Во август е забележан значителен пораст на цените на путерот, како и на обезмасленото млеко, сирењето и другите производи.