Економија
Илон Маск најбогатиот човек во светот, го престигна Безос за цели 100 милијарди долари

Според најновата листа на „Форбс“, американскиот милијардер Илон Маск дополнително го зголемил своето богатство кое сега се проценува на 282 милијарди долари.
Тоа е речиси 100 милијарди долари повеќе од основачот на „Aмазон“, Џеф Безос.
Богатството на Безос се проценува на 183,6 милијарди долари, објави „Дејли мејл“.
Сопственикот на „Тесла“ и „Спејс екс“ најголемиот дел од своето богатство го заработил од почетокот на пандемијата, чија вредност на почетокот на 2020 година изнесувала 26,6 милијарди долари, истакнуваат британски медиуми.
Во 2020 година, богатството на Маск се зголемило за 110 милијарди долари, што е најголем пораст во една година откако „Форбс“ ги следи приходите на најбогатите луѓе во светот.
Заработил 90 милијарди долари во 2021 година, кога го собори Џеф Безос од лидерската позиција.
Меѓу петте најбогати луѓе во светот се Бернард Арно со 167,4 милијарди долари, потоа Бил Гејтс со 134,2 милијарди, а петти е Ворен Бафет со 127,3 милијарди долари
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Следната недела разговор меѓу Вучиќ и Путин, ќе се договара цената на гасот

Претседателите на Русија и Србија, Владимир Путин и Александар Вучиќ следната недела ќе имаат телефонски разговор, кој ќе биде клучен кога станува збор за гасниот аранжман меѓу двете земји, дознава „Новости“.
Според изворите на весникот, од исходот од овој разговор ќе зависи цената на гасот која ќе плаќа Србија во иднина и колку ќе трае таквиот договор.
Сегашниот десетгодишен аранжман истекува на 31 мај и почнаа разговорите на ниво на компании меѓу двете страни, но се очекува двајцата државници да ги одбележат и прецизираат условите под кои Србија ќе добива гас пред една од најнеизвесните зими во последните неколку децении.
Ова му дава дополнителна тежина на овој разговор, пишува „Новости“, бидејќи од една страна Белград е притиснат од отворените барања на европските земји и САД да се приклучи кон санкциите против Русија, а од друга страна Србија е земја 100 отсто зависна од рускиот гас.
Затоа разговорот на првиот човек на Србија е исклучително важен и може да има политички и економски последици, пишува „Новости“.
Економија
Владата го утврди ребалансот на буџетот: „Кратење на непродуктивните трошоци за заштита на стандардот на граѓаните“

Владата на денешната 47. седница го усвои предлогот за изменување и дополнување на буџетот за 2022 година.
„Предлогот за ребаланс на буџетот за 2022 година е насочен кон повеќе цели, како што се ревидирање на иницијалните фискални проекции во согласност со променетиот макроекономски контекст во првата половина на 2022 година, инкорпорирање на фискалниот одговор на кризата, реструктурирање на буџетските расходи, зачувување на фискалната одржливост и оптимизирање на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит“, се наведува во владиното соопштение.
Во него се додава дека со предложените измени и дополнувања, со кратења на непродуктивните трошоци во име на солидаризирање со последиците од актуелната криза, ќе се овозможи поголема заштита на животниот стандард на граѓаните, особено ранливите категории, финансиска поддршка на ликвидноста на компаниите и оптимизирање на трошоците на позајмување, поддршка на монетарната политика и создавање поповолни услови за остварување на проектираните стапки на економски раст на краток и среден рок.
„Предлогот за ребалансот е донесен и врз основа на позитивните ефекти од антикризните мерки за справување со енергетската и ценовната криза, кои создаваат основа за забрзување на економскиот раст во наредниот период при очекувано постепено стабилизирање на глобалните синџири на снабдување и поповолен амбиент за инвестирање“, стои во соопштението.
За деталите од предложениот ребаланс, Министерството за финансии ќе извести на прес-конференција, која е предвидено да се одржи во текот на утрешниот ден.
Економија
ЕУ воведува контрола врз резервите жито, земјите ќе мора да испраќаат месечни извештаи

Европската комисија ќе ги следи резервите жито, маслодајни семиња и ориз во Европската Унија како дел од новиот систем за известување.
Земјите членки на ЕУ ќе мора да поднесуваат месечни извештаи до извршната власт на ЕУ за нивото на резервите што ги чуваат производителите и трговците на големо во услови на високи притисоци од цената на суровините на светските пазари.
Според предлозите на Комисијата, земјоделците од ЕУ што се борат со повисоки трошоци за ѓубрива, добиточна храна и гориво поради војната во Украина би можеле да добијат и директна поддршка од земјите членки.
Земјоделците би можеле да добијат до 15.000 евра, а поврзаните мали бизниси би можеле да добијат и до 100.000 евра директно од фондовите на ЕУ за рурален развој.