Економија
МЗШВ: Огласот за набавка на домашната пченица ќе трае до 15 август

До 15 август е отворен јавниот оглас на Агенцијата за стокови резерви за набавка на домашна меркантилна за потребите на стоковите резерви, што беше објавен пред два дена.
Со огласот е предвидено откуп на вкупно 13 000 тони домашна пченица, а конкретно распишани се 10 лота по 100 тони и 3 лота по 4 000 тони пченица. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека по завршувањето на јавниот оглас, мелничарите ќе можат да ја понудат откупената пченица од домашните производители на Агенцијата за стокови резерви.
„Оваа мерка којашто произлезе како предлог од досегашните одржани состаноци пред почетокот на жетвата со земјоделците и мелничарите, ќе придонесе за зголемување на откупот на домашна пченица, како и за постигнување повисока откупна цена“, соопшти МЗШВ.
Паралелно, Министерството ги разгледува опциите за можни интервентни измени на Програмата за директни плаќања 2018, во скалестиот начин на субвенции за полјоделските култури, а пред сè за пченицата.
„Жетвата на пченицата почна деновиве, екипите од МЗШВ ги следат приносите и квалитетот, врз основа на што деновиве ќе биде објавена производната цена на годинешната пченица. МЗШВ ќе ја исполни оваа обрска не само за пченицата туку и за другите земјоделски култури“, информира Министерството и додава дека откупната цена на јачменот достигна 9 денари за килограм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Цената на горивата не се менува, се намалува само цената на мазутот

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,40% во однос на одлуката од 4.07.2022 година. Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,40% во однос на одлуката од 4.7.2022 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,501%, кај дизелот за 1,699%, кај екстра лесното масло за 2,028% и кај мазутот за 2,898%.
Малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98, како и на еуродизел (Д-Е V) и на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 1,078 ден/кг и ќе изнесува 52,649 ден/кг.
Од 7.7.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин еуросупер БС – 95 108,50 (денари/литар)
Моторен бензин еуросупер БС – 98 110,50 (денари/литар)
Дизел гориво еуродизел БС (Д-Е V) 103,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 102,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 2,649 (денари/килограм)
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,412%.
Економија
Туристичко-угостителската комора подготвена да обезбеди 5.000 работници за спас на секторот

Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори во соработка со организациите од Турција може да обезбеди 5.000 квалификувани работници кои веднаш ќе почнат да работат во домашните капацитети доколку надлежните институции овозможат нивно вработување под условите кои важат и за македонските државјани.
Поради одливот на кадар во европските држави, секторот се соочува со сериозен недостиг на квалификувана работна сила што е закана за опстојувањето на голем број деловни субјекти.
„Во комуникација со секторските здруженија и организации од Турција најдовме решение за надминување на сериозниот проблем со кој се соочува туристичко-угостителскиот сектор, недостигот на квалификувана работна сила како келнери, рецепционери, собарки, готвачи и имаме зелено светло веднаш да донесеме 5.000 работници, за кои нашите плати се прифатливи. Но за да може тоа да се операционализира неопходно е да се поедностават процедурите за регулирање на вработувањето на овие лица бидејќи во нашата држава постои прилично сложена процедура за засновање работен однос со странски државјани. Сметаме дека доколку овие лица може да се вработат под истите услови како и нашите државјани значително ќе го ублажиме сериозниот кадровски проблем со кој се соочуваме“, истакна претседателот на ТУК, Аркан Керим.
На прес-конференцијата се презентираше и втора клучна активност на Комората која треба да овозможи намалување на негативните ефекти предизвикани од мултиплицирачката криза врз овој сектор преку обезбедување финансиска поддршка од ЕУ неповратни фондови за поставување соларни панели и користење на други алтернативни извори на електрична енергија.
Покрај претседателот, активностите на комората ќе ги координираат и четворица секторски потпретседатели Наташа Церековиќ, потпретседател за сектор Угостителство, Васија Трпеновска, потпретседател за сектор Транспорт на патници, Евалд Коениг, потпретседател за сектор Туристички агенции и Гурсел Карадениз, потпретседател за сектор Хотели. Во наредниот период ќе бидат избрани и регионални претставници на Комората, со цел да се обезбеди соодветно застапување на сите деловни субјекти на територијата на нашата држава.
Економија
Рама: Блиску сме до откривање гас и нафта во Албанија

Албанскиот премиер Еди Рама денеска изјави дека компанијата „Шел“ е многу блиску до важно откритие за гас и нафта во Албанија, што во голема мера ќе влијае не само на иднината на земјата туку и на енергетската иднина на Европа.
„Полни сме со надеж дека набргу ќе можеме да ја известиме јавноста во нашата земја и во регионот, но и надвор од него, за едно многу важно откритие на кое работи ‘Шел’ во нашата земја. Тие одбиваат да зборуваат за тоа, но има знаци дека сме блиску до многу важно откритие за гас и нафта“, рече Рама за време на неговата посета на Холандија.
Рама денеска разговараше со претставници на холандски компании, кои работат во Албанија, и други инвеститори заинтересирани за проширување на активностите, јави албанската новинска агенција АТА.
Во мај 2019 година „Шел“ објави дека истражувањата во близина на градот Берат, во централна Албанија, ја потврдиле можноста за значително откривање нафта.