Економија
Маркоска: Владата останува посветена на развојната економија

Пратеничката на СДСМ, Даниела Маркоска, истакна дека Владата предводена од СДСМ останува посветена на градење развојна економија.
„Во таа насока е и петтиот економски пакет вреден 160 милиони евра, кој има цел спас на работните места, поддршка за домашните компании и подобрување на ликвидноста на стопанството. Продолжуваат грижата и помошта за регистрираните занаетчии и самостојните вршители на дејност за побрзо надминување на последиците од корона-кризата“, информира Маркоска.
Според неа, со мерката од петтиот пакет на регистрираните занаетчии ќе им се овозможи решенијата за аконтативно плаќање на персоналниот данок да им бидат намалени 50 % во 2021 година во споредба со решенијата од 2020 година.
Додаде дека ќе се обезбеди и финансиска поддршка за граѓаните преку продолжување на мерката за одложување плаќање данок на личен доход до 30 јуни 2021 година.
„Вредноста за оваа мерка е 15 милиони денари, а целна група се самостојните вршители на дејност, кои во согласност со Законот за данок на личниот доход беа ослободени од плаќање аконтации до 31 март 2021“, информира Маркоска.
Според неа, Владата ги одмина најтешките мигови и, како што рече, успеа да ја одржи економијата витална и динамична.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Оризопроизводителите ќе може да набавуваат комбајни, средствата се од програмата за рурален развој

Од денеска, па сѐ до 15 април, сите земјоделци што имаат минимум 1 хектар со ориз, ќе може да аплицираат за набавка на комбајни со сечкалка. Новата мерка наменета за оризопроизводителите во Кочани ја претставија директорите на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, и директорот на Водостопанството, подружница „Брегалница“, Дени Митров.
Средствата за поддршка на оваа мерка се обезбедени од програмата за рурален развој, а право на аплицирање имаат сите земјоделски стопанства што се впишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, а се индивидуални земјоделци носители на земјоделско стопанство или, пак, се носители на земјоделско стопанство, а со земјоделство се занимаваат како дополнителна дејност. Директорот Бачовски ги информира присутните дека за оваа мерка може да аплицираат и сите трговци поединци и трговски друштва, како и земјоделски задруги впишани во регистарот на задруги.
„Аплицирањето се врши електронски преку веб-страницата е-baranje.ipardpa.gov.mk. Вкупната прифатлива сума од корисник е до 3,5 милиони денари, а поддршката се исплаќа по принцип на кофинансирање реализирани и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50 % од вредноста на одобрените прифатливи трошоци. Средствата се доделуваат за период на реализација на деловниот план и се исплаќаат на годишно ниво. Ставката на кофинансирање се зголемува на 55 % ако носител е млад земјоделец од 18 до 40-годишна возраст. 60 проценти поддршка ќе добијат сите што работат во места со ограничени можности, 65 % поддршка ги следува сите што на денот на аплицирање имаат од 18 до 40 години и обработуваат површина во ограничени можности, а 75 % кофинансирана сума ги следува сите што имаат површини во недостапни средини“, истакна Бачовски.
Според директорот на АД Водостопанство „Брегалница“, Дени Митров, оваа мерка е добредојдена за земјоделците и во голема мера ќе им ја олесни работата.
Преку овие инвестиции се влијае во намалувањето на производните трошоци и загубите, а се помага за зголемување на квалитетот и приближување на достигнувањето на стадардите во Европа. Агенцијата и Владата ќе продолжат да креираат мерки што ќе го осовременуваат домашното земјоделство и позитивно ќе влијаат на конкурентноста и квалитетот на домашно произведени земјоделски култури, информираат од Агенцијата.
Економија
Битиќи: Владата е фокусирана на развојот на социјалното претриемаштво

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, по покана на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Јавност“ и Германското здружение за меѓународна соработка, се обрати на Форумот на добри компании, одржан преку видеоконференциска врска, каде што зборуваше за предизвиците со кои се соочува општеството во период на кризата од пандемијата на Ковид-19, како и за преземените активности од страна на Владата за надминување на овие предизвици.
Битиќи истакна дека ковид-кризата имаше особено влијание на ранливите групи граѓани.
„Верувам дека светската економија ќе има сериозно поместување кон социјалната економија, каде што центарот на вниманието ќе им припаѓа на општествено одговорните компании, оние што работат за добро на општеството, а кои преку генерирање профит создаваат можности од голема важност за ранливите групи на општеството. Социјалното претприемаштво е нешто на што сите треба да се фокусираме. Владата на Северна Македонија го препозна големиот потенцијал на социјалното претприемаштво и ние сме подготвени да го приспособиме нашиот систем за нови идеи и нови начини на создавање бизнис со цел да изградиме инклузивно општество“, нагласи тој.
„Ние сме посветени на постигнување на 17-те цели како дел од Агендата 2030 година, универзална рамка за зајакнување на колективните активности кон остварување на заедничките цели и предизвици. Работиме со голем фокус на намалување на сиромаштијата, создавање правда и силни институции заедно со пристојна работа и економски раст и зајакнување на индустријата, иновациите и инфраструктурата“, додаде Битиќи.
Економија
Угостителите на протест до исполнување на барањата за спас на секторот

Од Туристичко-угостителската комора на Македонија со реакција дека финансиската помош што се обезбедува за поддршка на реалниот сектор нема континуитет, а по цела година, не постојат ни протоколи за работа за сите дејности што би можеле да се почитуваат. Секторот угостителство се соочува со многубројни предизвици, условите за работа не овозможуваат ни приходи за покривање на основните трошоци. Во такви околности со загрозена егзистенција на цел сектор, кој нема ниту основна помош, иако беше ветувана, нема повеќе простор за чекање, сите граници се поминати, истакнаа од Туристичко-угостителската комора на Македонија.
„Не постои континуитет на економските мерки со цел задржување на работните места и опстојување на деловните субјекти, а веќе ни основна помош не е доволна за да преживеат луѓето што работат во овој сектор. Цела година сме предмет на јавно линчување иако помошта што ја добивме беше минимална и обременета со многу критериуми. Угостителскиот сектор од 14.3.2020 година сѐ до денес работи под многубројни рестриктивни мерки, а во одредени периоди и со целосни рестрикции, што без соодветна и навремена поддршка доведе до престанок на деловната активност за многу субјекти во секторот и загуба на многу работни места. Затоа, денес, Туристичко-угостителската комора ги презентира барањата за мерки за поддршка на угостителскиот сектор и најавува радикализирање на дејствувањето, кое ќе трае сѐ додека овие мерки целосно не се реализираат“, изјави Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко-угостителската комора.
Од таму бараат еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Владата и кои со месеци немаат никаква помош не само за зачувување на работните места туку немаат никаква помош ни за основните трошоци за егзистенција и се под закана за губење на домовите и објектите од банки и извршители.
„Потенцираме дека под помош не сметаме понуди од Владата за користење кредити од Развојната банка, тоа е само дополнително задолжување од еден кредит да имаме два. Бараме еднократна финансиска помош за секој од регистрираните над 100 категоризирани објекти, кои повеќе од една година се затворени во целост, а со цел покривање на досегашните трошоци и долгувања акумулирани поради забраната за работа“, истакна Ангеловски.
Барањата вклучуваат и еднократна финансиска помош во вид на грант за сите регистрирани угостителските објекти, поделени во 3 категории врз основа на големината на бројот на вработени во 2020 година.
„Бараме утврдување мораториум или репрограмирање со грејс-период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојната банка сѐ додека не ни дозволи Владата да работиме без рестрикции за нашиот сектор. Ако може Владата нам со уредба да ни забрани да работиме, може со уредба да утврди банките додека не работиме да не ни ја цицаат крвта и да не задолжуваат заканувајќи ни се дека ќе останеме на улица без дом и егзистенција“, изјави Ангеловски.
Тој потенцира дека состојбата во моментот во секторот е крајно алармантна и правните субјекти се соочени со колапс.
„Се бара помош за сите угостителски објекти, секој е еднакво важен и не смее некој да остане без неопходна помош во овие најтешки периоди за угостителството, затоа од понеделник, 20 април, излегуваме заедно како сектор на протести и ќе останеме пред институциите сѐ до моментот додека нашите барања не бидат во целост прифатени“, изјави Ангеловски.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Црна хроника2 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Економија2 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?
- Македонија2 недели
Ѓорчев: Мојот татко е во кома откако се вакцинираше во Ниш