Економија
Мицкоски: Паричниците на народот се се потенки, Македонија е последна во Европа по економски раст

Јас ценам дека чувството кај граѓаните е тоа кое што е меродавно. А, чувството кај граѓаните е дека инфлацијата е прилично висока, односно дека паричникот е се потенок и дека ако порано едвај крај со крај врзувале од први до први, сега, мислам дека, до кај 20 не можат граѓаните да дојдат пристојно, нормално и мораат да се откажуваат и од елементарните работи кои што се неопходни да се помине месецот, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес конференција.
Додаде дека, нормално е дека власта ќе се обидува да прикаже пониска инфлација бидејќи тие одамна заборавиле да се фатат за паричникот, некој друг го полни неговиот паричник, граѓаните ги полнат резервоарите на службените возила, некој друг го плаќа нивниот живот и животот на тие околу нив. Нормално е да се отсутни, нормално е да немаат чувство за вистинската состојба кај граѓаните.
Мицкоски искажа загриженост од два економски параметри кои влијаат врз економијата и се поголемото осиромашување на македонските граѓани, како што се балансот меѓу извозот и увозот, кој годинава изнесува на историско ниско ниво од 66%.
„Но, мене ме загрижуваат два параметри кои што овој период излегоа во јавноста. Првиот е увоз-извоз балансот, односно покриеноста на извозот и увозот. Тука ние сме веќе на стапка која што последните седум години не ни се случила, односно под 66 проценти. Ако некогаш таа покриеност беше 75, 77, 78 проценти и тоа не така одамна, сега веќе сме на 66%, што значи дека дефицитот во размената со странство се продлабочува. Тоа е уште еден параметар кој што влијае врз сиромаштијата на граѓаните, односно ги осиромашува граѓаните и затоа велат имаме ликвидност во буџетот, затоа што на зголемениот увоз, вие граѓаните плаќате повеќе данок, плаќате повеќе акциза за да можат да бидат задоволени потребите на владата, односно да можат тие, неколку мина, да уживаат на ваша сметка“, рече Мицкоски.
Вториот економски параметар, кој што предизвикува загриженост кај претседателот Мицкоски е, растот на БДП, кој што првиот квартал минатата година изнесуваше 2,4 што ја прави Македонија убедливо последна земја во регионот, при што сите останати имаа многу подобри бројки на раст на БДП како соседните Србија и Бугарија со над четири, Хрватска седум, Словенија и Унгарија по осум проценти раст на нивните економии.
„Вториот параметар кој што, исто така, ме загрижува е растот Бруто домашниот производ во првиот квартал 2021 година, со што Македонија е убедливо последна. Грција има седум, да речеме, проценти, Србија и Бугарија се повеќе од четири, Унгарија е осум, Словенија исто осум, Хрватска седум и така натаму, фантастични параметри. А, ние имаше само 2,4, убедливо сме последни и нормално, власта на СДСМ и ДУИ ќе ви рече ние ќе си седиме до 2024 година. Затоа народ им треба, народ треба да им се случи за да не останат до 2024“, истакна Мицкоски.
Сумирајќи ги сите економски параметри, Мицкоски истакна дека во Македонија тешко се живее, инфлацијата руши рекорди, а власта дефокусира со разни инсценирани случаи, токму затоа народот на де се обедини и на 18 јуни да им каже дека оваа Влада треба да си замине и да одговара за сите злодела кои што ги направиле изминатите пет години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Бислимоски: Ако не се постави цевководот на мостот „Беласица“, ќе имаме ценовно цунами со парното греење во Скопје

Скопјани ќе плаќаат повисока цена за парно греење ако не се стави цевковод на опожарениот мост „Беласица“.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, објасни дека преку цевководот ја транспортира енергијата од ТЕ-ТО по многу пониска цена од топланите Исток и Запад.
Беслимовски е дециден: доколку не добие цврсто уверување дека ќе се врати цевководот на мостот „Беласица“, ќе имаме проблем со произведената количина топлинска енергија од ТЕ-ТО, која е трипати пониска отколку цената на топланите.
Вкупниот трошок во крајната цена што го плаќаат граѓаните од Скопје е 52 процента од топланите, а трошокот за ТЕ-ТО е 36 отсто. Беслимовски вели дека 60 отсто од топлинската енергија за Скопје се обезбедува од ТЕ-ТО, а 40 проценти од топланите во Скопје.
„Ако не се постави овој цевковод, тогаш би ни се случило ценовно цунами. Од тие причини, додека не добиеме цврсто уверување дека ќе се постави цевководот, нема да донесеме одлука за цената. Доста беше поради нечии препирки, тоа да оди на грбот на граѓаните“, рече Бислимовски.
Тој уверува дека нема да дозволат да дојде до ценовни шокови. Рече дека 30 проценти од сметката за топлинска енергија е субвенционирана, а новата цена ќе зависи и од тоа дали повторно ќе има владина помош.
Економија
Битиќи во Њу Џерси: Државната поддршка за инвестиции е потпора и за пазарните успеси на македонските компании во САД

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, заедно со претседателот Стево Пендаровски, во рамките на работната посета на САД, по повод учество на Генералното собрание на ОН, ја посети компанијата „Фаст пак трејдинг“, во сопственост на Иванчо Ивановски, основана пред 30 години, а која врши дистрибуција на над 1.000 македонски производи во сите сојузни држави на САД.
При обиколката на дистрибутивниот центар на компанијата во Њу Џерси, Битиќи ја истакна заложбата на Владата за негување и развивање на контактите со дијаспората, особено во насока на унапредување на економските врски и создавање стимулативни услови, кои мотивирачки би влијаеле Северна Македонија да ја препознаат како реална можност за развивање на нивниот бизнис.
„Задоволство е да се види како успесите што се остваруваат на американскиот пазар од над 300 милиони потрошувачи во целост се засноваат на потенцијалите на стопанството во Северна Македонија. Уште повеќе радува фактот дека пазарниот успех е споделен со компании од Северна Македонија, чии производи, благодарение на претприемачките способности на Ивановски, завршуваат на пазарот во САД. Ова зборува дека во нашето стопанство имаме компетитивни компании способни да испорачаат конкурентни производи и во најсилната економија во светот“, рече Битиќи.
Економија
Нагло поевтинија становите и куќите во Германија

Цените на станбените недвижности во Германија нагло паднаа во вториот квартал, покажаа податоците на Заводот за статистика, како одраз на влијанието на високите каматни стапки врз побарувачката.
Цените на недвижностите паднаа во периодот од април до јуни за 9,9 отсто во споредба со истиот период минатата година, што е најмногу откако почнаа да се собираат податоци во 2000 година.
На тримесечно ниво се намалени 1,5 отсто. Во градовите како Берлин, Хамбург и Минхен становите биле поевтини 9,8 отсто од вториот квартал од минатата година, а семејните куќи 12,6 отсто. Поблаг пад на цените е забележан во ретко населените рурални средини, па становите поевтинија 7,0 отсто, а семејните куќи 8,1 отсто.
Цените на станбените недвижности во Германија паѓаат од крајот на минатата година.
Падот на цените го одразува слабеењето на побарувачката под притисок на високите каматни стапки, што го натера водечкиот германски инвеститор за недвижности „Воновија“ да ги одложи плановите за изградба на 60.000 стана.
Компанијата ги истакнува и високите трошоци за изградба, кои, според портпаролката, се зголемени од речиси три илјади евра за квадратен метар на околу приближно пет илјади евра за квадратен метар.