Економија
Маричиќ: Со Јадранско-јонската иницијатива политички и економски го јакнеме регионот

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања и национален ИПА-координатор, Бојан Маричиќ, денес учествуваше на седмиот годишен форум на макрорегионалната Стратегија на ЕУ за Јадранскиот и за Јонскиот Регион (EUSAIR), кој се одржува во Тирана, Албанија.
На заедничкиот министерски состанок, министрите задолжени за фондовите на ЕУ, членките на ЕУСАИР и министрите одговорни за ЕУ, на кој очествуваше Маричиќ, беа разменети добри практики, беа споделени политичката визија и насоката на спроведувањето на ЕУСАИР, како и приоритетите за реализација во следниот период.
„Инструментите, како ЕУСАИР, се додадена вредност на процесот на проширување, каде што земјите пристапнички во ЕУ се претставени на рамноправна основа со земјите членки на ЕУ и воспоставуваат позитивна соработка меѓу нив и ги пренесуваат добрите практики и искуства во регионот на Западен Балкан“, истакна вицепремиерот Маричиќ.
Потенцирајќи го значењето на оваа стратегија за соработката и синергијата помеѓу земјите во поширокиот Јадранско-јонскиот Регион, Маричиќ ја истакна потребата од уште поблиска соработка меѓу европските земји за зајакнување на односите на ЕУ и нејзините земји членки со земјите од Западен Балкан и што е најважно – забрзување на процесот на пристапување во ЕУ за регионот.
„Посилниот и поотпорен Западен Балкан сам по себе води кон посилен и поотпорен јадрански и јонски макрорегион, што ја прави Евопската Унија посилна и поотпорна“, додаде Маричиќ.
Вицепремиерот и национален ИПА-координатор учествуваше и на панел-дискусијата посветена на европската интеграција на Западен Балкан и зелената агенда.
Во однос на зелената агенда, која произлегува од Европскиот зелен договор, вицепремиерот Маричиќ истакна дека Владата се погрижи клучните реформи, кои произлегуваат или се меѓусебно поврзани со зелената агенда, да бидат интегрирани во клучните плански документи, како оние поврзани со помошта од ЕУ, односно стратешкиот документ ИПА III, како и во релевантните национални стратегии за претстојниот период.
„Реалното спроведување на зелената агенда за Западен Балкан е можно преку спроведување конкретни активности и иницијативи на национално и на локално ниво преку реформи што бараат големи финансиски средства – од националните буџети, како и поддршката што ја дава ЕУ преку ИПА и другите инструменти со кои располага, останува да биде најсигурен извор на финансирање“, посочи Маричиќ.
Тој потенцира дека Економскиот и инвестициски план на ЕУ предвидува значителен износ за проекти на земјите од Западен Балкан за транзиција кон зелена енергија, климатска акција и други сектори, како и дека новиот пакет ИПА III за програмскиот период 2021 – 2027 година издвојува околу 100 милиони евра за нашата земја, надополнети со други извори достапни преку регионалните инструменти и дополнети со други јавни и приватни инвестиции.
„Со оглед на околностите во Европа и војната на континентот, мораме да го земеме предвид влијанието на прераспределбата на средствата на ЕУ за Западен Балкан во помош за Украина, што сигурно ќе ја намали финансиската поддршка за инвестициската агенда. Ова бара од нас да се прегрупираме и да ги поставиме приоритетите за да се адаптираме на најновата финансиска состојба на ниво на ЕУ“, рече вицепремиерот Маричиќ
На состанокот беше усвоена и декларација, во која еден од анексите потврдува дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан претставува геостратешка инвестиција во стабилна, силна и обединета Европа и ги препознаваат досегашните напори на Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ врз основа на процесот на пристапување заснован на заслуги и условеност, со барање за охрабрување на земјите членки на ЕУ да го забрзаат патот кон ЕУ за земјите од Западен Балкан, особено со одредување датум почеток на преговорите со Албанија и Северна Македонија за време на француското претседателство, како и доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина што е можно побргу.
Северна Македонија стана дел од Стратегијата за Јадранско-јонскиот Регион во 2020 година и активно учествува во регионалната соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Свечено отворање на новата поставка во Музејот на Народната банка посветена на културното наследство претставено на македонските банкноти

Денеска во Музејот на Народната банка свечено ќе биде отворена изложбата В/редности и вредности, којашто е кураторски обид за селекција, презентација и толкување на културното наследство, претставено на тековното издание на македонските книжни пари, од 1996 година до денес. Изложбата е организирана како дел од активностите со коишто Народната банка ја одбележува 30-годишнината на македонската монетарна самостојност и воведувањето на денарот како национално платежно средство.
Поставката, преку осум микроцелини, секоја посветена на засебна банкнота, го опишува и го толкува културно-историското наследство употребено како предлошка за создавање на нивниот дизајн. Поставката ги вклучува охридската Изида, златниот накит на лихнидските дами, виничката икона, боите на Шарената џамија, македонскиот афион, односно археолошкото, уметничкото, архитектонското и природното наследство на овдешните простори.
Изложбата е поддржана од страна на седум македонски музеи, коишто обезбедувајќи пристап до артефактите, овозможија да бидат претставени пред пошироката јавност како обележја на македонските пари.
На свеченото отворање ќе се обратат гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, академик Абдулменаф Беџети и професорот на Архитектонскиот факултет, Митко Хаџи-Пуља.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста од утре, 8 јули, и ќе биде достапна за посетителите следните шест месеци, секој работен ден од 9 до 15 часот. Влезот е бесплатен.
Економија
Лајен: Европа мора да се подготви за целосно прекинување на испораките на руски гас

Европската Унија мора да се подготви за потенцијално целосно суспендирање на испораките на руски гас, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Ова е причината поради која Комисијата работи на вонреден европски план. Во текот на јули ќе го претставиме тој план и потребните инструменти за негова имплементација“, изјави Лајен на седницата на Европскиот парламент во Стразбур.
Таа ја обвини Русија дека ја користи енергијата како оружје, истакнувајќи дека сега 12 земји од Европската Унија се директно погодени од делумно или целосно исклучување на рускиот гас, пренесува „Спутник“.
Шефицата на Европската комисија изјави дека земјите членки на Европската Унија имаат свои национални програми за вонредни состојби, но неопходна е и поширока европска соработка и заеднички акции на сите 27 земји членки.
„Мораме да бидеме сигурни дека во случај на целосно исклучување, гасот ќе продолжи да стигнува онаму каде што е најпотребно. Мораме да бидеме сигурни дека можеме да се потпреме на европската солидарност. И мораме да го заштитиме единствениот пазар, како и индустрискиот синџир на снабдување“, рече Лајен.
Таа исто така истакна дека Европската Унија ја намалила својата зависност од руските енергетски извори.
„Се оддалечуваме од Русија за да се свртиме кон сигурни извори, кои влеваат доверба“, рече таа, наведувајќи дека од март увозот на енергетски производи во Европската Унија од различни земји, со исклучок на Русија, е зголемен за 75 проценти во споредба со претходната година.
Според неа, увозот на течен природен гас од САД во ЕУ е речиси тројно зголемен, додека увозот на гас од Русија е намален за една третина во однос на минатата година.
Економија
Цената на горивата не се менува, се намалува само цената на мазутот

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,40% во однос на одлуката од 4.07.2022 година. Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,40% во однос на одлуката од 4.7.2022 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,501%, кај дизелот за 1,699%, кај екстра лесното масло за 2,028% и кај мазутот за 2,898%.
Малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98, како и на еуродизел (Д-Е V) и на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 1,078 ден/кг и ќе изнесува 52,649 ден/кг.
Од 7.7.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин еуросупер БС – 95 108,50 (денари/литар)
Моторен бензин еуросупер БС – 98 110,50 (денари/литар)
Дизел гориво еуродизел БС (Д-Е V) 103,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 102,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 2,649 (денари/килограм)
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,412%.