Економија
Коциќ: Со можноста за фотоволтаици за секое домаќинство го зголемуваме производството на електрична енергија

Со можноста за фотоволтаици за секое домаќинство го зголемуваме производството на електрична енергија, истакна пратеникот од СДСМ Ненад Коциќ на прес-конференција.
Говорејќи со измената на Правилникот за обновливи извори на енергија, Коциќ образложи дека на тој начин се овозможува граѓаните и компаниите да произведуваат електрична енергија на нивните покриви и да ја продаваат на откупувачот и дистрибутер на електрична енергија.
„Се зголемува и ограничувањето на инсталирана моќност од досегашните 4 киловати на 6 киловати за домаќинствата, додека кај малите потрошувачи, буџетски корисник и единка корисник максималната инсталирана моќност се зголемува од 20 на 40 киловати. Владата предводена од СДСМ ќе го поттикне поставувањето на фотонапонски панели преку субвенции за набавка и поставувањето на панелите во висина до 30 отсто, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство“, рече Коциќ.
За оваа мерка, како што додаде, од буџетот се предвидени 60 милиони денари.
Покрај оваа мерка, во ребалансот на буџетот се предвидени и дополнителни средства за инвестиции во енергетиката за што СДСМ апелира до сите колеги пратеници тој да биде усвоен што побрзо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Десетици илјади млади луѓе нема да се вклучат на пазарот на труд, бидејќи се надвор од државата – Што ќе значи тоа македонската економијата?

Бројот на невработени млади се намалува за 17 000, и тоа звучи како одлична бројка. Но, доколку се погледне бројот на млади, вработени и тој број значително се намалува. Во 2009 година, имало 129 000 млади вработени, денеска оваа бројка е 111 000 млади вработени. Односно, има 18 000 помалку млади вработени. Бројот на неактивни млади, кои не бараат работа, од кои дел студираат или учат се намалува за 50 000. Јована која работи заедно со истражувачите во Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ, ја отвори оваа тема со Дарко Велков од vrabotuvanje.com.
– Младите не се во државава. Толку е. Многу индустрии нема да преживеат во следните 5 години. Можеби не е таков форматот и треба да бидеме по релаксирани, но тоа е реалноста. Да го земеме рударството, таму просек на вработени е 55 години. Тоа е една од побитните гранки во државата. Никој млад не сака да работи во градежништво, или во земјоделие. Кој млад сака да вози трактор? Повеќето би работеле на лап-топ или во канцеларија. – вели Дарко Велков, кој активно го следи пазарот на труд во Македонија од 2003 година, кога го лансира својот бизнис за дигитално посредување при вработување.
Во „Што го врти светот“ соговорниците ја истакнуваат потребата младите да бидат активни, но и државата да создава се повеќе механизми со кои ќе ги поттикне младите да се активираат. Секако, и приватниот сектор треба да се вклучи со понуда на подобри и поатрактивни работни места.
Беа истакнати и можностите за пракса кои денеска им се нудат на младите. Велков, истакна дека најголем дел од вработените и менаџерите во неговата компанија почнале со пракса. А денеска младите имаат можност за платена пракса од 12 000 денари, која би им дала можност да научат преку работа, но и да откријат во која област се пронаоѓаат. Секако, средното стручно образование може да обезбеди подобар кадар за компаниите, но според Велков тоа сеуште не е доволно атрактивно и покрај фактот што е значително унапредено во последните години.
Целата епизода на „Што го врти светот“ со Дарко Велков, можете да ја погледнете на:
Во епизодата Дарко Велков ја споделува својата бизнис приказна во која работел од се по нешто, се додека не го создал својот прв успешен бизнис vrabotuvanje.com, за денеска да биде сопственик на повеќе успешни македонски компании. Тој зборува за грешките, патот до успешен бизнис, но и за тоа кои се професиите кои се на цена денеска, а кои ќе бидат најбарани во иднина. Поткастот „Што го врти светот“ може да го следите на социјалните медиуми и да го слушате на YouTube и Spotify секој четврток во 20 часот.
Економија
СДСМ: Го штитиме стандардот на граѓаните, намалени цените во маркетите

СДСМ како одговорна партија со конкретни мерки и политики го штити стандардот на граѓаните, велат од партијата преку соопштение.
„Новата мерка за намалување на цените на прехранбените производи е успешна и дава резултати.
Намалени се цените на стотици прегранбени производи во 25 категории кои граѓаните најчесто ги користат.
По пониски цени во маркетите се продаваат лебот, млекото, јајцата, брашното, месото, оризот, сирењето, кашкавалот, и многу други.
Тие имаат „гарантирана цена“, која е за 10 проценти пониска од нивата цена на 1 август годинава.
СДСМ се грижи за стандардот на граѓаните, ги зголемува платите и пензиите и ги враќа парите назад кон граѓаните“, се вели во партиското соопштение.
Економија
Битиќи од Њујорк: Членството во ЕУ ќе го заштити животниот стандард на граѓаните и во услови на кризи и конфликти

Оваа недела Обединетите нации беа политичкото средиште на светот, а една од главните теми што доминираше во дебатите несомнено беше Руската агресија врз Украина, која покажа како разорната сила од војната лесно се прелеа во економијата на секоја држава во светот при што ниту една не беше поштедена. Ова го изјави во Њујорк, заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи кој учествува на годинешното 78 Генерално собрание на ОН и самитот за одржлив развој.
„Но штетите беа помали кај оние кои во својата економска структура имаа развиено одбранбен механизам на надворешни шокови, независно од тоа дали тие се предизвикани од економски, еколошки или геополитички потреси“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека тој заштитен механизам се вика отпорност на економијата, а до таа отпорност, нашата македонска економија најбрзо може да дојде само преку забрзување на евроинтегративните процеси и полноправно членство во Европската унија.
„Членството во ЕУ нај напред ќе ни овозможи пристап до најголемиот единствен пазар во светот од 500 милиони потрошувачи, што ќе обезбеди разновидна база на потрошувачи на наши производи и услуги. Раширената мрежа од трговски договори, намалените трговски бариери ќе помогне да се надоместат загубите од евентуални идни шокови. Регулаторната хармонизација, конзистентните стандарди и практики во различни индустрии, може да биде уште еден извор на отпорноста на нашата економија“, рече Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи изјави дека горенаведените се само дел од економските придобивки кои може Северна Македонија да ги добие, со кои ќе ја зајакне сопствената способност да се движи низ глобалниот економски пејзаж кој брзо се менува, и да го заштити животниот стандард на нашите граѓани и во услови на кризи и конфликти, за кои деновиве се зборуваше во Обединетите нации.