Економија
Ковачевски: Успеавме, просечната плата надмина 30.000 денари

„Ветувањата ги исполнуваме и од зацртаните цели не отстапуваме“, истакна премиерот Димитар Ковачевски заблагодарувајќи се на сите владини претставници за трудот кој го вложиле во реализација на едно, од како што рече, најважните ветувања на Владата.
„Владата предводена од СДСМ го реализираше едно од најважните ветувања дадено пред граѓаните уште во 2017, просечна плата од над 30.000 денари. Покачувањето на платите и вложувањето во стандардот на граѓаните е политика на која останавме доследни. И покрај сите опструкции од опозицијата и блокирани закони за раст на платите, платите во континуитет растат. Малку кој веруваше дека ќе имаме просечна плата од 30.000 денари. Ова ветување беше мета на критика и потсмев, но со доследни политики успеавме да го реализираме“, вели Ковачевски.
„Во време на голема економска криза, како што објаснува, сфаќаме колку е значајно вложувањето во приходите на граѓаните и работниците. „Со покачувањето на платите се штитиме од големиот раст на цените, а Буџетот го насочуваме онаму каде е најпотребно. Пред нас е тешка зима во која ќе ги вложиме сите сили да ги намалиме ценовните шокови. Сакам да ве уверам, дека Владата е целосно посветена и подготвена за се што претстои. Ќе работиме максимално одговорно, посветено и ефикасно во интерес на граѓаните“, дополнува Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Свечено отворање на новата поставка во Музејот на Народната банка посветена на културното наследство претставено на македонските банкноти

Денеска во Музејот на Народната банка свечено ќе биде отворена изложбата В/редности и вредности, којашто е кураторски обид за селекција, презентација и толкување на културното наследство, претставено на тековното издание на македонските книжни пари, од 1996 година до денес. Изложбата е организирана како дел од активностите со коишто Народната банка ја одбележува 30-годишнината на македонската монетарна самостојност и воведувањето на денарот како национално платежно средство.
Поставката, преку осум микроцелини, секоја посветена на засебна банкнота, го опишува и го толкува културно-историското наследство употребено како предлошка за создавање на нивниот дизајн. Поставката ги вклучува охридската Изида, златниот накит на лихнидските дами, виничката икона, боите на Шарената џамија, македонскиот афион, односно археолошкото, уметничкото, архитектонското и природното наследство на овдешните простори.
Изложбата е поддржана од страна на седум македонски музеи, коишто обезбедувајќи пристап до артефактите, овозможија да бидат претставени пред пошироката јавност како обележја на македонските пари.
На свеченото отворање ќе се обратат гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, академик Абдулменаф Беџети и професорот на Архитектонскиот факултет, Митко Хаџи-Пуља.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста од утре, 8 јули, и ќе биде достапна за посетителите следните шест месеци, секој работен ден од 9 до 15 часот. Влезот е бесплатен.
Економија
Лајен: Европа мора да се подготви за целосно прекинување на испораките на руски гас

Европската Унија мора да се подготви за потенцијално целосно суспендирање на испораките на руски гас, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Ова е причината поради која Комисијата работи на вонреден европски план. Во текот на јули ќе го претставиме тој план и потребните инструменти за негова имплементација“, изјави Лајен на седницата на Европскиот парламент во Стразбур.
Таа ја обвини Русија дека ја користи енергијата како оружје, истакнувајќи дека сега 12 земји од Европската Унија се директно погодени од делумно или целосно исклучување на рускиот гас, пренесува „Спутник“.
Шефицата на Европската комисија изјави дека земјите членки на Европската Унија имаат свои национални програми за вонредни состојби, но неопходна е и поширока европска соработка и заеднички акции на сите 27 земји членки.
„Мораме да бидеме сигурни дека во случај на целосно исклучување, гасот ќе продолжи да стигнува онаму каде што е најпотребно. Мораме да бидеме сигурни дека можеме да се потпреме на европската солидарност. И мораме да го заштитиме единствениот пазар, како и индустрискиот синџир на снабдување“, рече Лајен.
Таа исто така истакна дека Европската Унија ја намалила својата зависност од руските енергетски извори.
„Се оддалечуваме од Русија за да се свртиме кон сигурни извори, кои влеваат доверба“, рече таа, наведувајќи дека од март увозот на енергетски производи во Европската Унија од различни земји, со исклучок на Русија, е зголемен за 75 проценти во споредба со претходната година.
Според неа, увозот на течен природен гас од САД во ЕУ е речиси тројно зголемен, додека увозот на гас од Русија е намален за една третина во однос на минатата година.
Економија
Цената на горивата не се менува, се намалува само цената на мазутот

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,40% во однос на одлуката од 4.07.2022 година. Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,40% во однос на одлуката од 4.7.2022 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,501%, кај дизелот за 1,699%, кај екстра лесното масло за 2,028% и кај мазутот за 2,898%.
Малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98, како и на еуродизел (Д-Е V) и на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 1,078 ден/кг и ќе изнесува 52,649 ден/кг.
Од 7.7.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин еуросупер БС – 95 108,50 (денари/литар)
Моторен бензин еуросупер БС – 98 110,50 (денари/литар)
Дизел гориво еуродизел БС (Д-Е V) 103,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 102,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 2,649 (денари/килограм)
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,412%.