Економија
Мицкоски најави три нови странски инвестиции
Повеќе од 1.500 до 1.600 нови вработувања се во процес, четири нови инвестиции во изминатите два и пол месеца веќе се објавени, проширување на една постојна, две сосема нови и една во енергетиката, со што ќе бидеме чекор напред кон реализирање комплетна енергетска сувереност како држава, изјави претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали има најава за нова инвестиција.
Тој рече дека во периодот што следува се работи на три нови инвестиции, од кои две се веќе постојни и една огромна во вредност од 150 милиони евра со земја што е членка на Европската Унија.
„Во периодот што следува работиме на три нови такви инвестиции. Две се веќе на постојни инвестиции, кои веќе работат кај нас, кои ќе направат проширување на своето производно портфолио и очекувам веќе во ноември полека, но сигурно да ги објавуваме овие позитивни вести за граѓаните, и една огромна инвестиција во вредност од 150 милиони евра, таа е во последна фаза и со една голема европска земја, која е членка на Европската Унија“, додаде премиерот Мицкоски.
Според него, доколку тоа се случи, навистина ќе биде голем чекор напред и за нас како држава и за нас како Влада.
„Се натпреваруваме за оваа инвестиција, дневно комуницираме со потенцијалните инвеститори и доколку тоа се случи, навистина ќе биде голем чекор напред и за нас како држава и за нас како Влада“, истакна претседателот на Владата Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Меморандум за соработка во полето на гасниот сектор помеѓу Македонија и Србија: ќе се испитува можноста за развој на нова директна врска меѓу двата системи за гас
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија склучи Меморандум за соработка во полето на гасниот сектор со Министерството за рударство и енергетика на Република Србија, во просториите на Владата.
Гасниот интерконектор Северна Македонија – Србија е означен како Водечки проект за енергетиски мрежи во рамки на ЕУСАИР (EU Strategy for the Adriatic and Ionian Region) со што ќе се обезбеди сигурност во снабдувањето за регионот на Југоисточна Европа и ЕУ по пат на имплементација на проектите од Јужниот гасен коридор на ЕУ и Трансбалканскиот гасен прстен, преку диверзификација на рутите и изворите за снабдување со гас.
Со меморандумот се предвидува испитување на можноста за развој на нова директна врска меѓу двата системи за гас. Во рок од 9 месеци ќе се изработи Физибилити студија и Студија за оценка на влијание на проектот врз животната и социјалната средина за новата гасна интерконекција помеѓу државите.
Врз основа на резултатите од техничките и пазарни истражување и земајќи ја во предвид постојната инфраструктура за пренос на гас кај двете страни, Страните ќе ги анализираат и ќе превземат соодветни одлуки за реализација на проектот и координирање на понатамошни дејствија.
Економија
Зголемување на цената на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,81% во однос на одлуката од 30.9.2024 година.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,108 ден/кг и сега ќе изнесува 42,780 ден/кг.
Економија
Претседателката на ММФ: Живееме во свет на бавен економски раст и високи долгови
Меѓународниот монетарен фонд може да им помогне на земјите да се приспособат на бавниот економски раст и високиот долг бидејќи ова е светот во кој моментно живееме, изјави денеска претседателката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, на конференцијата за одржливост во Хамбург.
Според неа, тоа значи дека реформите што придонесуваат за раст, подобрување на инвестициската клима и напредок на пазарот на трудот треба безмилосно да се одложат.
„Меѓународниот монетарен фонд може да им помогне на своите членки да ги спроведат неопходните реформи, со што овие земји ќе имаат потенцијал да го зголемат растот на БДП во текот на четири години за осум отсто“, додаде Георгиева, пренесува „Танјуг“.
Конференцијата беше отворена со говорот на германскиот канцелар, Олаф Шолц.