Економија
ММФ: Народната банка соодветно ја затегна монетарната политика и придонесе за значително забавување на инфлацијата

„Народната банка презеде соодветни мерки за затегнување на монетарната политика, кои осигурија преполовување на инфлацијата во однос на ланскиот максимум“, се наведува во завршните согледувања на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), која од крајот на октомври па досега престојуваше во нашата земја како дел од редовните консултации што произлегуваат од членството на земјата во ММФ, како и во рамките на дискусиите за првиот преглед на кредитната линија за претпазливост и ликвидност (ПЛЛ). „Ваквата поставеност придонесе и за одржување на стабилноста на девизниот пазар, која беше надополнета и со преземените макропрудентни мерки, преку кои се зајакнува отпорноста на банкарскиот сектор, кој и натаму е стабилен и ликвиден“, се наведува од страна на Мисијата.
„ММФ посочува дека во изминатите осумнаесет месеци Народната банка соодветно ја затегнуваше монетарната поставеност, што доведе до забавување на кредитниот раст и намалување на вкупната и базичната инфлација, кои се намалија за повеќе од половина во однос на максимумот постигнат лани при истовремено стабилизирање и на девизниот пазар. Сепак, се истакнува дека постојат нагорни ризици за инфлацијата во следниот период, кои се поврзани, пред сѐ, со евентуалното опстојување на досегашниот висок раст на номиналните плати во економијата. Поради ова, се препорачува монетарната политика да остане соодветно затегната, а во случај овие ризици да се остварат се посочува на потребата од нејзино дополнително затегнување.
Понатаму, се посочува дека надворешнотрговското салдо значително е подобрено во однос на минатата година, во еден дел под влијание на остриот пад на глобалните цени на енергијата. Ваквите движења, заедно со натамошниот прилив на странски директни инвестиции, позитивно влијаат врз девизните резерви, кои и натаму се на соодветно ниво.
Во поглед на банкарскиот систем, ММФ смета дека тој е отпорен и покрај огромните глобални шокови, благодарение на силните биланси на банките пред почетокот на пандемијата, но и на мерките преземени од страна на централната банка за нивно дополнително зајакнување. Банките се ликвидни, добро капитализирани и профитабилни, депозитите и кредитите и натаму бележат раст, а нефункционалните кредити се на историски најниското ниво. Мисијата на ММФ искажува поддршка за макропрудентните мерки донесени од Народната банка, кои помагаат за задржување на финансиската стабилност преку намалување на притисоците на пазарот на недвижности“, се наведува во соопштението на Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Доколку има потреба, ќе се продолжи мерката за замрзнување на цените, вели Бектеши

Според министерот за економија Крешник Бектеши, мерките ги даваат своите резултати во делот на зачувување на животниот стандард.
Во случај, како што рече Бектеши, одредена мерка да се злоупотреби не само што ќе биде продолжена, туку ќе ги зајакнат и инспекциските капацитети.
Подвлече дека доколку има потреба, ќе се продолжи мерката за замрзнување на цените на прехранбените производи и по 1 јануари.
Сето тоа, како што појасни, ќе зависи од анализите што ќе ги направи Министерството за економија до крајот на годинава.
„Генерално прехранбената индустрија посебно трговијата на мало со храна и пијалаци веќе ја знаат лекцијата дека од страна на Министерството за економија нема да бидат дозволени злоупотреби“, рече Бектеши.
На прашање зошто беше потребен голем пакет на помош за граѓаните на само неколку месеци пред избори, Бектеши рече дека мерките се најавени од почетокот на годинава и не се мерки кои граѓаните не ги очекувале.
„Ветивме дека ни еден граѓанин нема да го почувствува товарот на енергетската и економската криза и дека како држава ќе ја покриеме разликата со цел да им излеземе во пресрет за тоа што е изгубено во минатото во делот на зголемување на инфлацијата и од влијанието на енергетската криза во делот на семејствата. Мерките се ветени на семејствата кои навистина имаа потешкотии во делот на справување со инфлацијата и со енергетската криза“, рече Бектеши.
Економија
Бектеши и Шакири ја презентираа новата мерка за ваучери за домашен туризам за студентите

Мерката ваучери за поддршка на домашниот туризам на Министерството за економија која беше наменета за работници со ниски приходи од следната година ќе биде наменета само за студентите во државните универзитети во државата.
Министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за образование и наука Јетон Шакири денеска одржаа работен состанок со претставници на студентските собранија на дел од државните универзитети на кои им ја презентираа оваа нова мерка.
Целта на состанокот беше заедно со претставниците на студентските здруженија да се утврдат критериумите по кои ќе се доделуваат ваучерите за домашен туризам.
„Денеска со студентите разговаравме за критериумите за доделување на ваучери за домашен туризам за студентите и за нивните очекувања од оваа мерка која Министерството ја реализира изминатите четири години за работниците со ниски приходи. Во соработка со Министерството за образование и наука донесовме оваа мерка на Министерството за економија следната година да биде наменета само за студентите. Сакаме на студентите да им дадеме можност да ги посетат домашните туристички места, да ги истражат туристичките потенцијали на земјата. За оваа цел се предвидени 64 милиони денари во буџетот на Министерството за економија. Вредноста на ваучерот ќе зависи од предлозите кои ќе дојдат од студентите, а во зависност од тоа ќе се знае и бројот на студенти кои ќе бидат опфатени, а според првичните проценки ќе бидат опфатени од 3.000 до 4.000 студенти од државните универзитети“ кажа министерот Бектеши по состанокот со претставниците на студентите.
Мерката како што кажа Бектеши е предвидено да почне да се реализира од јануари следната година, а ваучерите ќе може да се користат до крајот на следната година.
Шакири кажа дека Министерството за образование и наука заедно со Министерството со економија воведува нова мерка за подигнување на студентскиот стандард.
„Во минатото имавме повеќе мерки кои ги дискутиравме со сите здруженија на студенти во однос на повисока вредност на субвенционираниот студентскиот оброк, продолжувајќи со повисоки стипендии и сега продолжуваме со поддршка на студентите со ваучери за домашен туризам. Мерката е за поздравување бидејќи студентите во текот на своето студирање мора да ги мотивираме за да остварат подобри резултати, а со оваа мерка може да придонесеме и за туристичкиот развој на нашата земја“ кажа Шакири.
Оваа мерка е дополнување на мерките од деветтиот пакет антикризни мерки на Владата во делот на подобрување на студентскиот стандард, покрај поддршката за превоз за студентите и учениците.
Критериумите за ваучерите за студентите ќе бидат прецизирани во текот на следната недела и ќе произлезат од предлозите на студентските здруженија.
Економија
Виктор Андонов: Регионот треба да го следи примерот на ЕУ за декарбонизацијата на зелената енергија

На втората регионална конференција на еколошките и бизнис лидери „Look Up 2“, која се одржа во Копаоник, Република Србија, свое учество имаше и директорот за развој на инвестиции на АД ЕСМ, Виктор Андонов. Конференцијата ја отвори Министерката за земјоделство, шумарство и водостопанство Јелена Танасковиќ, а исто така свое обраќање имаше и Министерката за енергетика и рударство Дубравка Џедовиќ Хандановиќ. Посебно обраќање имаше и Јанис Варуфакис поранешен министер за финансии на Грција.
Директорот за развој и инвестиции Виктор Андонов даде свое излагање на панелот “Европската енергетска политика на примерот на регионот” на кој модератор беше Бојана Млаѓеновиќ од РТС, а останатите учесници беа Дамир Миљевиќ, RESET Центар за одржлива енергетска транзиција, Босна и Херцеговина, проф. Д-р Драгослава Стојиљковиќ, редовен професор на Машинскиот факултет на Универзитетот во Белград, Дејан Стојчевски, КОО SEEPEX, Глиго Вуковиќ, претставник на ЕУ Србија, и Горан Свилановиќ, поранешен генерален секретар на Советот за регионална соработка.
Разговарајќи на панелот директорот истакна дека треба да имаме во предвид дека зелениот план се однесува на цела Европа, а не само на Европската Унија, и изрази увереност дека регионот треба да го следи примерот на ЕУ за поефикасно спроведување на транзицијата кон декарбонизација.
„Сите во регионот сме исто зависни од јаглен и следствено на тоа декарбонизацијата ќе биде голем предизвик за сите нас. Но, треба да имаме во предвид дека Европската унија го донесе својот план, а кога се случи кризата минатата година, сите зборуваа дека Repower EU може да се промени, а спротивно на тоа ЕУ излезе со уште поамбициозен план. Тоа е јасен сигнал дека Европа оди во таа насока и ние мораме тоа да го следиме тој пример ако сакаме да ја постигнеме нашата цел. И иако денес сите зборуваа дека ЕУ има малку пари за енергетска транзиција, деновиве на COP 28 потпишавме меморандум со голем конзорциум меѓународни финансиски институции за фер енергетска транзиција, тежок околу 3 милијарди долари“, истакна Андонов на панел дискусијата.
Тој изрази задоволство од напредокот на енергетската транзиција во регионот и истакна дека во текот на последните четири години, капацитетот на фотонапонски централи се зголемил од 17 на 550 мегават, а токму ЕСМ како компанија беше предводник на енергетската транзиција, преку првата фотонапонска централа во рудникот Осломеј, која е пример за земјите од регионот.
„Доколку пред четири години некој ни кажеше дека целта беше да се зголеми капацитетот на 550 мегавати за само неколку години, никој немаше да верува во тоа, а денес веќе е реалност. Овој напредок е само почетокот на патот кон зелена енергија и декарбонизација, и пред нас сеуште ни престои долг пат кон остварувањето на целите на енергетската транзиција“, рече директорот Андонов.
Регионот има амбициозни планови за енергетска транзиција, интензивно се работи на привлекување на инвестиции за поддршка на овие проекти и со овие напори и сето она што досега е постигнато во Северна Македонија во однос на декарбонизацијата, државата е на добар пат кон побрза и полесна транзиција кон зелената агенда. Спомнувајќи ја стратегијата, Андонов на панелот потврди дека во моментов се развиваат и нови подзаконски акти токму за складирање енергија,односно за инсталирање на батерии, а паралелно се развива и нов законски пакет за енергетика со цел имплементација на Пакетот за чиста енергија.