Економија
Мицкоски: Само пет земји-членки на ЕУ имаат повисока стапка на БДП во третиот квартал
Во изминатите 6 месеци откако е избрана, оваа Влада е целосно насочена кон надминување на штетните последици од затекната девастирана и назадувана економија, изјави премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција.
„Овие 5 месеци работиме да се зацврси и зголеми бруто домашниот производ. Деноноќно се трудиме да помогнеме на бизнисот да создадеме услови за почесна трговија, без закани, уцени, притисоци и по принципот како до сега, да бидеме во чекор со барањата и потребите на економијата. И можам да кажам дека успеваме, а тоа го говорат и првите економски индикатори Според проценетите податоци на Државниот завод за статистика, стапката на раст на бруто-домашниот производ(БДП) во третото тримесечје од 2024 година тоа се месеците јули, август и септември, порасна за 3.0 отсто“, рече премиерот.
Како што додаде во услови на сложени гео-економски и политички случувања бројката од 3 проценти е една од најголемите во рамките на ЕУ. Само пет земји членки на ЕУ имаат повисока стапка на раст во третиот квартал, рече Мицкоски, а што се однесува во регионот помала стапка на раст во третиот квартал има две земји членки на ЕУ, тоа се Грција и Бугарија 2,4 проценти. Романија е во негативно салдо -0,3 проценти, Словенија е 1 процент. Негативни се стапките на раст на Естонија, Австрија, Латвија, Германија.
„Ако се анализираат податоците ревидирани од првите три квартали оваа годона, тогаш може да кажеме дека македонската економија БДП порасна во просек повеќе од 2,6 проценти, што претставува повеќе од предвидувањата на некои од меѓународните институции, мислам дека тоа беше Светка Банка која предвидуваше раст од 1,8 проценти за 2024 година на БДП на македонската економија. Очекуваме раст сличен и повисок во четвртиот квартал со што би се доближиле на годишно ниво од 3 проценти, што е многу повеќе од предвидените 1,8 проценти“, изјави Мицкоски.
Премиерот соопшти дека во третото тримесечје од 2024 година, поголем пораст е забележан во секторите: Трговија на големо и трговија на мало, Транспорт и складирање, Објекти за сместување и сервисни дејности со храна, Стручни, научни и технички дејности и Административни и помошни услужни дејности.
Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во третото тримесечје од 2024 година, номинално растеше за 3.9 %, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 67.7 %.
Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално е зголемен за 2.0 отсто.
„Покрај историски најголемиот раст на странски инвестиции кое до крај на годината очекуваме да надмине една милијарда евра, еве успеавме после консолидирање на македонската економија првите индикатори да бидат едни од најдобрите во Европа, секако и најдобри во регионот. Дали можеме и треба да сме задоволни? Одговорот е дека тука не застануваме и ќе продолжиме да работиме и за кратко време да заклучам имаме плус 3 проценти на БДП и рекордно ниво на странски инвестиции за кои како што кажавме до крајот на годината очекуваме да биде повеќе од 1 милијарда евра“, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски на економски и политички средби во Вашингтон: „Се лобира за интересите и напредок на државата“, велат од Владата
Во текот на вчерашниот ден, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, присуствуваше на дел од инаугурациските активности на новиот претседател на САД, кои се оддржаа во Вашингтон.
Тој оствари средба и со претседателот на Републиканската партија на САД, Мајкл Ватли, со кого го проследи поздравниот говор на американскиот претседател Доналд Трамп.
Меѓу другото, престојот во Вашингтон беше искористен и за многубројни средби на кои се лобира за македонските интереси, соопштија од владината прес-служба.
Премиерот Мицкоски на свеченоста „Гласови на слободата“, организирана од компаниите „Трамп медија“ и „Рамбл“, која се одржа по инаугурацијата, оствари средба со Ден Бонџино, еден од најблиските соработници на претседателот Трамп и најпознат политички десничарски коментатор.
„Разговор во кој зборувавме за Македонија, нашите предизвици, но и можности. Нашите аргументи и позиции се јасни и нашето стратешко партнерство со САД и со администрацијата на претседателот Трамп се силни. Се бориме дома за повисоки плати, пензии, нова инфраструктура, подобро здравство, поконкуретно образование, брзорастечка економија итн., но се бориме и во Брисел, Берлин, Париз, Лондон, Вашингтон итн., нашиот глас е сè посилен“, истакна за средбата премиерот на македонската влада, Мицкоски.
Истовремено, македонскиот премиер оствари разговор со Ендру Пејкоф, канадски бизнисмен со македонско потекло, основач и претседател на „Нијагара ботлинг“, компанија што има годишен приход од речиси 4 милијарди американски долари и приближно 5.000 вработени. Компанијата е основана 1963 година и денес е најголема компанија на американскиот пазар од оваа област.
„Инвестициите на ‘Нијагара ботлинг’ во Македонија се добредојдени. Македонската дијаспора е клучен елемент во системот, нашиот глас и аргументите да бидат појасни и посилни во светот. Обновуваме, но и создаваме нови можности и партнерства со секој што може да ѝ помогне на државата“, истакна Мицкоски за средбата.
Претседателот на македонската Влада, Христијан Мицкоски. се сретна и со Џеси Спиро, главен директор во „Тетер“ и одговорен за стратешките односи со владите во светот. „Тетер“ е најголемата компанија во светот, која управува со дигитален капитал, криптовалути. Профитот на компанијата во 2023 година е 6,2 милијарди американски долари, а само во првата половина од 2024 година профитот на компанијата е 5,2 милијарди американски долари.
За средбата Мицкоски истакна:
„Разговаравме за криптопазарот, иднината на криптовалутите и блокчејн-технологијата. Секоја инвестијата на ‘Тетер’ и споделено искуство од најголемите во својата област е добредојдено. Мора да чекориме со големи чекори напред. Предизвиците на иднината не смееме да ги игнорираме“.
Економија
И со намалени цени минималната кошничка за јануари е поголема за 391 денар, за преживување на четворица потребни се 62.861 денар
Вредноста на минималната синдикална кошничка што ја пресметува Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за јануари изнесува 63.252 денара или во сооднос со вредноста на синдикалната минимална кошничка за декември, која изнесуваше 62.861 денар, е зголемена за 391 денар, сооопшти денес претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов.
Делот за храна и пијалаци, место да бележи намалување за најмалку 10 проценти, како што ветуваа трговците, бележи зголемување за 123 денари.
„Загрижува она што од почетокот на минатата година до оваа година, или за 12 месеци, вредноста на синдикалната минимална кошничка во делот на храната и пијалаците е зголемен 10,43 %. За граѓаните, со последното ненамалување на цените од страна на овие алчни трговци, произлегува дека трошокот е зголемен најмалку 20 % имајќи предвид дека зголемувањето од 10 % и ненанамалувањето од 10 %, ако ги соберете, посиромашни сме за најмалку 20 %“, рече Трендафилов.
За една година минималната потрошувачка кошничка се зголемила 6.989 денари, односно скокнала 10,65 %, факт што Трендафилов вели дека ќе оневозможи инфлацијата во земјата да биде 3,5 % имајќи предвид дека синдикалната кошничка ги предвидува само најнеопходните производи со кои едно четиричлено семејство може да го протурка месецот.
Синдикатот го утврди она за што граѓаните алармираа – трговците ги зголемија цените 20 % кога немаше мерки за потоа фиктивно да ги намалат кога почна мерката. За откривање на ваквите случаи Трендафилов вели дека подготвуваат сериозни чекори.
„Како ССМ размислуваме да преземеме сериозни чекори и во насока на тоа им укажеме на граѓаните што е добро, а што лошо. Имајќи предвид дека сите ние знаеме дека во изминатите неколку месеци овие трговци се покажаа како далеку лош пример за македонската економија, особено ако знаеме дека минатата година имаа енормни профити и енормни добивки, а оваа година ССМ ќе се погрижи да ги извади сите завршни сметки на овие големи трговски маркети и синџри маркети за да видат како тие неоправдано се богатат на грбот на граѓаните и на работниците“, најави Трендафилов.
Трговците, по чии критериуми беше креирана последната мерка за намалување на цените за најмалку 10 %, Трендафилов смета дека ја прелажале Владата двапати повеќе отколку што ги прелажаа граѓаните. Тој апелира Владата, доколку навистина сака да им помогне на граѓаните, да креира мерки без да информира за тоа и без да прави консултации со трговците.
Економија
Народната банка и ЕБОР заеднички работат на олеснување на пристапот до финансии за жените претприемачи
Народната банка и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), преку Кодексот за финансирање на жените претприемачи во земјава, работат на зголемување на финансиската вклученост на жените претприемачи, преку активности за олеснување на пристапот до капитал, поддршка на развојот на вештините и знаењата, како и следењето на трендовите преку статистички податоци. Во рамките на мисијата на ЕБОР за спроведувањето на Кодексот во нашата земја, беше одржана средба помеѓу тимот на Народната банка предводен од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и тимот на ЕБОР, предводен од Фатих Туркменоглу, постојан претставник на ЕБОР во Македонија.
Целта на оваа мисија е согледување на можностите за обезбедување соодветни податоци како основа за анализа на родовите јазови во пристапот до финансии кај микропретпријатијата, малите и средните претпријатија и зголемување на свесноста за поддршката којашто треба да ја обезбеди Кодексот помеѓу сите релевантни институции во земјава. На состанокот се разговараше и за зајакнување на процесот на обединување на напорите на регулаторите и на давателите на финансиски услуги со цел да се прошират можностите за финансирање на жените претприемачи.
„Народната банка активно работи на едуцирање на корисниците на банкарски услуги, што придонесува за подобар пристап до финансии на сите субјекти, вклучително и на жените претприемачи. Финансиската едукација на жените, како и финансиската вклученост на малите и средните претпријатија се дел од активностите предвидени со Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија. Дополнително, Народната банка ќе работи на збогатување на статистиката за пристап до финансиите на компаниите кои се во сопственост на жени или се управувани од жени “, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
„Ни претставува задоволство што соработуваме со Народната банка во унапредувањето на Финансискиот код за претприемаштво кај жените во земјата. Оваа иницијатива ја истакнува нашата посветеност на зајакнувањето на финансиската вклученост на жените претприемачи, преку целна поддршка и пристап до капитал. Со заеднички сили, ЕБОР и Народната банка се стремат да ја зајакнат средината во која бизнисите со кои управуваат жени ќе постигнуваат успех, ќе го поттикнат економскиот раст и во која ќе владее родовата еднаквост“, посочи Туркменоглу, постојаниот претставник на ЕБОР во Македонија.
Кодексот за финансирање на жените претприемачи се применува и е поддржан од околу 30 земји во светот. Целта е да се воспостави координирано спроведување на Кодексот при што ќе бидат ангажирани што поголем број чинители − регулаторите, давателите на финансиски услуги и други партнери, коишто ќе работат заедно на изградбата на националната инфраструктура за обезбедување податоци и анализа на родовата финансиска вклученост, како и проширување на понудата на финансиски производи што им се нудат на жените претприемачи.
Тимовите на Народната банка и на ЕБОР оценија дека нивна заедничка цел е да се зајакне поддршката на бизнисите предводени од жени и залагањето за родовата еднаквост, што ќе придонесе за зголемена финансиска вклученост, отворање нови бизниси и работни места, како и за придвижување на економскиот раст.