Економија
Мицкоски: Исплатени се околу 50 милиони денари на оризопроизводителите
Јас нема да ги коментирам нападите на опозицијата. Мислам дека или не се информирани, или ја грешат темата. Веќе е исплатена онаа интервентна исплата до оризопроизводителите од околу 50-тина милиони денари изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека се обезбедени и околу 135 милиони денари за обнова на системите за наводнување за овој регион.
„Оризот стана стратешка култура и ќе биде дел од стоковите резерви. Така што тоа што ние го направивме за неколку месеци, тие седум години не ни помислија да го прават за земјоделците, а најмалку за оризопроизводителите. Се сеќавате на министерот за земјоделие, кога им ветуваше, посебно на оризопроизводителите, за жал не само што не го испорача, туку дополнително ги уништи“, одговори на новинарско прашање Мицкоски, за забелешките од СДСМ, дека не се помага на оризопроизводителите.
Премиерот рече дека Владата се бори за земјоделците и во таа насока ќе продолжи да работи.
„Денеска каде и да одите, дали во Тиквешијата, дали ќе одите во Пелагонија кај тутунарите, дали во струмичко кај раноградинарските производи и зелката, ќе видите дека имаме историски цени и историска наплата. Зошто? Затоа што оваа Влада се бори за земјоделците, а не е ортак со откупувачите. И така и ќе продолжиме“, објасни Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Билатерална средба на македонската и хрватската Царина: „Ќе оставиме видлив белег во реформите за забрзана ЕУ интеграција“
Постигнатиот напредок во спроведување на реформите во областа на Царинската унија, борбата со организираниот криминал, регионалната соработка и зголемување на економскиот раст, ја покажува нашата силна посветеност во процесот на забрзана интеграција во ЕУ и Република Хрватска цврсто нѐ поддржува во евроинтегративните процеси. Започнува нов циклус на соработка, при што Царинската управа на Република Хрватска на експертско ниво ќе ги пренесе своите искуства. Ова е заклучокот од денешната билатерална средба на високо ниво остварена помеѓу директорот на Царинска управа, Бобан Николовски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со директорот на Царинска управа на Република Хрватска Марио Демировиќ.
Директорот на Царинска управа на Хрватска Марио Демировиќ нагласи дека Македонија е дел од геосемејството на Хрватска со која таа дели цврста емотивна врска.
„Отпочнуваме нов циклус на соработка, при што нашата интенција е да оставиме видлив белег позади себе. Покрај нашите искуства во примена на најдобрите практики во реформските процеси во областа на Царинската унија која е основата во евроинтегративните процеси, ќе понудиме и поддршка на македонското стопанство“, вели Демировиќ.
На билатералната средба директорот Николовски истакна дека на Хрватска гледаме како на значаен партнер и нивните искуства сe од исклучително значење во ефективна примена на новиот Царински закон на кој работиме во моментов, имплементацијата на систем за следење на тутунски добра, размена на податоци со УЈП како суштински за сузбивање на сивата економија како и за зајакнување на оперативните механизми.
„Нотираниот напредок во спроведување на реформите, зголемената наплата на приходи која годинава заклучно со април бележи зголемување од 26,5 милиони евра во однос на лани, зголемениот број на поднесени кривични пријави – заклучно со април се поднесени 69 кривични против 257 физички и 77 правни лица, се јасен доказ за нашата цврста посветеност во евроинтегративните процеси. Царинската управа е меѓу најдобрите топ реформатори коишто овозможуваат подобрување на условите за водење бизнис и зајакнување на конкурентноста на македонската економија“, истакна директорот Николовски, и додаде дека согласно договореното на последниот состанок одржан во Хрватска се очекува интензивирање на оперативната соработка.
Министерката Гордана Димитриеска-Кочоска потенцира дека денешната дискусија е од особено значење, особено во контекст на евроинтегративниот процес и потребата од понатамошна модернизација и усогласување на царинските системи со европските стандарди.
„Министерството за финансии останува силно посветено на поддршката на реформите што значат поефикасни институции, поголема транспарентност и унапредување на системите кои придонесуваат за подобра наплата на приходите и посигурно економско окружување. Во таа насока, особено ја цениме подготвеноста на Република Хрватска за споделување искуства и добри практики, имајќи го предвид нејзиното значајно искуство во процесот на интеграција во Европската Унија и имплементацијата на европските стандарди во царинското работење“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Економија
ТАВ Македонија: Рекорден 32,4% пораст на бројот на патници во првите 4 месеци – опслужени 1,2 милиони лица
Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, управувани од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на групацијата ADP, ги завршија првите 4 месеци од 2026 година, со силен, рекорден пораст на бројот на патници од 32,4%, опслужувајќи вкупно 1,2 милиони патници (1.202.828), информираат од таму.
Во истиот период, јануари-април, двата македонски аеродрома, според соопштеното, опслужиле вкупно 8.123 летови, што е, годишно зголемување од 10,7%.
„ТАВ Македонија продолжува да бележи рекордно двоцифрено зголемување на патничкиот сообраќај. Во првите четири месеци од оваа година опслуживме вкупно 1,2 милиони патници на двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, што е висок пораст од рекордни 32,4% и ќе нè рангира меѓу најбрзо растечките аеродроми во Европа и во светот. Меѓународниот Совет на Аеродроми-Европа (Airports Council International-Europe) веќе нè рангираше меѓу најбрзо растечките аеродроми како земја која не е членка на ЕУ врз основа на јануарските бројки за авиосообраќај. Среќни сме што силниот, рекорден пораст продолжува, и покрај глобалните геополитички предизвици и енергетската криза. Ова не е случајност, туку директен резултат на нашата силна посветеност и континуирани напори, заедно со Владата, за проширување на мрежата на авиолинии од двата македонски аеродрома. Оваа година, досега, отворивме 5 нови дестинации, додека во наредниот период ќе отвориме дополнителни 7 нови дестинации, од двата аеродрома, со што годинава ќе имаме вкупно 12 нови дестинации. Со ова, очекуваме порастот на патници да продолжи до крајот на годината, создавајќи силна основа за стабилен пораст во наредните години“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Како што нагласи тој, покрај проширувањето на мрежата на авиолинии и порастот на воздушниот сообраќај, ТАВ Македонија ќе остане фокусирана на подобрување на квалитетот на услугите на аеродромот, обезбедувајќи одлично искуство за клиентите – и за авиокомпаниите и за патниците.
Во рамките на летниот распоред на летaње, кој почна на крајот на март и завршува на крајот на октомври, 15 авиокомпании летаат до 54 дестинации од скопскиот аеродром, вклучувајќи ги редовните летови преку целата година и сезонските летови, додека во исто време 7 авиокомпании летаат до 24 чартер дестинации, што значи вкупно 78 дестинации од аеродромот во македонскиот главен град.
По отворањето на новите авиолинии до Будимпешта и Неапол од скопскиот аеродром, во јуни и јули ќе почнат летови до Трабзон (чартер), Самсун (чартер), како и до Палермо и до Алгеро.
Од охридскиот аеродром, со летниот распоред на летање, 8 авиокомпании летаат до 17 дестинации, од кои 14 се редовни дестинации преку целата година и сезонски дестинации, додека три се чартер-летови.
По отпочнувањето на новите летови од Охрид до Братислава, Милано и Штутгарт, во јуни ќе се отворат и новите линии до Вроцлав и Катовице, а од 21 јуни, Аустриан ерлајнс има најавено дека ќе почне да лета од Охрид до Виена.
Економија
Намалување на цените на горивата во Македонија, дизелот поевтинува најмногу
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати се намалуваат во просек за 1,78% во однос на претходната одлука од 4.5.2026 година.
Според пресметките, на светскиот пазар има намалување на референтните цени кај повеќето деривати: бензините за 0,444%, дизелот за 6,073%, екстра лесното масло за 6,495%, додека кај мазутот има зголемување од 0,791%. Курсот на денарот во однос на доларот бележи пад од 0,1199%.
Од 12.5.2026 година од 00:01 часот, новите максимални цени ќе бидат:
ЕУРОСУПЕР БС-95: 85,00 денари/литар (без промена)
ЕУРОСУПЕР БС-98: 86,50 денари/литар (намалување за 0,50 ден/л)
ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 89,50 денари/литар (намалување за 4,00 ден/л)
Екстра лесно масло ЕЛ-1: 94,00 денари/литар (намалување за 4,50 ден/л)
Мазут М-1 НС: 49,968 денари/кг (зголемување за 0,248 ден/кг)
РКЕ посочува дека најголемо намалување има кај дизелот и екстра лесното масло, додека бензините бележат минимални промени или остануваат стабилни.
