Економија
Маск: Сè уште чекам информации за тоа колку ботови има на „Твитер“

Извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, на економскиот форум во Катар изјави дека има уште неколку нерешени прашања во врска со „Твитер“ и дека уште чека информации за тоа колку ботови има на платформата на таа социјална мрежа.
Во интервју за „Блумберг“ на економскиот форум во Доха, Маск рече дека не мисли оти ќе има некакви проблеми во балансирањето на интересите на „Тесла“ во Кина и идното купување на „Твитер“.
„’Твитер’ не работи во таа земја, а Кина не се обидува да се меша во слободата на говорот во американските медиуми, колку што знам“, рече тој.
Маск ја пофали и работата на кинеските компании.
„Многу сум импресиониран од автомобилските компании во Кина, од компаниите во Кина воопшто. Мислам дека се исклучително конкурентни, вредни и паметни“, нагласи директорот на „Тесла“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Македонците почнаа да плаќаат 30 отсто поевтин роаминг во ЕУ, во 2028 година цените ќе бидат исти како дома

Договореното намалување на трошоците за роаминг е веќе во сила и Македонците што патуваат надвор од државата имаат 30 % намалени трошоци. Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, вели дека се договориле термини за целосно намалување на цените на услугите во роаминг и нивно изедначување со домашните цени на услуги од телефонските оператори.
„Од 1 октомври стапи во сила договорот помеѓу операторите на Европската Унија и операторите од Западен Балкан за намалување на цените на роаминг-податоците во склоп на процесите на Европската Унија. Тоа значи дека нашите граѓани и бизнисмените од Република Северна Македонија, кога ќе одат надвор, веќе имаат 30 % помали трошоци за роаминг и обратно, граѓани од Европската Унија ќе имаат 30 % намалени трошоци за роаминг. Исто така, мапиравме активности, кои предвидуваат уште едно намалување во 2026 година за 30 % и се очекува во 2028 година цените за роаминг да бидат исти како цените на тие услуги што ги има на домашниот пазар. Тоа значи дека во 2028 година ќе имаме исти цени и во и надвор од државата“, рече министерот Алиу.
Тој очекува следниве денови операторите да излезат со конкретни понуди и пакети што ќе им ги понудат на корисниците.
Намалувањето на цените за услуги во роаминг меѓу Европската Унија и Западен Балкан беше предвидено со декларација потпишана самитот ЕУ – Западен Балкан во декември 2022 година.
Економија
Пилотите на Lufthansa и Austrian Airlines ќе се подготвуваат за лет со македонска апликација

Луфтханза групацијата во која спаѓаат авио превозниците Lufthansa, SWISS and Edelweiss Air, Austrian Airlines, Eurowings и други ќе ја користи македонската платформа Airport Briefing.
Платфромата им помага на пилотите да се подготват за лет преку 3Д приказ на теренот каде треба да слетаат.
Креатор на аплиакцијата е компанијата Synapsis Aviation чии основачи се Филип Арсов, претприемач со долгогодишно искуство и капетан Кочо Мојсов, пилот од Македонија кој работи во компанијата “Qatar Airways”. Спојот на ИТ/мултимедиа знаењето на Арсов и познавањето на авијацијата на Кочо се клучни во успехот на платформата. Први инвеститори кој веруваат во успехот на Airport Briefing, се токму пилоти кои се свесни за потребата од ваков производ.
Филип Арсов, ќе биде гостин во поткастот „Што го врти светот“, ќе зборува за тоа како после 18 години работа во ИТ секторот и повеќе проекти, конечно успева да си го оствари сонот за работа на сопствен македонски производ кој ќе стигне до најголемите европски клиенти. Тој ќе зборува за можностите кои технологијата ги нуди во однос на авијацијата и дали е возможно да се направат целосно безбедни летови кои нема да зависат од човечка грешка. Повторно се отвора темата за Вештачка интелегенција, која е веќе дискутирана во поткастот, но Арсов има малку поразличен став околу тоа дали таа ќе го замени човекот. Во стилот на „Што го врти светот“, Арсов ќе се обиде и да направи контрола на летање на виртуелни авиончиња.
Епизодата на „Што го врти светот“ со Филип Арсов теми можете да слушнете во четврток во 20 часот на: YouTube и Spotify.
Сите новости следете ги на социјалните медиуми на „Што го врти светот?“ со Јована на Facebook и Instagram.
Економија
Битиќи и Бектеши на средби во ЕБРД: Поддршка за реализација на енергетски проекти за забрзана енергетска трансформација

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, и министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска, во Лондон, остварија средба со генералната директорка во Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) за одржлива инфраструктура, Нандита Паршад.
На состанокот, на кој присуствуваше и генералниот директор на „НОМА гас“, Бајрам Реџепи, главен фокус беа активностите и проектите, кои со поддршка на ЕБРД се реализираат во нашата земја, како и идните планови и проекти, кои преку разни инвестициски проекти може да се поддржат во Македонија во насока на реализирање на зелената агенда.
На средбата беше поздравена успешната соработка што нашата земја ја има со ЕБРД како банка која е еден од најголемите поддржувачи на инфраструктурни проекти во земјата.
Во таа насока изразена е определба од двете страни дека реализацијата на проектите продолжува непречено да се одвива, независно од кризите предизвикани од војната во Украина, особено што станува збор за реализација на важни проекти за граѓаните и државава, во областа на енергетиката, транспортот, животната средина.
Битиќи истакна дека Владата активно работи на реализација на инфраструктурни проекти во насока на забрзан раст на домашната економија и подобрување на финансиската состојба на граѓаните.
Бектеши посочи дека за Северна Македонија од клучно значење е зголемување на енергетската независност на земјата, како и забрзаната енергетска транзиција за што се заблагодари на поддршката што ја има земјата во оваа насока, пред сè, во поддршка на изградбата на гасниот интерконектор помеѓу Северна Македонија и Република Грција.
Битиќи и Бектеши ја информираа директорката Паршад за идните планови за развој на енергетска инфраструктура во земјата, особено за проекти што се од важно значење за регионално енергетско поврзување за што најголем бенефит ќе имаат домаќинствата.