Економија
Издадени лиценци за производство на струја од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од 179,72 MW
Од јануари до јули годинава издадени се лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од 179,72 MW – покажуваат податоците на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).
„Пониски сметки за електрична енергија е клучната причина зошто интересот за инвестиции во обновливи избори не запира. Помалите трошоци за струја несомнено е директниот бенефит што го имаат компаниите, ако анализираме на микро ниво. Но ако се гледа големата слика, токму поради овој отворен инвестициски циклус на приватната иницијатива во обновливи извори, попознат во јавноста како Елдорадо, државата забележа историски намален нето увоз на струја од традиционалните 30 % на 2,75 % во 2023 година. Податоците покажуваат дека за две години и седум месеци во земјава изградени се и приклучени на мрежа капацитети што произведуваат струја од сонце со вкупна инсталирана моќност од околу 731 MW, додека само еден блок од РЕК Битола има инсталиран капацитет од 233 MW. “ изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Инаку во 2023 година РКЕ издаде лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од скоро 399 MW, додека во 2022 година се издадени 152,2 MW.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Годишен раст од 9,1 отсто на вкупните депозити и од 7,5 отсто на вкупната кредитна поддршка во август
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 9,1%, што се должи на зголемените депозити на двата сектора, со доминантен придонес на секторот домаќинства, извести Народна банка.
На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 7,5% како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, коешто е поизразено кај кредитите на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на линкот.
Економија
Бундесбанк: На кризата во Германија не ѝ се гледа крајот
Не му се гледа крајот на забавувањето на активностите во германската економија, но нема да западне во длабока рецесија, соопшти централната банка во последниот месечен извештај.
„Германската економија се уште е во тешка ситуација“, заклучува Бундесбанк.
Зголемената економска несигурност ги кочи инвестициите, градежниот сектор е зафатен од повисоки финансиски трошоци, а личната потрошувачка не е зголемена и покрај повисоките плати, сметаат експертите.
Имаше знаци и на влошување на условите на пазарот на трудот, иако бројот на вработени во Германија се уште е голем, предупредуваат тие.
Економската активност треба да стагнира во третиот квартал, а би можела повторно да се намали, но во моментов не се очекува рецесија, ако ја дефинираме како значителен пад на активноста во поголем број сектори и на подолг временски период, додаваат оттаму.
Економија
Работилница на Народната банка: СЕПА ќе донесе заштеда од 16 милиони евра годишно за иселениците и за нивните семејства
По пристапувањето во Единствената област за плаќање со евра (СЕПА), прекуграничните плаќања ќе се извршуваат во рок од еден ден, а доколку се користат системите за инстант плаќања − во рок од неколку секунди, додека во моментов тоа трае три дена, во просек и граѓаните од регионот на Западен Балкан имаат повисоки трошоци за шестпати, во просек, за прекуграничните плаќања од граѓаните во ЕУ. Ова беше посочено од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на работилницата „Европското законодавство за плаќања и СЕПА“. Таа изрази благодарност до високиот гостин, Масимилијано Паолучи, директорот на Светската банка во земјава и неговиот тим, кои посветено ги поддржуваат напорите на централната банка во трансформацијата на платежната инфраструктура, поставувајќи ги основите во финансиската сфера на патот кон ЕУ.
„Економските врски на нашата земја со членките на СЕПА се силни и постојано растат. Над две третини од нашата надворешна трговија се врши со земјите од СЕПА, што е еквивалентно на 101% од нашиот БДП. Покрај тоа, 87% од нашите вкупни одливи и 77% од вкупните приливи се извршуваат во евра. Со пристапувањето кон СЕПА ќе ги поедноставиме и ќе ги намалиме трошоците за овие плаќања, обезбедувајќи значителни придобивки за нашата економија и зајакнување на нашите врски со Европа“, нагласи гувернерката Ангеловска-Бежоска, при што порача дека напорите на централната банка резултираа со поднесено барање за пристапување во СЕПА, на 10 јули годинава.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна и дека „поевтиниот, побрз и поефикасен платен систем ќе придонесе за поголема конкурентност на нашиот корпоративен сектор и негова понатамошна интеграција во ЕУ, особено на микро-, малите и средните претпријатија, коишто се столбот на нашата економија и вработуваат околу 75% од сите вработени и создаваат околу 70% од додадената вредност“. Таа нагласи дека нашиот финансиски систем значително се трансформира и ги зајакнува своите капацитети за обезбедување подобра услуга за домаќинствата и компаниите, што се гледа преку постојаното зголемување на финансиското посредување коешто достигнува 89% од БДП.
На работилницата беше истакнато дека придобивките од модернизацијата на плаќањата ќе бидат особено значајни и во делот на дознаките, коишто пристигнуваат преку банкарските канали, како и намалувањето на сивата економија.
„Со оглед на фактот што приливот од дознаки сочинува 3,1 отсто од БДП, намалувањето на трошоците од 3 отсто за трансакциите со дознаки ќе придонесе за годишна заштеда од 16 милиони евра за иселениците и нивните семејства. Студиите на Светската банка покажуваат дека со префрлување на 10 отсто од плаќањата извршени во готовина во дигитални плаќања може да се намали сивата економија за приближно 2 отсто“, истакна Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светската банка за земјава и за Косово.
„Со приклучувањето на земјава кон СЕПА не само што ќе се намалат трошоците за трансакции во евра, туку ќе се обезбедат подобри услови за меѓународна соработка, трговија и инвестиции, преку подобрено управување со готовинскиот тек, зајакнат пристап до пазарите во ЕУ, како и подобри односи со деловните партнери, овозможено преку побрзо порамнување на плаќањата“, оцени вицегувернерката Емилија Нацевска, обединувајќи ги заклучоците од дискусиите на работилницата „Европското законодавство за плаќања и СЕПА“, при што истакна дека целта на Народната банка е да ги трансформира идеите и стратегиите за коишто се разговара во конкретни акции за натамошна модернизација на платежните системи, усогласувајќи ги со стандардите на ЕУ и обезбедувајќи поинтегрирана иднина за нашата економија.
Работилницата којашто се организира на иницијатива на Народната банка и Светската банка во рамките на проектот за модернизација на плаќањата на Западен Балкан, беше поддржана и од Европската комисија, како и Регионалниот совет за соработка, Секретаријатот на ЦЕФТА, Европската централна банка и од Европскиот совет за плаќања.