Економија
Македонија со словенечка помош ќе го развива бањскиот туризам
Словенија и Македонија имаат голем потенцијал за економска соработка. Ваков е заклучокот од средбата што денеска ја остварија заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерот за економски развој и технологија на Словенија, Здравко Почивалшек.
Анѓушев му пренесе на министерот Почивалшек дека Законот за финансиската поддршка на инвестициите, со кој се овозможува примената на мерките од планот за економски раст, е влезен во собраниска процедура и истакна дека со овој закон се очекува раздвижување на економијата во земјата, нови инвестиции и побрз технолошки развој, при што ги покани словенечките компании да инвестираат во Македонија
„Mерките од планот за економски раст се исклучително атрактивни и поволни за компаниите. Убеден сум дека словенечките компани ќе ја препознаат можноста за проширување на своите бизниси токму во Македонија. Мерките се концепирани да бидат исти за сите и преку нивна имплементација се поттикнува технолошкиот развој и внесување иновативни решенија во компаните, со што ќе се зголемат продуктивноста, квалитетот и конкурентноста на компаниите и ќе овозможиме повисок економски раст на македонката економија“, посочи вицепремиерот Анѓушев.
На средбата се разговараше и за можностите за соработка во туризмот, при што министерот Почивалшек истакна дека туризмот во Словенија изнесува околу 2,7 милијарди евра, односно околу 13 проценти од БДП. Тој посочи дека бањскиот туризам во Словенија учествува со дури 40 проценти во вкупните приходи од туризам и нагласи дека словенички компании се заинтересирани за инвестирање во оваа гранка во Македонија.
„Словенија има добро поставен концепт за развој на бањскиот туризам. Користејќи го вашето искуство, треба да поставиме здрава база за развој на оваа гранка и во Република Македонија, а потоа инвестициите многу полесно и поефективно би се реализирале“, нагласи Анѓушев.
Во поглед на соработката во земјоделскиот сектор министерот Почивалшек потенцира дека македонскиот земјоделски производ во Словенија се препознава како врвен квалитет и дека Македонија треба да ги искористи природните услови за да ги максимизира ефектите од земјоделството.
Во 2017 година Република Словенија беше петнаесетта по вредност трговски партнер на Република Македонија со вкупна вредност од 390 милиони евра и пораст во трговската размена од 11 отсто во однос на 2016 година, а странските директни инвестиции од оваа земја изнесуваат околу 375 милиони евра, со што Словенија е позиционирана на петтото место во однос на странските директни инвестиции во Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.