Економија
Над 900 производи со пониски цени до 15 јануари

Со стартот на акцијата „Новогодишна кошница“, граѓаните ќе имаат можност да купат повеќе од 900 производи по намалени цени од најмалку 10 проценти. Акцијата, која е иницирана од Владата, ќе трае до 15 јануари и опфаќа разновидни производи, меѓу кои се леб, месо, млеко, овошје, зеленчук, кондиторски производи и пијалаци. Овие производи ќе бидат јасно обележани со налепницата „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, што е официјалното лого на оваа кампања.
Првично, акцијата беше најавена со 600 производи, но бројката значително се зголеми на 900 производи благодарение на интересот на компаниите. Според заменик-министерот за економија Марјан Ристески, вкупно 83 компании веќе се приклучија кон оваа иницијатива.
„Интересот за акцијата е голем, а граѓаните ќе имаат можност да купуваат производи со значително пониски цени за празниците. Апелирам компаниите доследно да ја почитуваат иницијативата која самите ја предложија,“ напиша Ристески на своите социјални мрежи, додавајќи дека доколку има неправилности, граѓаните можат да се обратат до Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
ДПИ веќе започна со мониторинг на цените за да се осигура дека трговците ќе се придржуваат кон намалувањето од 10 проценти. Според извештаите, инспекторите ги следат цените на производите од акциската листа и нивните најниски вредности во последните 30 дена, со цел да се спречат евентуални злоупотреби.
Владата уверува дека акцијата ќе има позитивен ефект врз семејниот буџет. Премиерот Христијан Мицкоски изрази оптимизам, нагласувајќи дека акцијата е резултат на заеднички договор меѓу Владата, стопанските комори, производителите и трговците.
„Очекуваме оваа мерка да придонесе за побогата празнична трпеза на граѓаните. Акцијата е доброволна, а нашата улога е да обезбедиме нејзина транспарентност и почитување од страна на трговците“, истакна Мицкоски.
Сепак, синдикатите остануваат критични. Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) предупредија дека ќе следат дали намалените цени ќе останат стабилни за време на акцијата и по нејзиното завршување. Според нив, синдикалната минимална кошничка ќе биде главен индикатор за ефективноста на оваа мерка.
Во ноември годинава, трошоците за живот пораснаа за 4,3 проценти во споредба со истиот период лани, а цените на мало се зголемија за 4 проценти, според Државниот завод за статистика. Со оглед на зголемените цени, Владата планира слични акции и за другите големи празници, како што се Велигден и Рамазан.
Покрај акциите, Законот за нефер трговски практики кој стапи во сила во септември, дополнително ги ограничува профитните маржи на околу 2.500 производи, со цел трајно намалување на цените. Трговците, според законот, нема да смеат да наплаќаат дополнителни трошоци за маркетинг или репрезентација, што треба да донесе дополнителни олеснувања за потрошувачите.
Синдикатите и Владата повикуваат трговците да покажат општествена одговорност и да не ја злоупотребуваат акцијата. Доколку се утврдат неправилности, ќе се разгледаат и ригорозни казнени мерки. Граѓаните се охрабруваат да пријавуваат било какви злоупотреби преку бесплатниот телефон 191 или на веб-страницата на ДПИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ограничени маржите на над 1.000 производи, одлучи Владата

Владата донесе одлука со која се ограничува маржата во трговијата на големо и трговијата на мало на 102 групи на производи или на над 1.000 прехранбени и непрехранбени производи, информира на прес-конференција заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески. Ова како што додаде е со цел да се заштити животниот стандард на населението односно да се намалат трошоците за живот во потрошувачката кошница за храна и пијалаци и кај средствата за лична хигиена.
Како што појасни на пет отсто се ограничува маржата на основните осум прехранбени производи и тоа: леб, брашно тип 400 и тип 500, јајца, масло за јадење, млеко, јогурт и кисело млеко.
Маржа од десет отсто се ограничува за група од 55 прехранбени производи: месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз и тестенини. Ограничување на 15 отсто бруто-профитна маржа, пак, ќе се применува на 39 групи прехранбени производи и средства за хигиена и тоа: свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и слично.
Учесниците во трговијата се задолжени како што потенцира Ристески, сите овие производи да бидат 70 проценти застапени на рафтовите.
„Втората одлука којашто ја донесе Владата е утврдување на највисоки цени на осум групи основни прехранбени производи во трговијата на големо и мало при што како највисоки цени се утврдуваат цените што се применувале на 1 февруари 2025 година. Двете одлуки ќе стапат во сила следниот ден откако ќе бидат објавени во службен весник и ќе траат до 30 април“, информира тој.
„Нашите очекувања се дека со овие две одлуки цените на основните прехранбени производи кои се содржани во одлуката ќе се намалат во просек од 10 отсто, освен осумте прехранбени производи, за кои се очекува да останат на исто ниво односно да не се зголемуваат цените или да има минимално намалување на овие цени“, додаде Ристески.
Економија
Започнува кампањата за информирање на граѓаните за jавниот повик од ИПАРД програмата 2021-2027 за мерката 1

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Телото за управување со ИПАРД, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството започнуваат кампања за информирање на потенцијалните корисници по однос на можностите кои ги нуди инструментот за претпристапна помош на Европската унија за рурален развој – ИПАРД Програма.
Во рамки на кампањата, а по повод последниот објавен повик од ИПАРД Програмата 2021-2027 (ИПАРД 3) за мерката 1 – Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства, ќе се одржат инфо-денови во повеќе градови, села и населени места, каде што заинтересираните корисници (физички, правни лица, задруги, задружни правни лица итн.) ќе можат да се информираат за постапките и условите за аплицирање со цел користење на средства од оваа програма.
На 20 февруари 2025 година, инфо денови ќе се одржат во општина Новаци, со почеток од 11:00 часот во општинската сала и во општина Могила со почеток од 14:00 часот во салата на Oпштина Могила.
Информациите околу деталите, потребните документи и јавните повици, сите заинтересирани може да ги добијат во Телото за управување со ИПАРД фондовите при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.
Економија
Од полноќ ново поскапување на горивата

Mалопродажните цени на нафтените деривати согласно Методологијата за формирање на цените, се зголемуваат во просек за 0,33%.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), се зголемуваат за 0,50 ден/лит, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 10.02.2025 година и со тоа, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 80,00 ден/лит, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 82,00 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) изнесува 73,50 ден/лит
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 10.02.2025 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 74,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 0,802 ден/кг, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 10.02.2025 година и со тоа малопродажната цена на Мазутот М-1 НС изнесува 47,209 ден/кг.