Економија
Македонија учествува на најголемиот саем за туризам во Берлин
Во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТРМ) и оваа година се промовира Македонија на најголемиот саем за туризам во Берлин.
Акцентот на промотивните активности се става на активен туризам, но и културните и природните туристички знаменитости на Македонија. За време на саемот се одржуваат многу активности, но голем фокус е даден на претстојната конференција на Пацифик-Азиската Туристичка Асоцијација “PATA”.
„Денеска на свечениот коктел на “PATA”, во организација и покровителство на “ITB” беше промовирана Глобална Конференција (PATA Global Insights Conference -PGIC) како дел од Самитот за туризмот 2017 кој ќе се одржува во Македонија пред гости од целиот свет. Ова е идеална прилика Македонија да ги собере на едно место важните чинители во светскиот туризам, но и да се претстави како дестинација којашто е во интензивен подем. Овој тип на промотивни алатки овозможуваат брза и ефикасна промоција и воедно брендирање и позиционирање на земјава повисоко во светската туристичка индустрија, а со тоа и зголемување на бројот на туристите и девизниот прилив од туризмот”, изјави директорот на АППТРМ, Лела Крстевска.
Оваа година има посебно голем интерес од приватниот сектор за учество на “ITB” и на штандот на Македонија својата понуда ја изложија македонските туроператори, Бадем тур, Вардар експрес, Фибула, Глобус травел, Бтб турс, Буши ресорт и спа и Гобалканс.
Тоа што заслужува внимание е потпишување на меморандум за соработка меѓи JICA (Japanese international cooperation agency) и Македонија, којашто заедно со останатите балкански земји како Албанија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина ќе го промовираат балканскиот регион во Јапонија. На состанокот учествуваше македонскиот приватен сектор, и истите беа поканети во Токио на бизнис средби со јапонските туристичките чинители за да отпочнат соработка.
Секоја година се зголемува посетата на “ITB” од странски тур оператори, асоцијации, медиуми и различни чинители во туризмот. Туристичката понуда оваа година е претставена во 24 хали и излагачи од 5 континенти, 187 земји, 1000 најдобри квалификувани купувачи, 10.000 изложувачи, 26.000 конференциски посетители, 60.000 приватни посетители, 120.000 трговски посетители./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Пратениците го одобрија унгарскиот заем од половина милијарда евра
Со 65 гласа „за“ и 15 против, пратениците во Собранието го одобрија заемот од половина милијарда евра од унграската влада.
250 милиони евра, половина од средствата од овој заем ќе се користат за развој на општините, а другите ќе ги користат стопанствата во форма на кредити. Рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години, каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Македонија ќе треба да исплати и провизија од 70 илјади евра за правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт-импорт банка.
Додека за мнозинството нема ништо спорно кај законот, туку напротив, ќе помогне во развојот на општините и економијата, опозицијата обвинува дека парите не се од Унгарија, туку од Кина и дека земјата станува политички заложник.
Пратеникот Фатмир Битиќи и ексвицепремиер за економски прашања од СДСМ изјави дека кинеските пари ќе ја нарушат макроекономската стабилност и ќе има негативно политички влијание за државата, која ќе стане заложник на Унгарија. Рече и дека има скриени трошоџи, чијшто износ не го пишува во договорот.
„Ова задолжување е без контрола, идните генерации ќе ги плаќаат кредитите и другите последици, Ова не е патот по кој сакаме да одиме ова задолжување ја загрозува макроекономската стабилност“, рече Битиќи.
Македонија ќе треба да исплати и провизија од 70 илјади евра за правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт-импорт банка.
Економија
ЕСМ: Лошата кондиција на производните капацитети е причина за набавка на електрична енергија
„ЕСМ Продажба“ овој период објави отворен повик за рамковен договор за купопродажба на електрична енергија на слободниот пазар поради затекната состојба во која се наоѓаат постојните домашни капацитети во државна сопственост, објавија од компанијата.
„Новото раководство се соочува со ненавремено завршени летни ремонтни активности во РЕК ‘Битола’ и РЕК ‘Осломеј’ и ниската кота на хидропотенцијалите, чии акумулации се под просекот за овој период од годината поради лошото менаџирање на хидроресурсите во изминатите неколку месеци. Набавката на електрична енергија ќе му овозможи на ЕСМ АД да ги реализира плановите за подобрување на затекнатата состојба рудниците и хидроакумулациите, како и потребни сервисни активности на постројките, со што ќе се овозможи континуирано производство на електрична енергија во наредниот период, особено во претстојната грејна сезона“, се наведува во информацијата.
Економија
Битиќи: Задолжувањето од Унгарија е економско предавство, удар врз домашните компании
„Државата се доведува во ситуација со пари на граѓаните евентуално да финансираат странски фирми наместо домашните. Овој заем е удар за домашните компании, нивно исфрлање од економската орбита на оваа Влада. Ова е удар врз трудот на македонските бизниси, економско предавство на татковината“, рече пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната седница на Собранието, на која се расправа за предлог-закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај унгарската експорт-импорт банка.
Битиќи во своето обраќање појасни дека заемите, како овој, кои доаѓаат од ЕКСИМ-банки, независно дали тоа е од Унгарија или од друга земја, наметнуваат и услов – парите да се користат за фирми што доаѓаат од матичната земја.
„Но, каде е овој услов во образложението, во предлог-законот за задолжувањето или во самиот договор? Зошто никој јасно не кажува дека средствата можеби ќе одат директно за одредени унгарски компании, а не за поддршка на македонскиот бизнис!? Зошто македонските компании не се споменуваат?“, праша Битиќи во своето обраќање.
Давајќи осврт на образложението на предлог-законот за задолжување, Битиќи посочи дека во него како примарна цел се наведува унапредување на постојаната и воспоставување посебна економска врска со Унгарија, а никаде не се споменува најавуваната директна поддршка за македонската економија.
„Никаде, апсолутно никаде, не се споменува тоа што премиерот го најавуваше – 250 милиони евра директна поддршка за македонската економија под истите услови што се споменуваат за заемот, 3,25 проценти камата, три години грејс-период и 12 години рок на отплата или вкупно 15 години. Ако ова беше толку голем успех за македонската економија, зошто нема ни еден збор за тоа во официјалното образложение? Наместо тоа, се наведува една генерализирана цел за унапредување на економската соработка со Унгарија, што не кажува ништо конкретно за тоа како и на кој начин овој заем ќе ја поддржи македонската економија. Ова создава сериозни сомнежи за вистинските намери зад ова задолжување и за тоа како средствата ќе бидат распределени“, рече Битиќи.
Битиќи посочи и на опасностите што ова задолжување ги носи за јавниот долг и создавањето долгорочни обврски, кои може да доведат до повисоки даноци и кратења во јавните услуги.
„Ова ново задолжување од 500 милиони евра директно ја загрозува макроекономската стабилност на државата и дополнително ќе го оптовари јавниот долг, кој веќе се движи на опасни нивоа. Како што кажав при ребалансот на буџетот, кога некои 400 милиони евра од овие пари беа скриени, со додавање на овие средства јавниот долг ќе надмине 68 %, а ако продолжат со истата пракса на редовно задолжување, ќе достигне дури 75 % од БДП, што ќе претставува алармантна граница за економска криза, а кон која Владата има очигледна намера да нè доближи. Ова не само што ќе го ограничи просторот за идни фискални политики, туку ќе создаде долгорочни обврски, кои ќе мораат да се финансираат преку повисоки даноци или кратења во јавните услуги“, рече Битиќи.
Пратеникот Битиќи предупреди дека преку вакви заеми се ризикува државата да падне во замка на економска и политичка манипулација.
„Ова е типична стратегија на авторитарни држави, кои користат финансиски средства за да поттикнат долгови и да наметнат политички и економски услови, како што сме виделе во многу други држави. Недостигот на транспарентност во врска со условите на овој заем, заедно со неговата геополитичка природа, укажува на намери што не се само економски, туку и политички мотивирани, ставајќи ја државата во директна зависност од надворешни актери со ерозивни агенди“, рече Битиќи.