Економија
Митрески: Сите пратеници да ги поддржат антикризните мерки на Владата

Во ваква сериозна состојба во светот и кај нас, наметната од она што се случува во Украина и претходно со енергетската криза, сите заедно треба да размислуваме кои се последиците од одлуките што ние ги носиме заедно, истакна од собраниската говорница пратеникот на СДСМ, Јован Митрески.
Тој рече дека денес на дневен ред се две точки – измени во Законот за ДДВ и во Законот за акцизите, кои се дел од пакетот од 26 мерки што Владата ги донесе заедно со коморите, заедно со синдикатите и потрошувачите, заедно бидејќи сите ги чувствуваат последниците од оваа наметната, европска, економска криза и повика Собранието да влезе во процедура на носење на овие закони и да продолжат сите други мерки.
Мислам дека ова не е период во државата кога треба да размислуваме кој ќе добие некакви политички поени, туку според тоа што се случува во целиот период должни сме како пратеници да излеземе во пресрет на оваа ситуација, истакна Митрески.
Тој додаде дека може на решенијата да се гледа поинаку, но тие ќе им помогнат на граѓаните бидејќи на крајот на денот пратениците се избрани од граѓаните да ги решаваат проблемите, особено во ваква тешка економска светски наметната криза.
Да ги најдеме заедничките мерки, кои најдобро, со сите расположливи средства што стојат на располагање, ќе им помогнат на граѓаните, на фирмите, за сите заедно да излеземе од кризата, порача пратеникот на СДСМ, Јован Митрески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Владата го утврди ребалансот на буџетот: „Кратење на непродуктивните трошоци за заштита на стандардот на граѓаните“

Владата на денешната 47. седница го усвои предлогот за изменување и дополнување на буџетот за 2022 година.
„Предлогот за ребаланс на буџетот за 2022 година е насочен кон повеќе цели, како што се ревидирање на иницијалните фискални проекции во согласност со променетиот макроекономски контекст во првата половина на 2022 година, инкорпорирање на фискалниот одговор на кризата, реструктурирање на буџетските расходи, зачувување на фискалната одржливост и оптимизирање на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит“, се наведува во владиното соопштение.
Во него се додава дека со предложените измени и дополнувања, со кратења на непродуктивните трошоци во име на солидаризирање со последиците од актуелната криза, ќе се овозможи поголема заштита на животниот стандард на граѓаните, особено ранливите категории, финансиска поддршка на ликвидноста на компаниите и оптимизирање на трошоците на позајмување, поддршка на монетарната политика и создавање поповолни услови за остварување на проектираните стапки на економски раст на краток и среден рок.
„Предлогот за ребалансот е донесен и врз основа на позитивните ефекти од антикризните мерки за справување со енергетската и ценовната криза, кои создаваат основа за забрзување на економскиот раст во наредниот период при очекувано постепено стабилизирање на глобалните синџири на снабдување и поповолен амбиент за инвестирање“, стои во соопштението.
За деталите од предложениот ребаланс, Министерството за финансии ќе извести на прес-конференција, која е предвидено да се одржи во текот на утрешниот ден.
Економија
ЕУ воведува контрола врз резервите жито, земјите ќе мора да испраќаат месечни извештаи

Европската комисија ќе ги следи резервите жито, маслодајни семиња и ориз во Европската Унија како дел од новиот систем за известување.
Земјите членки на ЕУ ќе мора да поднесуваат месечни извештаи до извршната власт на ЕУ за нивото на резервите што ги чуваат производителите и трговците на големо во услови на високи притисоци од цената на суровините на светските пазари.
Според предлозите на Комисијата, земјоделците од ЕУ што се борат со повисоки трошоци за ѓубрива, добиточна храна и гориво поради војната во Украина би можеле да добијат и директна поддршка од земјите членки.
Земјоделците би можеле да добијат до 15.000 евра, а поврзаните мали бизниси би можеле да добијат и до 100.000 евра директно од фондовите на ЕУ за рурален развој.
Економија
Влада: Реализиравме клучно ветување – просечната месечна нето-плата 31.080 денари

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во март 2022 година, изнесува 31.080 денари, согласно податоците на Државниот завод за статистика. Ова значи и реализација на клучно ветување за просечна месечна нето-плата од 30.000, што веќе евидентирано ја надминува поставената цел. Во однос на март 2021 година, истата е зголемена за 10,1 отсто или за 2.863 денари.
Согласно статистика, ваквото зголемување се должи, пред сè на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (21.4 %), Уметност, забава и рекреација (20.2 %) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (19.5 %).
Податоците на Државниот завод за статистика го потврдија трендот на раст на платите кој е резултат на економските мерки и политики што ги спроведува Владата. Доколку последниот податок го споредиме со март 2017 година кога просечната плата била 22.445 денари, разликата е 8.635 денари.
Владата и во услови на најголема светска криза, продолжува со засилена динамика, да носи мерки во интерес на граѓаните. Минималната плата е зголемена на 18.000 денари, пензиите доживеаја историски највисок раст, а невработеноста е исто така на историски најниско ниво. Владата со сите засегнати страни низ дијалог, креира методологии со кои платите и пензиите, ќе продолжат континуирано да растат.