Економија
Кина во последен момент му подаде „рака за спас“ на Путин

Кинеската влада донесе одлука за укинување на царината за јаглен увезен од Русија, а оваа одлука ќе стапи на сила од недела. Во време кога Европската Унија и САД воведуваат посилни санкции кон Русија, оваа акција на Кина претставува силна поддршка за финансиите на партнерот Русија, анализираат медиумите во светот.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, Кина е една од земјите што се воздржуваа од коментирање на војната, како и користење на зборот „инвазија“.
Кинеските власти велат дека ќе продолжат со нормална трговија со Русија, додека претседателите на двете земји Владимир Путин и Кси Џинпинг потпишаа договор за зголемување на трговијата непосредно пред почетокот на војната.
Една од областите во кои Кина може да и помогне на Русија е увозот на енергија, со оглед на санкциите на ЕУ и САД.
Пред три недели Европската Унија одобри забрана за увоз на руски јаглен, што е мерка која постепено ќе се воведува во текот на четири месеци. Блокот увезува околу половина од својот јаглен од Русија, што е обрт вреден четири милијарди евра годишно.
Кинескиот увоз на јаглен од Русија минатата година достигна речиси седум милијарди евра, кога се удвои во споредба со претходната година.
Алекс Турнбул, аналитичар на стоки во Сингапур, рече дека на кинеските увозници на јаглен им било тешко во последните неколку недели да најдат сопственици на бродови кои се подготвени да дозволат нивните бродови да се користат за транспорт на руски јаглен. Сепак, новата прекугранична линија се очекува да биде отворена следниот месец и би можела да ја прошири способноста на Кина за увоз на руски јаглен.
Русија сега е втор најголем извор на јаглен за Кина, по Индонезија. Кина престана да купува австралиски јаглен пред 17 месеци, откако земјата, претходно втор најголем снабдувач во Кина, повика на меѓународна истрага за тоа како Ковид-19 почна да се шири во Вухан кон крајот на 2019 година.
Кина моментално наплаќа царини од три до шест отсто на увезениот јаглен, во зависност од квалитетот. Укинувањето на царината ќе го направи увозниот јаглен поевтин и поконкурентен од јагленот ископан во Кина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Компании
Кирил Лазаров – „Никоб“ е бренд што го создадоа задоволните клиенти

Денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија ја посети НИКОБ Групацијата и му беа презентирани услугите кои НИКОБ Обезбедување, НИКОБ Медикал и НИКОБ Лаб ги нуди на пазарот.
Беа презентирани дел од капацитетите на физичкото обезбедување на НИКОБ обезбедување, патролното обезбедување, транспортното обезбедување, капацитетите на НИКОБ Медикал и НИКОБ Лаб, возилата, медицинските тимови.
Посетата беше заокружена со презентирање на Центарот за Кеш услуги и Националниот мониторинг центар, услуги кои се уникатни во Македонија и се на ниво на земјите членки на Европската Унија.
Она што беше иновативно е презентирањето на персоналната камера која ќе биде дел од личната опрема на физичкото, патролното и транспортното обезбедување и интергирање на камери во возилата кои ќе имаат за цел да ги снимаат сите интервенции.
При посетата на премиерот се реализирање и средба со менаџментот на НИКОБ Групацијата на која му беа презентирани идните инвестиции во здравствениот сегмент, но и нов инвестициски циклус во безбедносните системи.
Посетата заврши со пресконференција на претседателот на Владата и сопственикот на НИКОБ Групацијата, Кирил лазаров.
Ова е изјавата на Кирил Лазаров, сопственик на НИКОБ групацијата од денешната посета на премиерот:
Почитувани медиуми,
Почитуван премиере,
Ви благодарам на сите што дојдовте,
Му благодарам на премиерот на денешната посета,
Денеска имавме можност по неколку основи да бидеме домаќини на претседателот на Владата, и тоа заради;
– 25 години од основањето на НИКОБ обезбедување,
– 1 година од основањето на НИКОБ Медикал,
– 1 Година од основањето на Никоб Лаб,
– 5 години од основањето на Центарот за Кеш Услуги
И, секако неколку години по ред сме фирма која е една од најголемите работодавци со домашен капитал во државата. Денес НИКОБ групацијата вработува околу 2600 вработени. Во последните три години инвестиравме околу 15 милиони евра во сите 4 правни субјекти, и тоа значи во опрема, човечки капитал, млади доктори и медицински персонал, стипендии, објекти, системи, возен парк итн. НИКОБ групацијата има годишен обврт на капитал од околу 30 милиони евра. Во овој период инвестиравме во деловните простории и канцларии креирајќи квалитетна, удобна и пријатна работна средина на вработените во администрацијата.
Го информиравме премиерот за идните инвестициски планови во делот на медицината, зајакнување на капацитетите на обезбедувањето со примена на нови технологии и системи како би ја зголемиле продуктивноста на вработените, а на клиентите би им понудиле уште подобра безбедносна и здравствена заштита. Нашите планови се да го зајакнеме приматот на лидери на пазарот во сегментот на обезбедувањето на имот и лица, со тоа што ќе понудиме услуги кои сеуште ги нема во Македонија во делот на приватното обезбедување. Планираме секој вработен од физичкото, патролното и транспортното обезбедување да имаат интегрирана
персонална камера на својата униформа, а ќе имплементираме и камери во возилата кои ќе ни даваат јасна позиција и слика кога ќе се интервенира.
Она на кое сум посебно горд е што инвестиравме во примарниот здравствен сегмент кој се покажа како неопходен во најголемата светска пандемија стекнавме доверба на околу 5000 пациенти и поминавме над 35.000 киломитери со НИКОБ Медикал како во државата така и во странство, за само една година. Инвестиравме и задржавме млад здравствен кадар – доктори и медицински персонал, во опрема и модерни возила.
Би сакал да истакнам дека со само една година постоење на НИКОБ Лаб станавме лидери во тестирањата за ковид 19. И, со нашето влегување на пазарот практично ги намаливме цените на приватните тестирања за Ковид 19 за повеќе од 50% и значително го помогнавме државниот здравствен систем со брзите медицински интервенции и нашите капацитети.
Суштината на нашите услуги е дека им помогнавме на граѓаните да имаат избор, да имаат достапност и квалитет и што можеби е најважно прифатливи цени за семејниот буџет.
Почитувани,
Денес она што е НИКОБ, лидер во обезбедувањето на имот и лица и потенцијален лидер и во здравствениот сегмент не е резултат на некаков поклон или концесија, туку е резултат на напорна работа, добар тим, лојални работници, предвилива работна средина, стратешки концепт за понатаму и постојани инвестиции кои го диктира новото време и барањата на клиентите.
Не може нешто да постои и опстои и да се развива цели 25 години ако во тоа не биде вградени принципите на чесност, работливост, инвестиции и иновативен пристап.
За нашата работа ние даваме отчет само на нашите клиенти, нашата вредност е во 22 000 задоволни клиенти, база која постојано расте, таа база не ни ја поклонил никој, сами ја стекнавме со работа и визија.
Не сме случајно и лидери во тестирањето за ковид 19 со НИКОБ Лаб ниту е случајна бројката од 10,000 интервенции со брзата медицинска услуга на НИКОБ Медикал, сето тоа е наша благородна мисија у ние сме тука за граѓаните и заедниците и се водиме по нивните барања и нивниот интерес.
Профитот не е наша главна цел, затоа и ги намаливме цените на ковид тестирањата од 5000 ден на 1600 денари и тоа го препозна секој.
Е, тоа е пример за вистинска конкуренција, но и искрен пристап кон граѓаните.
Не се водевме по брз, нечесен и немилосрден профит во сред најголемата пандемија, туку достапност, брзина, квалитет и цени прифатливи за сите.
Лидери сме во обезбедувањето на имот и лица, во бројот на клиентите или во тестирањата само затоа што клиентите и граѓаните така избраа.
Ќе продолжиме уште поактивно со уште подобри и подостапни услуги.
Ви благодарам
ПР
Економија
(Видео) Ковачевски: Посветени сме на заштитата на стандардот на граѓаните

Премиерот Димитар Ковачевски денеска се обрати на настанот по повод официјалното пуштање во работа на две нови инвестиции на Групацијата Никоб – ПЗУ Никоб медикал и Никоб лаб.
Премиерот Ковачевски овие инвестиции ги оцени како значајни затоа што се остваруваат во услови на сегашната економско-енергетска криза, а значат раст на бројот на работни места.
„Овие инвестиции се направени во екот на светската здравствена криза со Ковид-19 со што групацијата Никоб покрај иницијативноста за инвестирање во време на криза покажа и општествена одговорност. Инвестициите како оваа денес и развојот на домашните компании се двигател на националната економија. Истите се возможни како резултат на заложбите на Владата насочени кон создавање услови за развој на приватниот сектор, но и овозможување услови младите својата иднина да ја градат тука, дома, во компании кои се посветени да придонесат кон економскиот развој на државата но и да вложат во развој на човечкиот капитал.
Овие инвестиции се исто така значајни и нивната вредност е уште поголема со оглед на тоа што се случуваат во услови на сегашната економско-енергетска криза, а значат раст на бројот на работни места. Во таа насока, инвестицијата на оваа компанија ја гледаме и од аспект на отворање на нови, високо стручни работни места за наши сограѓани кои своите професионални ангажмани сега ги остваруваат во групација која има преку 2.600 вработени.
Зачувувањето и отворањето на нови работните места е висок приоритет на оваа Влада. И во услови на пандемија, со шесте пакети антикризни мерки, кои се проценети на вредност од околу 1,2 милијарди евра, беа сочувани околу 60-80.000 работни места и беа поддржани преку 20.000 компании.
Согласно плановите за развој стапката на вработување се предвидува да се зголеми на 54,3% во 2026 година, а стапката на невработеност за првпат да влезе во едноцифрена зона до 2026 година од 8,6 %.
Сите овие политики и мерки обезбедуваат поддршка и за граѓаните и за компаниите со што се овозможува поволна клима за понатамошен економски развој. Од тој аспект иницијативноста каква што ја покажува Никоб групацијата е особено ценета бидејќи е резултат на прифаќање на предизвиците кои со правилен пристап, посветено и заеднички можат да се совладаат“, посочи премиерот во своето обраќање.
Економија
УЈП: Преку „Мој ДДВ“ кај граѓаните вратени 491,5 милиони денари во првото тримисечје од годинава

Управата за јавни приходи ја информира јавноста дека на сметките на граѓаните исплатени се вкупно 491,5 милиони денари по основ на вратен дел од ДДВ од скенирање на фискални сметки преку апликацијата „Мој ДДВ“ во првото тримесечје во оваа година.
„Средства се исплаќаат и кај оние корисници кои во текот на изминатите месеци направиле корекции на трансакциските сметки и истите ги ажурирале во нивниот кориснички профил. УЈП апелира граѓаните да внесат точни податоци во апликацијата ‘Мој ДДВ’ со цел навремена исплата“, се наведува во соопштението на УЈП.
Крајната горна граница на исплата која граѓаните може да ја добијат како поврат од „Мој ДДВ“ е 1.800 денари за едно тримесечје, или 7.200 денари годишно по лице.
Согласно статистиката на УЈП, во првите три месеци од годинава, односно од јануари до март 2022 година, скенирани се 73.041.591 фискална сметка.
Според УЈП, вкупниот број на регистрирани корисници на „Мој ДДВ“ досега изнесува 457.090 корисници.