Економија
МЗШВ со повик: Откупувачите на сончоглед да достават податоци за извршениот откуп
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ги информираат откупувачите на сончоглед, кои имаат регистриран капацитет за откуп на сончоглед и извршиле откуп на сончоглед во период од 15 август до 30 ноември 2023 година, дека потребно е најдоцна до 15 март 2024 година, до АФПЗРР да достават податоци за извршениот откуп.
Согласно Програмата за спроведување на интервентен фонд за земјоделството за 2024 година, корисници по подмерката 1.1. „Финансиска поддршка за сончоглед предаден во регистриран капацитет за откуп директно или преку еден откупувач“, се членови или носители на земјоделски стопанства, кои во производната 2023 година имаат засеани површини со сончоглед и се корисници на подмерката 1.1. од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2023 година, а оствареното производство да е предадено во период од 15 август до 30 ноември 2023 година, во регистрирани капацитети за откуп директно, или преку еден откупувач.
Максималната количина на сончоглед која е прифатлива за финансиската поддршка е 2.500 килограми по пријавен хектар сончоглед по подмерката 1.1. „Директни плаќања по обработлива земјоделска површина за сите поледелски култури, лековити, ароматични и зачински растенија, освен тутун“ од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2023 година. Висината на финансиската поддршка изнесува 5 денари по килограм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Одржана редовна седница на извршниот одбор за монетарната политика: Основната каматна стапка се намалува 0,25 процентни поени – задржан внимателниот карактер на монетарната политика
На 17 септември 2024 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата беше оценето дека најновите услови во економијата овозможуваат да се почне со постепено претпазливо нормализирање на поставеноста на монетарната политика. Следствено, беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,25 п.п., на нивото од 6,05%. Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се непроменети, на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари.
Со ваквите промени се задржува внимателноста во монетарната политика имајќи ги предвид ризиците поврзани со надворешното окружување што сè уште постојат, но и со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка. И натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки, вклучувајќи го и постепеното зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките (1% со примена од јули 2024 година), ќе придонесат за ценовна стабилност на среден рок и за задржување на стабилноста на девизниот курс. Воедно, промените во инструментот задолжителна резерва коишто се применуваат од јули 2024 година, придонесуваат за дополнителна поддршка на поставеноста на монетарната политика.
Одлуката за монетарната политиката е заснована на оцените за инфлацијата, којашто се движи во рамките на очекувањата, како и на постојаните поволни движења на девизниот пазар. Годишната стапка на инфлација во август позначително забави и изнесува 2,2%, при поволни движења кај сите три главни компоненти, односно пад на цените кај прехранбената и енергетската компонента и забавен раст на базичната инфлација. Со оглед на споредбената основа од 2023 година (мерки за привремено ограничување на растот на цените), до крајот на годината е можна определена променливост во стапката на инфлација, но во просек за целата 2024 година се очекува дека ќе биде во рамките на проектираната од 3,5%, според априлскиот циклус проекции. Во анкетите на ЕК за очекувањата на потрошувачите, веќе пет месеци по ред преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период. Во однос на берзанските цени на примарните производи, најновите прогнози се ревидирани надолу, во согласност со зголемената понуда и намалената побарувачка, што е поврзано со послабите изгледи за раст.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на август изнесува 4.469,8 милиони евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во согласност со поволните движења на девизниот пазар, Народната банка од почетокот на годината интервенира со нето-откуп на девизи, што придонесе и за подобри остварувања кај девизните резерви од очекувањата. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во јули 2024 година е во согласност со очекувањата од априлскиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со крајот на август се малку повисоки од проектираните нето-приливи од приватните трансфери. Остварениот дефицит во тековната сметка на билансот на плаќања во вториот квартал од 2024 година е понизок од очекувањата според априлската проекција, при истовремено повисоки остварени нето финансиски приливи.
Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), како фактор којшто Народната банка исто така го има предвид, на последната седница во септември по вторпат оваа година беше донесена одлука за намалување на каматната стапка за 0,25 п.п.
Економскиот раст во вториот квартал на 2024 година забрза и е речиси идентичен со проекциите на Народната банка. Реалниот раст на домашната економија изнесува 2,3% на годишна основа (1,2% во претходниот квартал), при натамошен раст и на квартална основа. Така во првата половина од годината е остварен раст од 1,8%, што е блиску до нашата проекција од 1,9%. Високофреквентните податоци за третиот квартал од 2024 година со кои се располага во моментов се ограничени. Засега, податоците за јули покажуваат реален годишен раст на прометот во вкупната трговија и на индустриското производство, наспроти нивниот пад во претходниот квартал. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.
Во монетарниот сектор, депозитниот потенцијал на банките е солиден и засега со изгледи за подобри остварувања од очекуваните за третиот квартал. Слични се остварувањата и кај кредитниот раст, којшто се одржува малку над проектираниот.
Општо земено, најновите остварувања кај клучните макроекономски показатели, како и согледувањата во однос на нивната идна патека, создадоа можност за намалување на основната каматна стапка. Сепак, Народната банка го задржува внимателниот пристап при натамошните одлуки за монетарната политика. Ризиците поврзани со надворешното окружување треба и натаму да се следат, пред сè цените на примарните производи, коишто сè уште се под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските промени, а треба да се внимава и на ризиците од домашните фактори коишто може да влијаат врз побарувачката и цените во следниот период, вклучително и политиката на платите. Оттаму водењето внимателни макроекономски политики ќе биде нашиот приоритет и во иднина. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност на среден рок.
Економија
Пратениците го одобрија унгарскиот заем од половина милијарда евра
Со 65 гласа „за“ и 15 против, пратениците во Собранието го одобрија заемот од половина милијарда евра од унграската влада.
250 милиони евра, половина од средствата од овој заем ќе се користат за развој на општините, а другите ќе ги користат стопанствата во форма на кредити. Рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години, каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Македонија ќе треба да исплати и провизија од 70 илјади евра за правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт-импорт банка.
Додека за мнозинството нема ништо спорно кај законот, туку напротив, ќе помогне во развојот на општините и економијата, опозицијата обвинува дека парите не се од Унгарија, туку од Кина и дека земјата станува политички заложник.
Пратеникот Фатмир Битиќи и ексвицепремиер за економски прашања од СДСМ изјави дека кинеските пари ќе ја нарушат макроекономската стабилност и ќе има негативно политички влијание за државата, која ќе стане заложник на Унгарија. Рече и дека има скриени трошоџи, чијшто износ не го пишува во договорот.
„Ова задолжување е без контрола, идните генерации ќе ги плаќаат кредитите и другите последици, Ова не е патот по кој сакаме да одиме ова задолжување ја загрозува макроекономската стабилност“, рече Битиќи.
Македонија ќе треба да исплати и провизија од 70 илјади евра за правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт-импорт банка.
Економија
ЕСМ: Лошата кондиција на производните капацитети е причина за набавка на електрична енергија
„ЕСМ Продажба“ овој период објави отворен повик за рамковен договор за купопродажба на електрична енергија на слободниот пазар поради затекната состојба во која се наоѓаат постојните домашни капацитети во државна сопственост, објавија од компанијата.
„Новото раководство се соочува со ненавремено завршени летни ремонтни активности во РЕК ‘Битола’ и РЕК ‘Осломеј’ и ниската кота на хидропотенцијалите, чии акумулации се под просекот за овој период од годината поради лошото менаџирање на хидроресурсите во изминатите неколку месеци. Набавката на електрична енергија ќе му овозможи на ЕСМ АД да ги реализира плановите за подобрување на затекнатата состојба рудниците и хидроакумулациите, како и потребни сервисни активности на постројките, со што ќе се овозможи континуирано производство на електрична енергија во наредниот период, особено во претстојната грејна сезона“, се наведува во информацијата.