Економија
Ковачевски: Инвестициите и растот на платите се потврда за добрите политики

Премиерот Димитар Ковачевски ја посети германската компанија од автомобилската индустрија „Маркарт“ и заедно со амбасадорката Анке Холштајн и менаџментот на фабриката ја истакнаа важноста од нови инвестиции, иновации, технолошки развој и вработувања и во услови на, како што рече, најголемата светска криза со која светот се соочува во поновата историја.
Ковачевски во изјава за медиумите посочи дека компанијата „Маркарт“ која постои на пазарот речиси еден век, е пример за успешна приказна која стартувала со двајца вработени, за денес да е глобална компанија со 21 локација, на 4 континенти, со повеќе од 10.200 вработени и продажба од 1.3 милијарди евра.
„Несомнено го кажувам ова, бидејќи сакам да дадам мотив до сите претприемачи, до сите наши млади и паметни умови и во услови на најголема криза во поновата историја, да вложуваат во своето знаење и да не се откажуваат од реализација на идеите и плановите. За време на обиколката на производството на компанијата ‘Маркарт’ разговарав и со вработените кои произведуваат производи со висока додадена вредност, работат на најсовремена и најнапредна технологија со запазени услови за безбедност и здравје при работа. Дополнително тука се води грижа и за заштита на животната средина. И во услови на најголема светска криза бројот на вработени расте, така што во моментот тука работат 670 наши сограѓани кои произведуваат делови за автомобили за реномирани брендови како БМВ, Мерцедес, Јагуар, Ланд Ровер, Опел, Порше, Ламбoргини и имаат просечна плата од над 500 евра. Тоа е и целта на Владата минимум 30.000 денари просечна плата, а статистика ги регистрира податоците и просечната плата во земјата се доближува до 30.000 денари. Паралелно со растот на просечната, ја зголемивме и минималната плата на 18.000 денари и воведовме методологија со која истата континуирано ќе расте“, изјави Ковачевски и додаде дека оваа компанија имплементира дуално образование кое Владата силно го поддржува.
Волфганг Аихер, генерален менаџер на „Маркарт“, изјави дека истовремено се соочуваме со три сериозни кризи, поминуваме низ тешка година, уште потешка од 2020 и 2021.
„Сега е многу важно да се одржи балансот на заштеди и инвестиции. Свеста за генерирање заштеди и подобрување на ефикасноста и ефективноста треба да се постават на највисоко ниво. Со гордост можам да кажам дека тука, во ‘Маркарт’ ги имаме вистинските луѓе за успех. Тоа се луѓе кои не случајно се дел од тимот. Одбрани луѓе кои растеле заедно со ‘Маркарт’ или луѓе кои ги препознале своите вредности и култура со оние на компанијата и така се приклучиле кон тимот. Да работите во компанија во која е имплементирана најсовремена и најнапредна технологија, компанија која нуди обуки и кариерен развој, која се грижи за здравјето, безбедноста и благосостојбата на своите вработени претставува голема привилегија и задоволство за секој млад едуциран кадар. На мое големо задоволство денес имаме можност да ја претставиме нашата компанија пред премиерот Ковачевски, да го запознаеме со производните процеси, производите и клиентите, начинот на функционирање, имплементирани технологии и програми и проекти. И секако, се надеваме дека ќе го испратиме со позитивни впечатоци и ќе оставиме простор за понатамошна меѓусебна соработката“, изјави Аихер.
Амбасадорката Холштајн рече дека автомобилската индустрија е срцето на билатералната економска соработка помеѓу нашите две земји.
„Кога управувате со автомобил, голема е веројатноста копчето и сензорот кои ги притискате да се произведени со најсовремена и најнапредна технологија токму во Северна Македонија“, рече Холштајн.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Лагард: Криптовалутите не вредат ништо

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард верува дека криптовалутите не вредат ниту дeнар.
„ Мојата многу скромна проценка е дека тоа не вреди ништо“, изјави Лагард за криптовалутите во интервју за холандската емисија „College Tour“.
„Тоа не се заснова на ништо“, додаде таа. „ Нема основни средства што би дејствувале како сидро на безбедноста“.
Лагард ги повика глобалните креатори на политики да воведат правила за заштита на неискусните инвеститори кои инвестираат во дигитални средства. Криптовалутите, особено биткоинот, изгубија повеќе од половина од својата рекордна вредност во ноември 2021 година.
„ Загрижена сум за оние луѓе кои мислат дека на крајот ќе бидат наградени, кои не ги разбираат ризиците, кои сето тоа ќе го изгубат и кои ќе бидат страшно разочарани, поради што верувам дека треба да се регулира“ рече Лагард.
Скептицизмот на поранешната шефица на Меѓународниот монетарен фонд кон криптовалутите не е нов. Таа претходно изрази загриженост поради влијанието на дигиталните валути врз животната средина, како и нивната потенцијална употреба во перење пари и избегнување санкции.
Претседателката на Европската централна банка денеска ги отфрли шпекулациите дека еврозоната се движи кон рецесија.
Економија
Грција одлучи да го плати рускиот гас во рубли, објавија агенциите

Сите грчки компании кои увезуваат руски гас се префрлија на нова процедура за плаќање на „Гаспром“ во рубли и нема да има прекини во снабдувањето, пренесуваат агенциите.
Извор од гасната индустрија во изјава за „РИА Новости“ кажал дека сите грчки компании кои увезуваат руски гас се префрлиле на нова процедура за плаќање на „Гаспром“ во рубли.
Изворот за агенцијата навел дека рокот за плаќање за испорака на гас е 25 април и дека затоа е неопходно парите да се уплатат на посебна сметка на 23 мај, бидејќи конверзија во рубли и префрлање пари од една сметка го продолжува рокот за еден до два дена.
„Потребни се два дена за да се претворат во рубли и да се префрлат пари од една на друга сметка. За да се направи ова, плаќањето во евра треба да пристигне на 23 мај“, објаснил тој.
Во Грција, трите главни увозници на руски природен гас се „ДЕПА Комерц“, „Митилинеос“, „Прометеј Гас“, пренесува агенцијата.
Според изворот, сметките се отворени а процесот на плаќање е во тек, пишува медиумот.
Коментирајќи ги објавите на грчкиот печат дека во случај на прекин на испораката на руски гас, грчките власти ќе бидат принудени да ја исклучат електричната енергија поради недостаток на капацитет, соговорникот на агенциите изјавил: „Нема да има прекин на залихи, се е во ред“.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 18.5.2022 година.
Малопродажната цена на „евродизелот“ (Д-Е V) се намалува 1,00 ден./л, а малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ се зголемуваат 0,50 ден./л.
Малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува 0,50 ден./л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се зголемува 0,624 ден./кг и сега ќе изнесува 54,963 ден./кг.
Од 24.5.2022 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин „евросупер БС-95“ – 95,00 (денари/литар)
Моторен бензин „евросупер БС-98“ – 97,00 (денари/литар)
Дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 85,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 83,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 54,963 (денари/килограм)