Економија
Москва: Откажувањето на Софија од новиот систем за плаќање доведува до поскапување на гасот

Бугарското одбивање на новиот систем за плаќање гас предложен од Русија неизбежно ќе доведе до повисоки цени за крајните корисници. Ова го изјави во интервју за ТАСС, Јури Филипсон, директор на Четвртиот европски оддел на руското МНР.
„Во суштина Бугарите се соочени со сомнителни скапи шеми со кои американските корпорации и сите други посредници ќе заработат. Зголемувањето на цените за крајните корисници е неизбежно, а неоснованото обвинување за употреба на гасно оружје – како што е модерно сега – е обид да се обвини Русија“, рече тој.
Филипсон истакна дека Бугарија, која до неодамна ја имаше улогата на гасен центар за Балканот и за цела Европа, итно бара алтернативни извори и начини за увоз на сино гориво.
„Беа дадени ветувања за компензирање на дефицитот со купување течен природен гас во САД и резервирање на капацитетот на грчкиот терминал за негов прием“, додаде тој.
Според дипломатот, денес Русија е сведок на „обиди на официјална Софија да се самокоригира од силниот удар што властите им го нанесоа на бугарската економија и на социјалната сфера со учество во антируски санкции, со радикално толкување на релевантните пристапи на ЕУ, вклучително и отфрлање на шемата да плати за снабдувањето со природен гас предложен од Русија“.
Филипсон нагласи дека рускиот алгоритам за плаќање гас е транспарентен и едноставен.
„Многу европски компании веќе успешно го користат. Бугарските власти мора да одлучат дали ќе се префрлат на новиот платен систем за да го добијат горивото навреме, целосно и по разумна цена или ќе ја отфрлат иновацијата на штета на обичните граѓани и во корист на странскиот капитал. Што се однесува до Русија, ние остануваме чесен и доверлив снабдувач“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Нептун“ се здоби со сертификат „ФЕР со потрошувачот“

„Нептун Македонија“ се стекна со сертификатот „ФЕР со потрошувачот“ кој го доделува Организацијата на потрошувачите на Македонија врз доброволна основа. Доделувањето на сертификатот претставува потврда дека „Нептун“ е ориентиран кон почитување на правата на потрошувачите и посветено се грижи за задоволството на потрошувачите во сите области на делување.
„Нептун Македонија е компанија чија интенција е подобро да ги разбере потребите на потрошувачите, да ги идентификува клучните проблеми и трендови, и да ги отстрани сите причини за евентуално незадоволство кај нашите клиенти. Нашата цел е да создаваме амбиент за задоволни потрошувачи, да воведеме практики за подобро почитување на правата на потрошувачите преку доброволно прифаќање на кодекс за фер однос кон нив и истото да се отслика во работењето во рамките на сите работни единици на компанијата” – изјави раководителот на продажба на „Нептун Македонија“, Димитар Стојковски.
„Задоволство ни е да го поздравиме пристапувањето на Нептун кон процесот на сертификација. Тоа значи дека компанијата во сите наведени области ги исполнила условите и се стекна со сертификат – ФЕР со потрошувачот. Со сертификатот се верификува обврзаноста на Нептун да негува примерен однос кон потрошувачите, а со тоа да придонесе кон зголемување на нивната доверба и задоволство. Нептун претставува сертифицирана компанија која ќе биде објавена на веб-страницата ФЕР со потрошувачот за сертифицирани компании“ – изјави претседателката на ОПМ, д-р Маријана Лончар Велкова.
Сертификатот „ФЕР со потрошувачот“ се доделува на компании кои имаат имплементирано јасно дефинирана стратегија за заштита на безбедноста и здравјето на потрошувачите, примена на фер пазарни практики при информирање, рекламирање, означување и склучување договори со потрошувачите, техничка поддршка и решавање поплаки и спорови, кои гарантираат заштита на личните податоци на потрошувачите и нивната приватност, инвестираат во едукација и свесност на потрошувачите и се грижат за влијанието на производите врз животната средина.
(ПР)
Економија
Тренчевска: Ги унапредуваме законските решенија за жените земјоделки

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, учествуваше на состанок на работната група составена од претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделство и рурален развој, Министерството за здравство, ФЗОМ, УЈП, ПИОМ и Правниот факултет – Скопје, во организација на Националната федерација на фармери која го поттикна процесот на решавање на правен механизам за остварување на право на надоместок за мајчинство и боледување на регистрираните земјоделки.
Претставниците од институциите го посетија и семејството на Вангелина Пармачка, регистрирана земјоделка од Будинарци, Беровско, кои со децении наназад се занимаваат со овчарство, производство на овчо сирење и производи од овчо млеко. На фармата на Пармачка во работата се вклучени сите членови на семејството.
Тренчевска се заблагодари на можноста за посета на фармата Пармачка и изрази уверување дека со заедничка работа на институциите и граѓанскиот сектор, ќе се дојде до унапредување на законските решенија кои ги засегаат земјоделците, особено жените земјоделки.
Таа се осврна и на Конвенцијата за мајчинство, усвоена од Меѓународната организација на трудот, а ратификувана од нашата држава и неопходноста од нејзина имплементација, а го уредуваат прашањето за мајчинство.
„На еден транспарентен начин, со отвореност за предлози и идеи од сите засегнати страни, можеме да дојдеме до решенија кои ќе водат кон унапредување на човековите права на жените и кои ќе бидат усогласени со меѓународните и националните политики на државата. Нашата држава е претежно земјоделска земја и можностите за вработување во оваа дејност се големи. Токму затоа, креирањето на квалитетни државни политики и мерки за руралниот развој се од големо значење за луѓето кои живеат во руралните средини“, рече Тренчевска.
Министерката ја потенцираше целта на законските измени кои се во насока на подобрување на положбата на жената земјоделка.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој, Никица Бачовски, истакна дека Агенцијата како институција задолжена за имплементација на програмите за финанисиска поддршка во континиуитет ја докажува својата практична заложба за подобрување на економската положба на жените од руралните средини.
„Како резултат од работата на полето на родово-одговорното буџетирање, креирана беше мерката 115 од програмата за рурален развој, односно мерката за поддршка за активен женски член во земјоделско домаќинство. Оваа мерка објавена за првпат во 2019 година како пилот мерка по принцип на грант од 100% од направените прифатливи трошоци со максимална вредност до 3000 евра. На последниот јавен повик за истата мерка максималниот износ по корисник го зголемивме за дупло, односно од 3.000 на 6.000 евра“, рече Бачовски.
Економија
Дополнителна субвенција од 5.760 денари по хектар за земјоделците со житни култури

Националниот план за производство на храна содржи мерки за директна поддршка на земјоделците, со акцент на житните култури. Обезбедена е дополнителна мотивирачка мерка за производителите на житни култури од 5.760 денари по хектар за сите земјоделци кои имаат остварен принос од еден или повеќе хектари површина со пченица, јачмен, рж, овест и сончоглед и ќе го предадат во домашни преработувачки или откупни капацитети, соопшти Министерството за земјоделство.
„Од оваа година оваа дополнителна мерка е изменета, па ограничувањето на приносот од 5 до 50 хектари, кое претходно важеше, е заменето и истата мерка, од април ова година важи без ограничување од еден хектар, па нагоре за сите производители на житни култури. Оваа дополнителна финансиска поддршка на земјоделците им овозможува дополнителни средства како поддршка при процесот на производство на житни култури. Ги повикуваме сите земјоделци производители на житни култури да аплицираат и да ја искористат оваа мерка, крајниот рок за аплицирање по оваа мерка, за дополнителна поддршка од речиси 100 евра за зголемен принос е до крајот на октомври оваа година“, стои во нивното соопштение.
Донесениот Национален план за производство на храна обезбедува поддршка за земјоделците и при набавка на вештачко ѓубриво, а веќе поддршка по оваа мерка преку Интервентниот фонд е исплатена до 3.304 земјоделци.
Министерството за производителите на житни култури распиша и посебен јавен оглас за доделување под закуп на државно земјоделско земјиште над 3 хектари, распоредено во 14 региони низ државата со вкупна површина од 5.722 хектари. Овој оглас предизвика голем интерес кај земјоделците и веќе со министерството се склучени рекордни 258 договори за закуп, информираат од оваа институција.