Економија
МЗШВ: Во тек е пријавувањето за дополнителните директни плаќања од програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2023 година
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги потсетува сите земјоделци дека во тек е пријавувањето за дополнителните директни плаќања од програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2023 година.
Напоменуваме дека крајниот рок за поднесување на барањата е до 25 декември 2023 година.
Како корисници на подмерката 1.7 се јавуваат земјоделски стопанства, кои имаат засадено површини со градинарски култури и се корисници на подмерката 1.4 директни плаќања за обработлива земјоделска површина за градинарско производство и цвеќе на отворено и во пластеници.
Оствареното производство да им е предадено во преработувачки капацитет за зеленчук директно или преку еден регистриран откупувач во периодот од 26 декември 2022 година до 25 декември 2023 година, вклучително и произведените градинарски култури за потребите на сопствениот преработувачки капацитет запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделскитње производи.
Земјоделците барањата ги поднесуваат во електронска форма, со најава во системот преку линкот „Директни плаќања е-субвенции“ на веб-страницата од АФПЗРР https://www.ipardpa.gov.mk. Пополнетото барање потребно е да се испечати и потпишано да се достави во писмена форма до АФПЗРР преку пошта или директно до архивата на Агенцијата.
Покрај пријавувањето за мерката 1.7, земјоделците може да се пријават и за мерките:
„Мерка 1.3 дополнителни директни плаќања од подмерката 1.1. за остварено производство на пченица, јачмен, сончоглед, маслодајна репка и афион“,
„Мерка 1.5 дополнителни директни плаќања од подмерката 1.4. за остварено производство од домат, пиперка, краставица, корнишон, зелка, грав и компир на отворено и во пластеници“,
„Мерка 1.9 дополнителни директни плаќања од подмерката 1.8. за остварено производство на овошје“,
„Мерка 1.10 дополнителни директни плаќања од подмерката 1.8. за овошје предадено во преработувачки капацитети“,
„Мерка 1.13 дополнителни директни плаќања од подмерката 1.12. за остварено производство на грозје“ и
„Мерка 2.20 директни плаќања за лабораториска анализа на физички и хемиски својства на мед“.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, упатува апел до сите земјоделци навремено да ги пополнат барањата и да се пријават остварувајќи го правото за дополнителни директни плаќања за полјоделски култури, градинарски култури, овошни и лозови насади.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) „Фероинвест“ изгради фотонапонска електрана на покривот на „Веро Центар“
„Веро Центра“ доби кровна фотонапонска електрана благодарение на која до 40% од својата потрошувачка на електрична енергија од мрежа ќе ја замени со електрична енергија произведена од сонце.
Веро центарот, кој е лоциран во центарот на Скопје, ќе ја користи кровната електрана за своите сопствени потреби, што беше основна идеја на инвеститорот кога се обрати до ФЕРОИНВЕСТ за изведување на проектот.
Електраната со инсталирана моќност од 730 kW е поставена и пуштена во пробна работа во рок од два месеци во текот на летниот период, во услови на топлотен бран, но со засилено темпо на работа од страна на инженерите и техничарите на ФЕРОИНВЕСТ и ЕМС, со цел клиентот да може што повеќе да искористи од периодот на поволно сончево зрачење за производство на електрична енергија.
Со овој проект, компанијата „Верополус Груп“ се постави во редот на еколошки ангажирани компании кои инвестираат во енергетски проекти значајни за енергетската транзиција на државата, и кои долгорочно носат финансиска заштеда за инвеститорот.
ФЕРОИНВЕСТ нуди изградба на електрани од обновливи извори по принципот клуч на рака, односно од нивно проектирање, изградба, пуштање во употреба, па се до обезбеден откуп на енергијата и 24-часовен мониторинг и одржување на електраната.
ПР
Економија
Некои од горивата од ноќеска поевтинуваат
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,52 % во однос на одлуката од 2.9.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 5,683%, кај дизелот за 1,869%, кај екстра лесното масло за 2,561% и кај мазутот има намалување за 3,570%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,6747%.
Од 7.9.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 44,780 (денари/килограм)
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат
Економија
Благ пад на светските цени на храната во споредба со јули
Светските цени на храната благо паднаа во август во споредба со јули, објави денеска Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Светскиот индекс на цените на храната за август изнесува 120,7 поени, што е нешто помалку од 121 во јули, соопшти ФАО. Ова резултира со пад на индексот на цените на месото, шеќерот и житото, а во исто време е забележан и раст на растителните масла и млечните производи. Вредноста на индексот на цените на месото во август изнесува 119,5 поени, што е 0,7 отсто помалку од јули, а пад е забележан и кај живината, свинското и овчото месо.
Како што е наведено, индексот на цените на шеќерот падна 4,7 отсто, на 113,9 поени во август, пред сѐ, поради подобрувањето на производствените изгледи за сезоната 2024/2025 на Тајланд и во Индија по врнежите што се значајни за културите на шеќерна трска. Вредноста на индексот на цените на житото беше на ниво од 110,1 поен, 0,5 отсто помалку од јули, откако неколку месеци по ред цените на пченицата паѓаат поради слабата побарувачка и силната конкуренција меѓу извозниците, пренесува „Танјуг“.
Растителните масла поскапеа и индексот на цените на овие производи месечно се зголеми 0,8 отсто, на 136 поени, особено поради повисоките цени на палминото масло, кои растат веќе три месеци по ред. Најмногу поскапува просечната цена на млечните производи, 2,2 отсто месечно, на 130,6 поени. Во август е забележан значителен пораст на цените на путерот, како и на обезмасленото млеко, сирењето и другите производи.