Економија
(Интервју) Крешник Бектеши: Во Македонија има доволни количини нафта, енергенти и прехранбени производи

Во моментот во Македонија има доволни количини нафта, енергенти и одредени прехранбени производи, увозот тече непрекинато, вклучувајќи го и оној од Украина, особено во делот на сончогледот, вели во интервју за „Макфакс“ министерот за економија, Крешник Бектеши.
Најави дека во блиска иднина можно е олабавување на одредени одлуки, кои биле донесени од страна на Министерството за економија, со цел, како што рече, да може да се покрие цената на извозот на одредени производи.
„Кога зборуваме за олабавување на мерките, зборуваме за дозвола за извоз на одредени производи, кои веќе се забранети“, појасни Бектеши.
Првиот човек во Министерството за економија оценува дека снабденоста со масло во државата е стабилна, а компаниите, како што рече, ги имаат соодветните резерви.
Потенцира дека во моментот нема потреба од активирање на државните резерви.
На прашањето дали Македонија е подготвена да плаќа гас во руски рубли, Бектеши вели: „Секоја одлука што ќе биде донесена од ЕУ, ние како Северна Македонија ќе се придружиме кон неа. Ако не треба да се плати, нема да се плати. Во согласност со последните одлуки на НБРМ, има можност за плаќање директно во рубли од Северна Македонија, но тоа не е се случува во моментот. Главно гасот се плаќа во долари и евра“, додава Бектеши.
Обелодени злоупотреби кај општините во делот на енергетскиот сектор.
Во интервјуто за „Макфакс“ министерот за економија ја коментира и најавената блокада на Собранието од страна на опозицијата.
За откривањето на споменикот во Слупчане, Бектеши потенцира: Toa e вистината, тоа се случило во Северна Македонија и ние треба да гледаме во иднината и да не се занимаваме дали таму учествувале високи функционери на ДУИ или од друга политичка партија, најважно од сè е да се обединиме кон целосна интеграција во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Владата го утврди ребалансот на буџетот: „Кратење на непродуктивните трошоци за заштита на стандардот на граѓаните“

Владата на денешната 47. седница го усвои предлогот за изменување и дополнување на буџетот за 2022 година.
„Предлогот за ребаланс на буџетот за 2022 година е насочен кон повеќе цели, како што се ревидирање на иницијалните фискални проекции во согласност со променетиот макроекономски контекст во првата половина на 2022 година, инкорпорирање на фискалниот одговор на кризата, реструктурирање на буџетските расходи, зачувување на фискалната одржливост и оптимизирање на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит“, се наведува во владиното соопштение.
Во него се додава дека со предложените измени и дополнувања, со кратења на непродуктивните трошоци во име на солидаризирање со последиците од актуелната криза, ќе се овозможи поголема заштита на животниот стандард на граѓаните, особено ранливите категории, финансиска поддршка на ликвидноста на компаниите и оптимизирање на трошоците на позајмување, поддршка на монетарната политика и создавање поповолни услови за остварување на проектираните стапки на економски раст на краток и среден рок.
„Предлогот за ребалансот е донесен и врз основа на позитивните ефекти од антикризните мерки за справување со енергетската и ценовната криза, кои создаваат основа за забрзување на економскиот раст во наредниот период при очекувано постепено стабилизирање на глобалните синџири на снабдување и поповолен амбиент за инвестирање“, стои во соопштението.
За деталите од предложениот ребаланс, Министерството за финансии ќе извести на прес-конференција, која е предвидено да се одржи во текот на утрешниот ден.
Економија
ЕУ воведува контрола врз резервите жито, земјите ќе мора да испраќаат месечни извештаи

Европската комисија ќе ги следи резервите жито, маслодајни семиња и ориз во Европската Унија како дел од новиот систем за известување.
Земјите членки на ЕУ ќе мора да поднесуваат месечни извештаи до извршната власт на ЕУ за нивото на резервите што ги чуваат производителите и трговците на големо во услови на високи притисоци од цената на суровините на светските пазари.
Според предлозите на Комисијата, земјоделците од ЕУ што се борат со повисоки трошоци за ѓубрива, добиточна храна и гориво поради војната во Украина би можеле да добијат и директна поддршка од земјите членки.
Земјоделците би можеле да добијат до 15.000 евра, а поврзаните мали бизниси би можеле да добијат и до 100.000 евра директно од фондовите на ЕУ за рурален развој.
Економија
Влада: Реализиравме клучно ветување – просечната месечна нето-плата 31.080 денари

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во март 2022 година, изнесува 31.080 денари, согласно податоците на Државниот завод за статистика. Ова значи и реализација на клучно ветување за просечна месечна нето-плата од 30.000, што веќе евидентирано ја надминува поставената цел. Во однос на март 2021 година, истата е зголемена за 10,1 отсто или за 2.863 денари.
Согласно статистика, ваквото зголемување се должи, пред сè на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (21.4 %), Уметност, забава и рекреација (20.2 %) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (19.5 %).
Податоците на Државниот завод за статистика го потврдија трендот на раст на платите кој е резултат на економските мерки и политики што ги спроведува Владата. Доколку последниот податок го споредиме со март 2017 година кога просечната плата била 22.445 денари, разликата е 8.635 денари.
Владата и во услови на најголема светска криза, продолжува со засилена динамика, да носи мерки во интерес на граѓаните. Минималната плата е зголемена на 18.000 денари, пензиите доживеаја историски највисок раст, а невработеноста е исто така на историски најниско ниво. Владата со сите засегнати страни низ дијалог, креира методологии со кои платите и пензиите, ќе продолжат континуирано да растат.