Економија
Над 40 милиони евра поддршка за стопанството со бескаматни и поволни кредитни линии преку Развојната банка

Бескаматни и поволни кредитни линии им се ставаат на располагање на компаниите за да се поддржат во време на енергетска криза како дел од последните пакет-мерки што ги усвои Владата. Кредитните линии се воспоставуваат преку Развојната банка на Северна Македонија (РБСМ) за што Владата завчера на седница усвои информација и го задолжи министерот за финансии да ги потпише договорите со РБСМ за нивно администрирање, информира Министерството за финансии.
Станува збор за три кредитни линии дизајнирани за поддршка на приватниот сектор.
Првата – бескаматна кредитна линија за обртни средства за компании директно погодени од енергетската и економската криза преку директно кредитирање од РБСМ во износ од 5 милиони евра, Втората – бескаматна кредитна линија за обртни средства за зголемени цени на енергенти преку банки учеснички во вредност од 10 милиони евра и третата – кредитна линија за енергетска ефикасност (ЕЕ) и обновливи извори на енергија (ОИЕ) преку банки учеснички во износ од 10 милиони евра, но интенцијата и начинот на кој се креирани овие кредитни линии е, покрај овие 25 милиони евра буџетски средства, да генерираат дополнителни двојно повеќе средства, и тоа над 40 милиони евра и со тоа да се даде позитивен импакт во економијата.
Кредитната линија за обртни средства за компании погодени од енергетската и економската криза преку директно кредитирање од РБСМ е наменета за микро, мали и за средни трговски друштва, трговци поединци, занаетчии што се од секторот производство на храна во согласност со шифрата на дејност. Важно да се напомене дека крајните корисници ќе ги добијат средствата без камата, односно камата е 0 %, со шест месеци грејс период за отплата, притоа во зависност од времетрањето на отплатата предвидена e и грант компонента од 10 или 20 %.
Преку бескаматна кредитна линија за обртни средства за зголемени цени на енергенти се обезбедуваат 10 милиони евра за микро, мали и за средни трговски друштва, како и трговци поединци и занаетчии. Средствата ќе се пласираат преку комерцијалните банки кои ќе изразат интерес за учество, а кои ќе треба да учествуваат со 50 %, односно вкупниот ефект во стопанството да биде 20 милиони евра. Предвидено е банките да пресметуваат каматна стапка до 3,5 % годишно за својот дел од кредитот (или просечно до 1,75 % на вкупниот кредит), притоа таакон деловните банки ќе биде целосно субвенционирана, со што крајната каматна стапка за крајните корисници, односно компаниите, ќе изнесува 0 %.
Третата кредитна линија наменета за инвестиции во основни средства, односно енергетска ефикасност (ЕЕ) и обновливи извори на енергија (ОИЕ) во износ од 10 милиони евра е наменета за микро, мали и за средни трговски друштва, како и трговци поединци и занаетчии и приватни здравствени установи. Ќе се пласира исто така преку комерцијалните банки, при што 60 % од проектот ќе се кредитира преку оваа кредитна линија,а 40 % од сопствени средства на инвеститорот или кредит од банката учесник. Услови под кои ќе се пласира кредитот кон крајниот корисник е отплата до 8 години со грејс период до 12 месеци за енергетска ефикасност и 12 години отплата со грејс период до 24 месеци за проекти за обновливи извори на енергија. Каматната стапка што банките учеснички ќе ја наплатуваат од крајните корисници е 1,6 % годишно.
Трите кредитни линии се дел од пакет-мерките на Владата, што се конципирани во три насоки: да влијаат на цените на прехранбените производи, да влијаат на цените на енергeнтите и поддршка на ликвидноста на стопанството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Претседател на ССК, Ангелоски: Бизнисите да реагираат претприемачки, институциите да обезбедат поддршка

Ситуацијата во која се наоѓаат бизнисите е исклучително тешка и неизвесна, економските оператори немаат резерви со кои би можеле да ја одржуваат нарушената ликвидност, бидејќи кризата со која се соочуваме трае многу долго, а предизвиците се надоврзуваат еден на друг. За да се постигне баланс и надминување на предизвиците деловните субјекти мора да реагираат претприемачки, односно да бараат нова шанса во секој проблем, но и да добијат соодветна добро димензионира и таргетирана поддршка од државата, истакна претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски кој учествуваше на „Марили бизнис форум“ кој денеска се одржува во „Инекс Олгица Хотел“ Охрид. Претседателот го истакна и значењето на жените во бизнисот и женското претприемништво и активноста на жените претприемачки во ССК и воопшто. На форумот како учесник и спонзор беше и Тања Дејаноска, претседателката на Комората на приватно здравство при Сојузот.
„Кризната ситуација во која се наоѓаме веќе трета години целосно го промени начинот на водење на бизнис. За да се остане во игра, односно да се сочува деловната активност треба да се развијат нови вештини како и нагласена способност за прилагодување. Растот на цените на енергенсите предизвика сериозен раст на инпутите во производните процеси, зголемувањето е на дневно основа и многу тешко се планира и одржува деловната активност. Синџирите на снабдување целосно се нарушени. Прогнозите за наредниот период се многу неизвесни, сите релевантни финансиски институции ги коригираат очекувањата за стабилизација на економиите и го одложуваат периодот за враќање на состојбите пред почеток на кризата. Пакетот на мерки кои го донесе Владата има позитивен ефект во надминување на несаканите ефекти, но сметаме дека постои простор за нивно надополнување и модификација бидејќи мерките имаат пренагласена социјална компонента и треба да се насочени повеќе кон поддршка на реалниот сектор бидејќи таму се креира додадена вредност, истакна Ангелоски кој беше панелист во сесијата „Економски баланс- турбулентни предизвици“, заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Ангелоски истакна дека и Сојузот се насочува кон креирање на нови можности за своите членови преку вклучување во нови регионални иницијативи како што е „Зелен навигатор на Западен Балкан“, кој ќе обезбеди поддршка во зелената трансформација на економијата.
„Иницијативата „Зелен навигатор на Западен Балкан“ делува во насока на намалувањето на влијанието на климатските промени врз регионалната економија и општеството воопшто. Значајно е тоа што преку „Зелен навигатор“ во фаза на акредитација е Зелен климатски фонд, преку кој ќе се финансираат климатски одговорни инвестиции во приватниот и во јавниот сектор во земјите од Западен Балкан, што ќе биде значаен придонес кон забрзување на зелената трансформација“, истакна Ангелоски.
Во панел дискусијата тој потенцираше дека во нашата земја жената како човечки капитал не е ставена во функција на економски раст и развој бидејќи половина од работоспособното женско население воопшто не се наоѓа на пазарот на труд.
„Ако сакаме да постигнеме побрзо надминување на последиците од кризата и економско закрепнување неопходно е да со создаде поволно окружување во земјата кое ќе создаде услови за вработување и самовработување на жените. Сојузот со години наназад работи на креирање политики за поддршка на женското претприемништво, но факт е дека има уште многу што да се направи. Најголеми предизвици со кои се соочуваат жeните кои сакаат да отворат бизнис се стереотипите за улогата на жената во нашето општество што преставува серозен обесхрабрувачки фактор и пристапот до финансиски средства. На централно и локално ниво поттикнуваме и стимулираме креирање мерки и политики за вклучување на жените на пазарот на труд. Факт е дека жените повеќе се присутни во трудо-интензивни бизниси, но еден од аспектите на проектот е и нивно насочување кон многу попрофитабилните гранки“, потенцираше претседателот на Сојузот на стопански комори.
Економија
СДСМ: Мицкоски призна дека негови градоначалници правеле злоупотреби со уличното осветлување

Со невешти оправдувања, Христијан Мицкоски денеска призна дека дел од општините раководени од ВМРО-ДПМНЕ направиле злоупотреба, формирајќи јавни претпријатија преку кои електричната енергија за улично осветлување од ЕВН ја добиваат по цена за домаќинства, реагира СДСМ по прес-конференцијата на Мицкоски.
„Мицкоски треба да знае дека АД ЕСМ произведува електрична енергија за граѓаните и стопанството, а не за неговите градоначалници да прават малверзации со струјата на штета на граѓаните.
Преку одговорен пристап АД ЕСМ ја надминува енергетската криза, без притоа да има какви било рестрикции или драстично зголемување на цената како што беше случај со некои држави во регионот и Европа.
Наместо да ги правда, ВМРО-ДПМНЕ да ги каже општините каде неговите градоначалници преку злоупотреби го прекршиле законот и на тој начин предизвикуваат поголемо покачување на цената на електричната енергија.
Голема е нервозата на Мицкоски откако се откри дека негови градоначалници го изиграле законот за да обезбедат поевтино улично осветлување, но и откако се откри дека негови соработници и членови на ВМРО-ДПМНЕ преку малверзации со земјиште каде се проневерени 1,6 милиони евра, па затоа се заканува со тужби.
ВМРО-ДПМНЕ предводена од Мицкоски останува партија на криминал, малверзации и дејствување на штета на граѓаните и државата“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Економија
EСМ: Мицкоски покажува незнаење од неочекувани размери за производството на електрична енергија

Реакција на ЕСМ по прес-конференцијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски:
„Го потсетуваме Христијан Мицкоски дека АД ЕСМ произведува електрична енергија за граѓаните, односно за домаќинствата, а не за општините или некакви малверзации од општини. АД ЕСМ е заштитник на цената на електричната енергија и гарант за спречување ценовен шок за граѓаните. АД ЕСМ испорачува енергија кон ЕВН Хоум по регулирана цена се со цел високите пазарни цени на берзите да не ги погодат граѓаните. Незнааењето или злонамерноста на Мицкоски се недозволиви во овие размери. АД ЕСМ ја надмина енергетската криза со која се соочи државата без ниеден ден рестрикција на струја и без запирање на испораката, вложувајќи ги сите сили и со голема поддршка од Владата.
На крајот, не е јасно што сака Мицкоски да покаже со тоа што пред камерите ги држи фотографиите од поплавениот рудник Суводол, кои АД ЕСМ денеска ги испрати до сите медиуми со цел информирање на јавноста. Доколку Христијан Мицковски се сити на работниците во поплавените рудници кои ги презедоа и ги преземаат сите дејства за канализирање на природните води, се со цел да ги искористи условите на работниците и рудниците за да нанесе штета на раководството или на државните структури, тоа е за секаква осуда“.