Економија
Народната банка го објави конкурсот за годишната награда за млади истражувачи за 2024 година
Народната банка го објави конкурсот за годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2024 година. Наградата се доделува заради поттикнување на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи, како и афирмација на млади и стручни кадри.
Кој може да учествува?
Право за учество на конкурсот имаат државјаните на Република Северна Македнонија на возраст до 35 години. Вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка немаат право на учество на конкурсот.
Што треба да содржи трудот со кој се конкурира?
Tрудот треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празните места (без фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, апстрактот, библиографијата, анексите) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување, кое ги содржи следниве основни делови:
· апстракт, како и назначување на областа на истражување според стандардната класификација (Journal of Economic Literature – JEL);
· осврт на консултираната литература од областа што се истражува;
· опис на методите на истражување што се користат во трудот;
· анализа;
· заклучни согледувања и
· библиографија.
Дали може да се конкурира и со труд што веќе бил објавен?
Авторите имаат право да конкурираат на конкурсот за избор на најдобар труд и со труд што веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2022 година. При поднесувањето труд што веќе бил објавен авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.
Како и каде се поднесуваат трудовите?
Трудовите се поднесуваат до Народната банка со назнака: „За годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија“, по електронски пат во формат word, на е-адресата: [email protected]. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.
Еден автор има право да поднесе само еден труд. Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или на англиски јазик.
Според кои критериуми ќе се вреднуваат трудовите?
· Релевантност на истражуваното подрачје за македонскиот случај;
· Соодветност на освртот на литературата од анализираното подрачје;
· Јасност во дефинирањето на проблемот и на целите на истражувањето;
· Соодветност на описот на контекстот и информациите (соодветност на анализата на трендовите во анализираното подрачје во Република Северна Македонија);
· Соодветност на користениот статистичко-економетриски пристап;
· Конзистентност и логичност на тезите во трудот;
· Заклучоци и препораки и нивна соодветност.
Кој е крајниот рок за доставување на трудовите?
Краен рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2024 година.
Од што се состои годишната награда?
Наградата е во парична форма, која за првонаградениот труд изнесува 100.000 денари, а втората награда изнесува 50.000 денари.
Каде е објавен конкурсот?
Конкурсот е објавен на веб-страницата на Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатена Еврообврзницата во износ од 500 милиони евра издадена во 2018 година
Министерството за финансии денеска ја исплати Еврообвзницата издадена во 2018 година во износ од 500 милиони евра.
„Денеска во целост ја исплативме Еврообврзницата издадена во 2018 година на износ од 500 милиони евра, а која доспеваше за исплата на 18 јануари 2025 година. Со цел да се обезбедат средства по најниски трошоци за исплата на оваа Еврообврзница, беше потпишан Договор за заем со унгарската Експорт-импорт банка. Условите под кои ги добивме средствата направија заштеди на буџетот по основ на камати и по основ на провизии. Ќе продолжиме со политиките на редовно и навремено сервисирање на обврските и обезбедување средства по најповолни услови“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и додаде дека 2025 година ја почнуваме со ликвидни и стабилни јавни финансии кои ќе овозможат редовно и навремено сервисирање на обврските.
Средствата за сервисирање на оваа обврска која доспеавше на 18 јануари 2025 година беа обезбедени преку заем од унгарската Експорт-импорт банка по поволни услови со камата од 3,25%, рок на отплата 15 години, со вклучен грејс период од 3 години.
Земјата досега има издадено 9 еврообврзници, од кои шест се веќе исплатени, а во наредните години доспеаваат за отплата уште 3 еврообврзници издадени во 2020, 2021 и 2023 година во вкупен износ од 1,9 милијарди евра.
Економија
Од полноќ повисоки цени на бензинот и дизелот
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,16 отсто во однос на одлуката од 17 јануари.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,747%, кај дизелот за 1,791%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,516% и кај мазутот зголемувањето е за 0,921%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,0771%.
Од 21.1.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 81,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 83,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 76,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 75,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 46,673 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,337 ден/кг и сега ќе изнесува 46,673 ден/кг.
Регулаторна напоменува дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 21.1.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
УЈП со потсетување до даночните обврзници: рокот за поднесување на ДДВ-04 пријавите е до 27 јануари
Управата за јавни приходи ги потсетува даночните обврзници, кои имаат обврска да поднесат ДДВ-04 пријави, дека рокот за поднесување е до 27 јануари 2025 година.
До денес, од вкупно 41.531 очекувани ДДВ-04 пријави, поднесени се 6.253 пријави, што претставува само 15,1 % од вкупниот број. Остануваат уште 35.278 ДДВ-04 пријави, кои треба да се поднесат во преостанатите денови, соопштија од УЈП.
Апелираат граѓани да бидат одговорни даночни обврзници и да ги достават сите потребни документи до сметководителите со цел навремено и точно да се обработат нивните ДДВ-04 пријави за овој даночен период.