Економија
Мицкоски: Поскапување на струјата ќе има зошто владата ги краде граѓаните

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека поскапување на струјата ќе има, затоа што власта крадела.
„Не работат, туку крадат. Е затоа ќе има поскапување на струјата. И затоа реков дека тие капитулираа пред енергетската криза. Често ми го поставуваат тоа прашање, добро што требаше да направат. Многу едноставно, требаше да ги подготват акумулациите, да има доволно вода во акумулациите и плански да ги трошат. Требаше да ги подготват ископите во рудниците за да има откриен доволно јаглен пет години однапред. Или, пак, потенцијал за да се открие јаглен пет години однапред. Требаше да продолжат со модернизацијата, требаше да направат ремонт на производните постројки. И така подготвени тие производни постројки ќе произведуваа еве не мора како што сме правеле некогаш 6 и пол или 6.600, 6.700 терават часови електрична енергија. Еве 5 нека произведуваат. Тоа е за 80% повеќе од тоа што го произведува ЕСМ сега или поранешно ЕЛЕМ, а тоа е некаде околу 3 терават на час“ рече Мицкоски од Битола во рамките на активноста „Промените се случуваат, секогаш со народот“.
Тој додаде дека ако власта произведеше 5 терават на час, тогаш ќе имаше два милиони мегават часови повеќе.
„Замислете ако произведоа 5 терават на час, тоа е два милиони мегават часови. Ако на берзите цената сега е 250 евра, тоа се половина милијарда евра плус. Половина милијарда евра повеќе за граѓаните, половина милијарда евра повеќе за компаниите, и колку толку ќе им помогне во енергетската криза и немаше од буџетот сега да трансферираме средства за да ја спасиме ликвидноста на денешно ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ“, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде ако власта размислуваше за доброто на граѓаните и произведеше доволно електрична енергија, тогаш половина милијарда евра ќе останеа во буџетот и ќе имаше пари и за капитални проекти, за повисоки плати, за реформи.
„Но, за жал некој наместо да работи, краде. И затоа струјата ќе поскапи. Јас говорев уште од 2018 година дека до ова ќе дојде. Енергетиката не е купи ден, продај, и не служи за дневно политички цели. Во енергетиката се планира пет или десет година однапред“, заклучи Мицкоски.
Мицкоски укажа дека, за жал, власта наместо да мисли однапред во енергетиката, таа единствено ги брои багерите со регистарски таблички во еден град од југоисточна Македонија. И годината, за жал, наместо да трае 365 дена, таа трае 450-500 дена според доставените фактури.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Николовски на Г7: Светот во потрага по решение за глобалниот недостаток на храна

Земјоделството се соочува со застрашувачки предизвик за производство на повеќе храна за да се задоволат потребите за исхрана на растечката светска популација, а во исто време се справува и со климатските промени и постојаното заострување на ограничувањата на природните ресурси. Овој предизвик е уште покомплексен со фактот дека доколку безбедната храна не е достапна, несигурноста и неухранетоста ќе продолжат, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој на иницијатива на германската Влада во соработка со земјите членки на G7 (Група 7), денеска во Берлин учествуваше на министерска конференција.
Министерот Николовски во своето обраќање пред присутните даде свое видување на глобалната криза, предизвикана од воениот конфликт кој ја афектираше македонската економија, земјоделското производство, трговската размена и снабдувањето со храна.
„ Дополнително, доколку земјоделците и земјоделските работници не остварат пристојни приходи, сиромаштијата ќе расте, а земјоделството ќе пропадне. Можеме да ја забрзаме транзицијата кон поодржливи системи за храна преку раст на земјоделската продуктивност што ја оптимизира одржливоста на земјоделството низ социјалните, економските и еколошките димензии. Северна Македонија активно учествува во спроведувањето на политиките за трансформација на глобалните прехранбени системи за да се постигнат целите за одржлив развој поставени од земјите членки на Обединетите нации“ изјави Николовски.
На конференцијата присуствуваа државниот секретар на САД, Антони Блинкен, министри на земјите членки на групата Г 7, претставници на Групата на шампиони на Обединетите Нации (GCRG), еврокомесарот за кризен менаџмент, Јанез Ленерчиќ, еврокомесарот за земјоделство, Јануш Војчеховски, претседателот на Светска Банка, Дејвид Мелпас, министрите за земјоделство и економија од многу европски и азиски држави, како и лидери на истакнати меѓународни организации од јавниот и невладиниот сектор од областа на земјоделството и економијата.
Министерската конференција се одржа под мотото „Uniting for Global food security“ и имаше за цел преку отвoрена дискусија и размена на искуства да се стигне до заедничко глобално решение како да се обезбеди храна за сите, во услови на воена криза која се случува на европско тло и која директно ја загрози трговска размена и системите на снабдување со храна и енергенси во целиот свет.
Министерската конференција опфати размена на позитивни резултати од превземени мерки за справување со кризата, а Северна Македонија имаше позитивно искуство како единствена земја во регионот која воведе Интервентен фонд за поддршка на земјоделскиот сектор со што беше овозможено субвенционирана набавка на вештачко ѓубриво за пролетна и есенска прихрана на стратешките култури (пченица, јачмен, пченка и сончоглед), поддршка на секторот сточарство и млекопроизводство, како и поддршка за главните извозни производи (зеленчук, овошје и вино), се наведува во соопштенето од министерството.
Економија
ЕСМ му понуди 48 евра за мегават-час на „ЕВН хоум“ – 17 отсто повисока цена од актуелната

„ЕВН хоме“ како универзален снабдувач на електрична енергија на денешниот тендер за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на корисниците за периодот јули-декември 2022 добил само една понуда, од АД ЕСМ.
Од таму информираат дека АД ЕСМ како најповолен и единствен понудувач на тендерот преку електронскa аукциja му понудил на „ЕВН хоме“ купопродажна цена на електрична енергија од 48 евра за мегават-час за покривање 100 % од вкупно планираните количини.
„Добиената купопродажна цена 48 еврa за мегават-час за периодот јули-декември 2022 e 17 % повисока од претходната, која беше добиена на последниот тендер на универзалниот снабдувач (јануари-јуни 2022) кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена на електрична енергија од 41 евро за мегават-час за вкупните планирани потреби на ‘ЕВН хоме’ како универзален снабдувач“, се вели, меѓу другото, во соопштението од „ЕВН хоме“.
За цената на електричната енергија на „ЕВН хоме“ во наредниот период ќе одлучува Регулаторната комисија за енергетика.
Цената ќе зависи од повеќе влезни параметри: цената по која АД ЕСМ му ја продава електричната енергија на „ЕВН хоме“, цената на преносниот систем-оператор МЕПСО, цената на операторот на пазарот на електрична енергија МЕМО, како и цената на дистрибутивниот систем-оператор „Електродистрибуција“.
Економија
Во Велика Британија највисока инфлација во последните 40 години

Националната канцеларија за статистика на Обединетото Кралство со извештај ја прикажува инфлацијата во Британија, која е зголемена на 9,1 проценти на годишно ниво во мај 2022, што е највисоко ниво во изминатите 40 години.
Податоците покажуваат дека инфлацијата во голем степен е поради повисоките најнови цени на електричната енергија во земјата и зголемените трошоци за гориво во услови на растечка енергетска криза во Европа, резултат на санкциите воведени против Русија.
Индексот на потрошувачките цени во април има раст за девет проценти во однос на истиот месец минатата година, се наведува во извештајот.
Според најновите оценки на британската централна банка, есенва инфлацијата во земјата ќе порасне до 11 проценти.
Во март лондонскиот Центар за економски и деловни истражувања објави извештај, каде што се предупредува дека Обединетото Кралство се соочува со најголем пад на животниот стандард од педесеттите години на минатиот век.